Повик за едукатор(к)и за спроведување на материјалите „Зошто 8 Март?“

За нашиот омилен ден во годината, оваа година по втор пат се враќаме со средношколски-прилагодениот наставен план и материјали „Зошто 8 март?“. Она што е новина годинава е дека сакаме да вклучиме и идни просветни работници во процесот, со отворање на простор за позитивни искуства со работа со ученици и остручен пристап кон дискутирање на теми за еманципација на жените. 

За таа цел ги повикуваме сите студент(к)и коишто се при крај со студиите во доменот на педагогија, просвета или генерално се насочуваат кон работа со млади да се пријават со пополнување на Гугл формата.Откако/ако ќе бидат избрани, студент(к)ите ќе бидат поврзани со пријавените професор(к)и на чијшто час ќе ги предаваат материјалите. Наставната содржина ќе биде прилагодена во договор со професор(к)ите и потребите на одделението.Секој(а) едукатор(ка) ќе биде биде ангажиран(а) да одржи најмногу два часа, а сите потребни материјали и наставни помагала ќе бидат обезбедени од Тиииит!Инк. Предвидените часови ќе се одржат на 8 март или неделата помеѓу 7 и 11 март, а наставните материјали ќе им бидат дадени на одбраните едукатор(к)и предвреме за да потемелно се запознаат со содржината што ќе ја предаваат. За овој ангажман на едукатор(к)ите следува хонорарен надомест.

Можат да се пријавуваат млади од сите градови, со тоа што ќе бидат избрани и назначени за одделение оние во чијшто град сме успеале да оствариме соработка со професор/ка. 

Овој материјал е изготвен за сите професор(к)и кои сметаат дека материјалот е адекватен или прилагодлив за нивната група на ученици, и сакаат да зборуваат за родовата нееднаквост и феминизмот со младите. Наставниците/чките можат да го менуваат и приспособуваат материјалот за да се совпадне во контекстот на нивната група, компетенциите и потребите на учениците/чките, како и начинот на кој ја извршуваат наставата. 

Годинава темата на материјалите е филм и женските ликови во филмовите. Материјалот содржи два дела, од кои првиот дел има за цел да информира за присуството на жените во македонската кинематографија а вториот дел е активност и насочена дискусија којашто ќе ги запознае ученичките/ците со женските ликови на екраните и ќе ги поттикне да зборуваат на актуелни теми кои се дел одмоменталниот  феминистички филмски дискурс.

Целта на овие материјали е да се охрабрат сите оние кои се активни чинители во образовниот процес да станат дел од една дискусија која е неодделив дел од секојдневното постоење и учествување во нашето општество. Покрај тоа, оваа соработка помеѓу идни и сегашни искусни професор(к)и и едукатор(к)и е одлична можност за отворање на можности за вмрежување и размена на искуства за работа со ученици. Ова иницијатива дојде како резултат од активноста на нашите партнерки и соборки од Словенија – Mesto Žensk (City of Women), кои го прават ова од 2016 и оттогаш активно соработуваат со учителките/ите и педагозите во рамките на ова иницијатива.

Овде може да ги најдете минатогодишните материјалите кои вклучуваат копија со наставен план и копија со квизот за учениците/чките. Овогодинешните материјали ќе ги објавиме наскоро.

Спроведувањето на активноста е поддржано од фондација Kvinna till Kvinna. Ако имате какви и да било дополнителни прашања, пишете ни на tiiiit.inc@gmail.com или на нашите социјални медиуми.

Им се радуваме и ги очекуваме Вашите пријави!