Нашиот пат: 25 женски приказни од историјата

Денес во 13 часот во кафе-книжарница Буква, ќе се промовира книгата „Нашиот пат: 25 женски приказни од историјата“. Дознајте малку повеќе за овој водич низ женската историја.

***

Пред вас е „Нашиот пат: 25 женски приказни од историјата“, водич по географијата на Северна Македонија, но и низ темпоралните врвици на жените кои учествувале во нејзините главни историски текови. Овој водич всушност ве води на 25 места на труд, успех, уживање и страдање; по градови и села, полиња и фабрики, училишта, маала, сиропиталишта, болници, формални места и неместа, места на власт или обезвластеност во јавната и во приватната сфера во нашата земја, за кои сосем малку читаме од специфично женска перспектива. Овие жени и места, како и приказните што ги спојуваат, не се паралелни или секундарни наративи, туку една од двете историски артерии во срцето на нашето денешно општество, често изоставена од историите на градење и уривање на многу локални светови.  

„Нашиот пат“ зборува за жени кои замислиле подобар заеднички свет и дејствувале активно; го создавале на воениот фронт, во науката или во социјалниот живот: курирки во народни движења, неформални министерки за социјална правда, партизанки, политичарки, писателки, уметници, први индустриски работнички, културни работнички, борки за човекови права, но и антагонистички мисионерки. Погледнати низ интерсекционална перспектива, овие животни приказни укажуваат на испреплетувањето на локалното со глобалното на овој периферен дел од светот и го предизвикуваат институционалниот и официјален наратив во којшто вечно каскаме и се стремиме кон нешто недостижно. Дополнително, раскажувањето на овие животи во овој контекст ѝ се противи и на симулацијата предизвикана од статистиката на ваквиот наратив во која најистакнатите автори, политички функционери, научници или други луѓе со високи општествен капитал и вредност се мажи. Животите на овие жени се добрата страна на приказната за нас како колектив, иако условите во кои ги живееле се токму спротивното.  

***

За многу од жените во водичов, досега од други извори можевте да прочитате неколку верзии на една иста биографија, пишувана некогаш одамна по некој специфичен повод и само во контекст на нивните главни дејности. Некои се толку значајни идентитетски одредници за нас, а нивниот лик нам не ни е достапен во популарната култура, во учебниците или во други неспецифични и достапни изданија. Во достапните официјални извори најчесто се прикажува посакуваната улога на жените во општеството, умешно сместени во калапот на негувателки и грижни мајки, и покрај тоа што биле успешни професионалки! Кога тоа не е случај, како кај седумте борки народни хероини – кај нив се мери нивото на присутна машка храброст, а подоцна, доколку не загинеле во војна, тие стануваат „успешни“ по параметрите што не ги земаат предвид родовите аспекти на нивното приватно и јавно бидување. Ние скоро никогаш не дознаваме за другите интереси, активности, болки и радости на протагонистките и, во практиката, најдобри извори за овие информации беа интервјуата со некои од овие жени, кои постојат документирани. Така, се осмеливме да понудиме феминистичка херменевтичка рамка на овие 25 приказни, со пресметан ризик таа да отвори теми, прашања, па дури и проблеми за општествена или поспецифична дискусија. Но тоа е нашиот став: 1. затоа што Аница Савиќ-Ребац, Атина Бојаџи, Билјана Гарванлиева, Вера Ацева-Доста, Веселинка Малинска, Делфа Иваниќ, Елпида Караманди-Бисера, Есма Реџепова, Естреја Овадија-Мара, Женското занаетчиско училиште Струга, Захарија Василева Шумљанска, Ибе Паликуќа, Именувањето на мостот „Роса Плавева и Накие Бајрам“, Јулија Бојкова Божиновска, Крушевските курирки од МРО, Лила Милиќ, Мара Нацева, Мимоза Несторова-Томиќ, Олга Папеш, Оливера Јоциќ, Паркот Жена борец, Скопските килимарски работнички, Уредничките на списанието „Македонка“, Фана Кочовска-Петра и Фанула Папазоглу се наши феминистички икони и 2. затоа што сметаме дека вредностите зад кои стоеле треба да станат општи места во нашата национална историја и во локалните истории. 

Кога веќе институтите, библиотеките, архивите и останатите места на чување и репродукција на знаењето стануваат места на заборав и вршители на епистемолошка неправда кон одредени општествени групи, тогаш локалните заедници на меморијата се контрапунктот којшто герилски се бори за своето место во политиките на меморијата. Затоа, им се заблагодаруваме на анонимните локални собирачи, собирачки и чувари на изворите и сведоштвата од интерес на оваа публикација. Секако, го препознаваме и формалното системско чување на знаењето од посебни институции, како и вредноста на објавувањето во дигиталниот простор. Дополнително, би сакале да им се заблагодариме на сите кои придонесоа да се случи оваа публикација и целиот тим што стои зад нејзината реализација, на партнерските организации со коишто го инициравме сето ова, на студиото „Приватен Принт“ за визуелното решение, на фотографката Соња Ставрова, која направи фотографии за местата што тешко можевме да ги најдеме во изворите, и на уметницата Христина Иваноска, за оживувањето на скриените архивски материјали со женски приказни, за коешто веруваме дека ќе придонесе и оваа публикација.

Оваа публикација е иницирана во 2020 година, во партнерскиот проект „Жени за жени“ (Women on women WoW Project), спроведен со сестринските организации од Љубљана (Mesto Žensk) и од Загреб (VoxFeminae), финансиски помогната од Програмата Креативна Европа на Европската Комисија, ФРИДА - фондот за млади феминистки, Фондацијата Квина тил квина и Министерство за култура на Република Северна Македонија. 

Ивана Драгшиќ

Ивана Хаџиевска

Јана Коцевска