Осврт кон 2021

Годинава беше мачна и тегобно развлечена. Затоа ја користевме секоја укажана можност да го крепиме стекнатиот интернет и физички простор и да правиме свесни исчекори кон феминистичка иднина, колку и неизвесна да ни се чини моментално. Мноштвото идеи позади Тиииит!Инк отсекогаш имале едно зборно место, a тоа е позицијата за заедничкото. Оттука, секоја нова активност со којашто се зафаќаме неизбежно отвора и или се надоврзува на веќе постоечка мрежа која подразбира солидарност и слободен пристап до сѐ што се било се создало претходно.


Еве еден кус преглед на дел од настаните коишто годинава ни донесоа смисла и надеж. Ви благодариме на сите вас кои бевте на било кој начин дел од бројните дискусии, публикации, настани и иницијативи. 🍻

Особено сме горди на сеопфатната студија „Менструална правда: проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките“ којашто во ноември годинава излезе од печат. Студијата содржи три нивоа на истражувања кои ги отвораат прашањата за менструална правда преку анализа на искуствата, практиките и социјалните перцепции на жените, девојките и другите лица кои менструираат, како и преку пресметки за трошоците за менструалното здравје и добри практики од регионот и пошироко. Истражувањето е направено во рамки на проектот „Крај за менструална сиромаштија – Застапување за намалување на менструалната сиромаштија во Република Северна Македонија“ заедно со „Реактор – истражување во акција“, со поддршка од Цивика мобилитас во рамки на програмата за акциски грантови и од ФРИДА – фондот за млади феминистки. Нè радува фактот што неколку денови пред крајот на годината на седница на советот на Град Скопје изгласани се 2.000.000 денари од буџетот на градот кои ќе бидат наменети за обезбедување на бесплатни менструални производи за средните училишта. Огромна благодарност до девојките од Period. Skopje за соработката и континуиранта поддршка. Овде може да прочитате повеќе за студијата и да ја преземете на македонски и албански.Режирано од Радован Петровиќ и во соработка со екипата од „Види Вака“ снимивме одлично видео според резултатите од студијата. Кликнете тука и ѕирнете што сме спремиле.

Ако случајно повеќе ви се чита, ѕирнете ги 5 начина за справување со „оние денови“ без никој да знае.


Заради слабата застапеност на теми поврзани со феминизмот и борбата за еманципација на жените и родовите и сексуалните малцинства, оваа година за првпат Тиииит! Инк. спреми педагошки прилагоден материјал на ниво на средно образование, за спроведување на час по повод 8 Март – Меѓународниот ден за борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност. Ова иницијатива е резултат од активноста на нашите партнерки и соборки од Словенија – Mesto Žensk (City of Women), кои го прават ова од 2016 и оттогаш активно соработуваат со учителките/ите и педагозите во рамките на ова иницијатива. Свесни за застарената наставна програма, сакавме овие материјали да бидат што поедноставни за спроведување и секако да не го обременуваат додатно наставниот кадар. Преземете ги овогодинешните материјали овде.

Деветото издание на Прво па женско оваа година беше збогатено со уметничката платформа ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ. Целта на  платформата беше развивање продукција во полето на изведувачките уметности со директна поддршка на 2 авторски проекта во полето на современиот танц, перформанс и/или театар на 2 жени уметници кои работат на локалната независната културна сцена во полето на изведувачките уметности, кои не се вработени, ниту пак имаат редовен хонорарен однос со некоја јавна институција од областа на културата.
Перформансот „СРАМ“ на Ангела Стојановска и танцовиот перформанс „Јовано, Јованке“ на Јована Зајкова премиерно беа прикажани на МОТ, а имаа и репризна изведба во наредните недели. Прочитате повеќе за процесот на создавање на перформансите, како и искуството со платформата во разговорот со Јована Зајкова и Ангела Стојановска. Подготвивме и публикација за уметничката платформа во којашто ќе можете да прочитате повеќе за определбата за развивање на феминистички изведувачки форми, принципите врз кои се гради платформата, како и рецензии за перформансите. Побликацијата е достапна на овој линк.


Во октомври годинава излезе „Нашиот пат: 25 женски приказни од историјата“ - водич по географијата на Северна Македонија, но и низ темпоралните врвици на жените кои учествувале во нејзините главни историски текови. Авторките Ивана Хаџиевска, Ивана Драгшиќ и Јана Коцевска ги опишуваат приказните за овие жени и места не како паралелни или секундарни наративи, туку една од двете историски артерии во срцето на нашето денешно општество, често изоставена од историите на градење и уривање на многу локални светови. „Приватен Принт“ се погрижи за визуелното решение, фотографката Соња Ставрова, ги направи фотографиите од местата што тешко можевме да ги најдеме во изворите, а уметницата Христина Иваноска ги оживеа на скриените архивски материјали со женски приказни. Повеќе околу публикацијата овде.

 

Овој осврт не би бил комплетен без ПичПрич дуото - Ана Василева и Румена Бужаровска. Сезоната на раскажување женски приказни ја затворивме со гала настанот „Љубовни писма“ во Куршумли Ан. Ако не стигнавте да присуствувате на настанот, проследете ги приказните овде. Се гледаме во новата година на уште многу вакви интимни, храбри и пресмешни приказни.

За крај, ако сте го испуштиле видеото од Прво па женско #9, еве ви прилика да проверите да не случајно ве фатила камерата и секако, да погледнете дел од атмосферата од овогодинешното издание. 

        

 

Се гледаме во наредна година, на уште куп дружби, дискусии, настани и секако, на јубилејното десетто Прво па женско 🎀. 


*Title photo by Monika Kozub <3