„Причина за смрт“: Поетична аутопсија на фемицидот низ историјата

Пламени јазици. Тупаници. Давење. Каменување. Според извештаите од аутопсија, причините за смртта се физички повреди на телото. Според краткиот експериментален документарец Причина за смрт на Џиоти Мистри, тоа е константното насилство врз жената низ историјата. Преку архивски снимки, впечатлива анимација и поетска нарација, режисерката ги разоткрива сите форми на фемицид, дел од кои можеме да ги посведочиме и денес, истовремено нагласувајќи ги женската слобода и сила.

 

Филмот на Мистри постојано превира помеѓу убавината на инаквоста на повеќе генерации жени и случаите на сурово насилство врз жената. Токму тие нагли промени го прават филмот тежок и необичен за гледање, но овојпат целта ги оправдува средствата. Опсежниот избор на архивски материјал од музејот EYE Filmmuseum во Амстердам прикажува жени од различни општествени контексти и култури – секоја од нив со своја личотија и со свое бреме на плеќите, буквално и метафорички. Без разлика дали изведува ритуал во африканско племе или настапува во циркус, ТАА е волчица, мајка-змеј и сребрена месечина. Не случајно Мистри ги одбира овие симболи по кои често се посегнувало во фолклорот за да се воспеат женската сила, фокус, храброст, чистота и енергија. Оваа ахроматска документаристичка магија се разбива со морбидните анимации на Киган Харис кои на вознемирувачки начин ги илустрираат причините за смртта на жените низ историјата.

Голем дел од тежината на краткиот документарец носи слем-поезијата на самата режисерка и Напо Машаене. Нарацијата на Машаене има репетитивен и медитативен призвук што како да ја хипнотизира и комплетно обзема публиката. Нејзиниот глас е моќен и нежен, но никогаш слаб и несигурен, а тоа соодветствува со визуелната презентација на жената во овој филм. Аудио впечатокот се надополнува со динамичната музика на Питер Корнел во која доминираат етно-елементи. Вештата монтажа, пак, на Ники Комнинос е заслужна за шокирачкиот ефект што се создава кај гледачите по бруталните анимации што ги „сечат“ историските снимки.

Иако овој документарец обработува проблем што често се провлекува во филмските остварувања, неговата револуционерност лежи во начинот на кој го анализира насилството врз жената. „Причина за смрт“ навистина шокира. И треба. Колку и да е непријатно да се гледа спалување, бесење и претепување на една жена, макар тоа било „само“ анимација, факт е дека тука се зборува за судбината на многу жени во светот. Уште пострашно е што истото се случува и денес.

Можеби 19 минути се чинат малку за да се опфатат сите аспекти на овој комплексен и сѐ уште актуелен нуспроизвод на патријархатот, но филмот на Мистри успева да го стори тоа и да отвори нови прашања. Колку често причината за смртта на една жена е самото тоа што е жена? Зошто понекогаш љубовта претставува животна опасност за жената, кога тоа е нејзиниот извор на живот? Кога ќе стане јасно еднаш засекогаш дека жената е слободна, своја, си припаѓа себеси и никому друг?!

Марија Лукаревска

 

*Во соработка со Tiiiit! Inc., добивме можност да ги погледнеме филмовите селектирани за филмската програма "Ова не е сон за заеднички јазик, туку за моќна и неверна хетероглосија”, курирана од Кумјана Новакова, на „Прво Па Женско“ 2021. Ова е една од напишаните рецензии.

Извор Гледај.мк