Еден „клик“ може да уништи цел живот: Интервју со Дина Дума

Првиот долгометражен филм на Дина Дума „Сестри“ ја освои специјалната награда за најдобар филм во селекцијата „Источно од Западот“ на филмскиот фестивал во Карлови Вари, Чешка. „Сестри“ е приказна за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест, откако се соочени со последиците од нивното однесување.

Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Миа Жиро. Продуцентка на филмот е Марија Димитрова, сценариото го потпишуваат Дина Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата е на Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите се на Роза Трајческа Ристовска, шминката на Жанета Димитриевска, а музиката е на Игор Василев – Новоградска.

За приказната околу снимањето на „Сестри“, женското учество во филмската индустрија и што значи тоа да си тинејџерка денес поразговаравме со режисерката Дина Дума. Интервјуто го водеше Елена Петрова.

 

  1. Драга Дина, „Сестри“ е твојот прв долгометражен филм. Дојдовме до сознание дека и дел од филмската екипа работи првпат на еден ваков проект. Какво беше вашето генерално искуство при снимањето?

И покрај тоа што голем дел од авторската екипа беа дебитанти, за мене тоа не претставуваше стрес затоа што со нив соработувам уште од студентски денови и знаев дека нивниот талент одличнo ќе се вклопи во филмот. Филмот се снимаше шест недели на разни локации низ Скопје и за мене беше возбудливо искуство. 

  1. Повеќето од актерките во филмот се првпат пред камера, што е и ваша свесна и намерна одлука. Кажете ми нешто повеќе за тоа зошто се решивте во овој филм да вклучите актерки кои до сега не се занимавале прфесионално со актерството. Како тоа влијаеше врз целиот процес?

Уште додека го пишував сценариото знаев дека за да ја постигнам автентичноста на светот на адолесцентите ќе биде потребно да кастирам тинејџери кои нема да имаат претходно искуство со глума и снимање. Иако беше огромен ризик, бев свесна дека токму оваа одлука е клучна за да го постигнам натуралистичкиот пристап кој сметав дека му е потребен на филмот. 

За мене ова беше целосно нов пристап, досега не сум работела на овој начин. За мене беше важно девојките и целата актерска екипа која учествуваше во филмот да допринесат до приказната со сопствени искуства. Главниот каст го прочита сценариото еднаш и потоа беа охрабрени да импровизираат на сет. 

  1. Работевте со тим од жени за време на снимањето, а и приказната го централизира женското другарство и релациите кои девојките ги градат меѓу себе за време на тинејџерските години. Оттука, се отвора дискусија за тоа како женскиот поглед ја врамува ваквата приказна, којашто се занимава со slut-shaming, друштвено исклучување и конечно – што значи да се биде средношколка денес. Како женскиот поглед раскажува една ваква приказна?

Да се биде средношколка денес не е е многу различно од тоа кога јас сум растела, но дополнително на тоа сега има социјални медиуми со кои оваа млада генерација е опседната. Еден „клик“ може да уништи цел живот и токму тука сакав да го ставам акцентот. Slut-shaming и друштвено исклучување е честа појава во училиштата и тоа се случува само врз девојките. Имав ретка шанса да поразговарам со околу 100 девојки на кастингот кои беа отворени да ги споделат нивните приказни на оваа тема. Набргу кастингот зазема димензија на студии на случај. Приказните беа за мене фрапантни, сите имале слично искуство или познаваа некој кој имал слично искуство. Тоа што ги спојуваше нивните приказни беше стравот дека Slut-shaming и друштвено исклучување може да им се случи на нив, или да им се повтори. Тој страв е длабоко врежан кај цела генерација и понатаму директно влијае врз нивниот развој. Јас како жена сметам дека е исклучително важно да се отвори оваа тема со надеж дека на овој начин нештата ќе е променат во нашето општество. 

  1. Во последниве неколку години забележуваме поголемо застапување и препознавање на жените во филмската индустрија, и на светско ниво и кај нас. Како вие гледате на овој тренд кој го стимулира женското учество во индустријата и каде лоцирате дека има сè уште место за работа?

Има тенденција да се прикаже дека жените се еднакво застапени во филмската индустрија на светско ниво, но апсолутно не е така. Лесно е да се направи илузија дека е различно, со прикажување на изолирани случаи, но треба да се погледне статистиката, а таа кажува дека нема родов баланс во филмската индустрија, соодносот е 20 со 80%. 

Во нашата земја жените не се присутни во јавната сфера на општеството, но не се присутни ни на авторските позиции во филмската индустрија. Промените во едно вакво младо општество како нашето не се случуваат брзо. Со самото тоа што агенцијата за филм финансира филмови од женски авторки се гледа дека работите почнуваат да се менуваат. 

  1. Знаеме дека врсничкото насилство цвета во училиштата, а ваквите трауми ретко се надминуваат, туку остануваат како штетен образец којшто понатаму ги придвижува и надградува насилните патријархални динамики. Дали сметате дека младите кај нас се опремени со алатки, знаење и способност да поминат низ вакви слични трауматични искуства? 

Младите кај нас не се опремени со алатки и знаења за тоа како да се справат со врсничкото насилство и траумите кој остануваат. Но, дополнително ни образовниот систем не е подготвен да се справи со овој проблем. Не само што не е подготвен, туку системот комплетно ја игнорира оваа ситуација и најчесто допринесува до друштвеното исклучување на жртвите на врсничкото насилство и slut-shaming. 

  1. Како продолжение на претходното прашање и во контекст на вашата изјава дека сценариото е инспирирано од вистински настан во вашето средно училиште, како го гледате развојот и текот на врсничкото насилство низ годините? 

Можам да кажам дека ситуацијата за жал станала уште поалармантна. Јас сум од генерацијата која допрва ги откриваше социјалните медиуми, а денешните генерации се родени со оваа технологија. Врсничкото насилство кое постоеше уште во мојата генерација, сега е само префрлено на социјалните медиуми и има уште посилен импакт на траумата. 

  1. Рековте дека за време на кастингот кандидатките споделувале дел од сопствените сведоштва и приказни и на тој начин овој процес си заземал димензија на студии на случај. Како ова повлијае на развојот на приказната?

Слушајќи ги приказните на девојките само се уверив колку е потребно да се направи овој филм во нашата земја. Не очекував дека врсничкото насилство е толку застапено и на почетокот се понадевав дека работите се сменети. Како што течеа разговорите, така ми стануваше јасно дека не само што не се сменети работите, туку ситуацијата е влошена. Многу сум им благодарна на сите девојки кои дојдоа на кастингот и кои најотворено ги споделија нивните искуства, затоа што ми помогнаа многу во финализирање на сценариото.

  1. „Сестра“ја доби Специјалната награда на жирито во програмата Источно од Западот, на Филмскиот фестивал во Карлови Вари и ја наполни салата за својата светска премиера. Какви се вашите впечатоци досега?

Сè уште ги собирам впечатоците од Карлови Вари. Најпрво се радувам дека филмот беше добро примен од публиката. Сè уште добивам пораки од публиката на мојот Инстаграм и Фејсбук профил со комплименти за филмот. Секако огромна е честа да се добие оваа награда на престижен фестивал како што е Карлови Вари.  

 

Биографија на Дина Дума

Дина Дума е родена 1991 година во Скопје, Северна Македонија. Дипломирала филмска и ТВ режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 2014 година, а во 2016 година учествувала на престижната работилница за млади Berlinale Talents. Дина има снимено неколку кратки филмови. Сестри (2021) нејзиниот дебитантски игран филм премиерно беше прикажан на филмскиот фестивал во Карлови Вари во натпреварувачката програма East of the West и ја освои специјалната награда од жирито. 

Филмографија на Дина Дума

„Сестри“ (2021) (прв долгометражен филм)

„Без љубов“ (2018) (краткометражен филм)

„Доаѓаат од центарот на светот“ (2017) (краткометражен филм)

„Елена“ (2016) (краткометражен филм)