ПичПрич | Бев сама
Нема пролет доколку не се случи ПичПрич, а освен што овој настан ја најавува пролетта, го најавува и единаесеттото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО! ПичПрич ќе се одржи во старото добро Кино Фросина (МКЦ) на 6 Април, со почеток во 20 часот, каде што во далечната 2016 се одржа за прв пат.
 
Како и секоја година, ПичПрич се обидува да отвори простор за актуелните теми поврзани со положбата на жените во нашата земја и поширокиот регион, особено со оглед на неодамнешниот наплив на вести за кривични дела извршени врз жени во моменти кога поради сплет на околности се нашле сами со сторителот.
 
Токму затоа темата што ја избравме е „Бев сама“ за да се нагласи изложеноста на насилство, погрешното лоцирање на вината и честото непостапување. Освен тоа, модерната психологија тврди дека токму напуштеноста е оној сублиминален простор во кој се јавува траумата.
 
Истовремено, пошироко гледано темата претставува и коментар на недостатокот на системска поддршка со кој се соочуваат жените во исполнувањето на многубројните улоги во општеството - од најтрадиционалните (работа во домот, одгледување на деца и негување на стари лица, лица со попреченост), па сѐ до оние кои се сметаат за нетипични (раководни и политички функции, спорт итн.). Гледано од спротивната перспектива, бидувањето сама во смисла на сопствената соба на Вулф е оној простор на слобода неопходен за еманципација и ослободување на женската креативност. Повеќе за разновидните толкувања на оваа тема ќе слушнеме од нашите раскажувачки.
 
 По настанот следи диџеј сет на Diah во бифето на Фросина 
 Билетите за настанот се достапни на билетарницата на МКЦ и онлајн на https://bileti.mkc.mk/ во висина од 200 денари.
 
 Настанот е реализиран со поддршка од Шведска и фондацијата Kvinna till Kvinna.
 
 Концепт и авторство: Ана Василева и Румена Бужаровска
 Продукција: Тиииит! Инк. - Скопје
 Дизајн на постер КОМА дизајн студио