
На 6 април имавме прилика да гледаме уште едно спектакуларно издание на ПичПрич и повторно да го зацврстиме ставот дека женските наративи се моќни наративи.
Фото: Ванчо Џамбаски
Овој ПичПрич беше посебен од неколку причини, а една од нив е дека се врати во просторот каде ги направи првите чекори, простор кој можеме да го наречеме дома, дом на млади, дом и на не толку млади, дом за сите, нашиот драг Младински Културен Центар.
Добро изодената сцена на Кино Фросина и просторот кој собира ограничен број на публика несомнено ја поттикна онаа атмосфера на интимност и блискост, скоро и да ја немаше дистанцата помеѓу раскажувачките / оние на сцена и публиката. Бевме сите заедно во ова.
Фото: Ванчо Џамбаски
Тоа што овој ПичПрич се распродаде во првите неколку дена, дури и пред да се објават раскажувачките на одбраната тема, исто така беше показател дека оваа вечер ќе биде како една фина дружба на блиски, искрени, добри пријатели. Тука би сакале да се извиниме за сите оние кои не стигнаа да купат карти и да ги поканиме да дојдат на останатата програма на ППЖ која несомнено ќе биде подеднакво влијателна и релевантна.
Овогодинешната тема на ПичПрич беше „Бев сама“, внимателно одбрана актуелна тема која соодветствува на постоечкиот зајтгајст во државава каде секојдневно читаме „наплив на вести за кривични дела извршени врз жени во моменти кога поради сплет на околности се нашле сами со сторителот.“
Воедно, „Бев сама“ се однесува и на положбата на жените во општеството на едно пошироко ниво каде што најчесто се оставени сами да се снаоѓаат во безброј улоги кои треба да ги извршуваат, притоа усовршуваат, притоа да се трансформираат, мимикрираат, маскираат, одмаскираат на “дугме“.
Фото: Ванчо Џамбаски
На сцената се појавија добро познатата ПичПричовка, една од авторките Ана Василева и наместо другата позната ПичПричовка, авторка на ПичПрич и многу други работи Румена Бужаровска, за прв пат ја видовме Ангела Стојаноска како водителка. Актерката и стенд-ап комичарка Ангела одлично се вклопи и во оваа улога, како што и сите што ја познаваат Ангела би очекувале.
Фото: Небојша Гелевски - Бане
ПичПрич „Бев сама“ почна со првата раскажувачка Силвија Митевска која со својата неверојатна “како од филм“ приказна за осаменоста да си млада спортистка од Македонија која се бори да се докаже некаде надвор, но и колку всушност си сама кога буквално ќе паднеш од небо во нечиј тревник во земја оддалечена илјадници километри од дома, ја освои публиката и дефинитивно ја спушти завесата помеѓу оние на сцена и оние во публика.
Фото: Ванчо Џамбаски
Продолжи Сара Климоска која весело раскажа за една случка која на многу жени им е позната и која се до моментот додека не почнеш да ја процесираш не личи страшно, но години подоцна се ежиш од помислата кон што можела да води и колку среќа си имала дека не си една од оние девојчиња за кои читаш во рубриката црна хроника.
Фото: Небојша Гелевски - Бане
Арбнора Мемети почна весело да раскажува за своето детство, но кратко потоа собра храброст да премине преку стравот и раскажа за траумата која со години баш поради тој страв ја поттиснувала, а ја искусила на еден обичен ден, во нејзиниот роден крај, на едно обично место каде што сите се знаат, на едно необично обично 8 годишно девојче кое само отишло до селската продавница. Арбнора ја потресе и ја расплака публиката, а сите и се заблагодаривме за храброста да раскаже таква потресна исповед пред толку луѓе која несомнено ќе охрабри и други да почнат да ги процесираат и да зборуваат за своите трауми наместо да ги поттиснуваат.
Фото: Јелена Белиќ
Ведрата Дафина Николовска, како да даде ветер во нашите едра и раскажа за повеќе ситуации во нејзиниот живот во кои се нашла сама, но дека желбата за отварање на нови патишта и наоѓање нова животна цел е онаа која нам ни овозможува да живееме, не само да преживуваме.
Фото: Јелена Белиќ
Ида Протугер раскажа за неколку ситуации во нејзиниот живот каде што се чувствувала како да има невозвратена љубов и чувството на осаменост како последица на таа љубов која тлее во тебе, но ја немаш за себе. Се до моментот додека не ја откриеш таа лубов кон себе, како ултимативниот вид на љубов кој можеме да си го обезбедиме, како онаа љубов која никогаш нема да те направи да се чувствуваш сам/а.
Фото: Јелена Белиќ
По скоро два часа дочекавме да го чуеме и мелозвучниот глас на Ана Голејшка Џикова која сурово искрено зборуваше за чувството на осаментост која доаѓа на самиот почеток на мајчинството каде што имаш бебе - цел човек што буквално растел и излегол од тебе, а ти не знаеш со што попрво да почнеш да се справуваш - со бебе или со себе? Па тераш… и се надеваш на најдобар исход.
Фото: Јелена Белиќ
ПичПрич го затворивме со ДЈ сет на Diah во бифето на МКЦ каде успеавме да си размениме по некој муабет и да споделиме импресии.
Фото: Јелена Белиќ
Ова сурово реално издание на ПичПрич нè насмеа и нè расплака, нè крена во воздух и нè тресна од земја. Најважно од се - никој, ама баш никој, не остана рамнодушен.
Фото: Ванчо Џамбаски
Фото: Ванчо Џамбаски
Фото: Ванчо Џамбаски
Фотографиите од ПичПрич „Бев сама“ погледнете ги на следните линкови: