Женскиот поглед кадриран: одблизу и оддалеку

Во филмската теорија се дефинира дистанцата помеѓу снименото и објективот, па потоа меѓу објективот и гледачот. Така се создава релацијата меѓу гледачот и тоа што го гледа. Во „Земја Женска“ (анг. Terra Femme), режисерката Кортни Стивенс прави обид да ја истражува оваа врска без да учествува во неа. Станува збор за документарец составен од аматерски патописи снимени од жени меѓу дваесеттите и четириесеттите години на минатиот век, пропратени со монолог кој повеќе потсетува на интроспективно поетско читање отколку на филмска нарација. Режисерката можела да користи свои снимки, но така ќе пропуштеше шанса да биде совршен набљудувач на просторот околу жената, онаков каков што таа го восприема. Стивенс вели дека со овој филм го надоместува отсуството на херои во својот живот, како и присуството на празнини во нејзиниот мозок откриени со магнетна резонанца – несигурна, дури и мистериозна дијагноза. 

Централна идеја во „Земја Женска“ е истражувањето на женскиот поглед  (анг. the female gaze) – како начин на кој жените гледаат на сите нешта во светот. Но, кога Стивенс се обидува да го дефинира, таа е соочена со интерсекционалноста, поим кој повикува на тоа дека човекот истовремено може да страда од различни форми на стратификација и доминација во едно општество. Една жена не е само жена, таа е и нејзиното образование, раса, социјална класа… Барајќи вистини за женскиот поглед, авторката е соочена и со колонијализамот и западниот паразитизам на раниот 20 век, доловени токму од жените кои снимале на нивните патувања во Индија, Египет, Алжир, како образовани, бели членки на високата класа, или како сопруги на офицери стационирани во Британски комонвелт и други империјалистички конфигурации. „Барајќи докази за женското ослободување,” вели Стивенс, „најдов други форми на угнетување.“

Останува прашањето дали „Земја Женска“ е храбар филм. Кога Стивенс се обидува да направи генерализирана слика на опфатените проблематики, губи на вистинитост. Кога се стреми да запази некаква релативност, губи дел од својата смелост. Но, ја нема тенденцијата на некои феминистички мислители да ја гради својата теорија врз паралели помеѓу машката и женската реалност. Напротив, таа создава простор кој е скапоцен бидејќи е единствено женски. Сепак, филмот главно се обраќа на избрана публика која во животот била привилегирана со  интелектуални услови за толкување на овие теми. Се прашувам дали остатокот од жените ќе се поврзат со нив на интуитивно ниво.

Постои ли некаков женски поглед? Којзнае. Ова прашање на моменти се запоставува во филмот, како што погледот на Стивенс се претопува во единствениот понуден на гледачот. Можеби ова е и доказот дека жените навистина го гледаат светот на различен начин. И да не е така, и да нема начин да се дознае одговорот на тоа прашање, „Земја Женска“ е филм од голем философски интерес за секое женско чедо. Топло препорачувам.

Севдалина Дамевска

*Во соработка со Tiiiit! Inc., рецензентите ги погледнаа филмовите селектирани за филмската програма „Ова не е сон за заеднички јазик, туку за моќна и неверна хетероглосија“, курирана од Кумјана Новакова, на „Прво Па Женско“ 2021. Ова е една од напишаните рецензии.