Зошто 8 Март? - Предавања и работилници

И оваа година со поддршка на Шведската амбасадаKvinna till Kvinna, и Equality Fund, Тиииит!Инк. ги одржа едукативните предавања на тема „Зошто 8 март?“ во соработка со наставниот кадар во средните училишта и млади идни професор(к)и, едукатор(к)и, обучувач(к)и и просветни работници/чки. 

Едукативниот материјал кој е изготвен со цел да се отвори простор за инклузивна дискусија со младите за родовата нееднаквост и феминизмот, годинава со посебен фокус ги стави жените и женските иницијативи во општествено-политичкиот живот во минатото. Педагошки прилагодениот материјал вклучуваше наставен план со збир од содржини и извори коишто би им помогнале на едукатор(к)ите да се запознаат и припремат за час, како и наставни материјали и помагала за учениците и ученичките.

Оваа година „Зошто 8 март?“ го спроведоа 12 едукаторки во 15 средни училишта во градовите Скопје, Куманово, Струга и Битола.

Во средните училишта „Здравко Цветковски“ (ГУЦ) и „Георги Димитров“ предавањата ги одржа Теодора Атовска која студира на катедрата за родови студии и се пријавила бидејќи нејзините студии се концентрираат и на феминизмот може стручно да одговори на проблематиката, но има желба да работи со помлади како иднината на општествените промени. Таа спроведе 2 часа во училиштата на кои учествувале вкупно 39 ученици/чки од 1ва и 4та година, меѓу кои  33 девојчиња и 6 момчиња. За часовите вели дека учениците биле заинтересирани и активно учествувале во дискусијата.

Маја Николиќ од ФЕИТ вели дека се пријавила како едукаторка затоа што: „Како личност за којашто феминизмот претставува начин на живот и и' е лична животна филозофија на која се гордее, а додатно на тоа како човек кој е длабоко инспириран и мотивиран за работа на општествени проблеми и тоа го прави со особена страст, во мене овој повик побудува огромна желба да бидам дел од него.“ Таа спроведе часови во ДМБУЦ „Илија Николовски - ЛУЈ“ и СУГС „Никола Карев“ со вкупно 35 ученици, а импресиите за часовите вели: „ Учениците беа заинтересирани за дебата, беа активни, но немаше простор и време да се постигне се што беше планирано. И покрај тоа што дојде до дебата и се отворија некои теми, времето беше премалку за да се постигне и отворање на часот, решавање на тестот и прашањата, споделување информации околу нив и потоа дебата, така што не можеше толку да дојде до израз заинтересираноста и активното учество, и покрај тоа што за времето кое го имавме, придонесот од учениците беше навистина задоволителен.“

Драгана Гунин вели дека се пријавила да ја спроведе оваа активност затоа што: „Работам со млади долго време и имам сознанија од блиску дека не се разговара на темава, ретко кој им пристапува отворено и објективно, со факти и информации...“ Таа одржа две предавања во средното училиште во Куманово „Гоце Делчев“  на кои учествуваа 44 ученици и ученички од кои 26 девојчиња и 18 момчиња, а нејзиниот впечаток е дека треба повеќе да се работи на едуцирање на младите луѓе на тема феминизам, особено на момчињата.

Во Струга, активноста ја спроведе Викторија Постоловска која вели дека се пријавила да биде едукаторка затоа што: „Придонесот кон славењето на жената, но и сѐ она што успеала да создаде од своето прво постоење до денес, е од клучно значење за мојот развиток како професорка, но пред сѐ и како жена. Искуството со просвета и феминистичката критичка мисла прават да се чувствувам сигурна и спремна при вакви ангажмани.“ Таа одржа предавања во средните училишта „Јахја Кемал“ и „ Др. Ибрахим Темо“ со вкупно 31 ученици од кои 18 девојчиња и 13 момчиња, а за предавањата вели: „Динамиката на часот се базираше врз основа на квиз прашањата кои успеаа да го задржат вниманието на учениците и да ги поттикнат на истражување за теми кои до тогаш ги немаа сретнато во текот на нивното образование. Сите внимателно слушаа и се забележуваше доза на ентузијазам...“.

Христина Јовчевска одржа часови во средното училиште АСУЦ „Боро Петрушевски“ во клас составен од 15 момчиња и вели: „Учениците одговараа на поставените задачи и активно учествуваа во квизот. Воглавно не беа запознаени од сегашните феминистички иницијативи и можам да кажам дека сепак дел од нив навистина сакаа да слушнат нешто повеќе. Би рекла го немаа оној жар во очите како да зборуваме за некоја важна тема, но се обидов да ги предизвикам најмногу што можам преку некои примери и компарации да започнат да размислуваат зошто жените кои направиле нешто се важни и зошто самиот феминизам, како и 8 Март воопшто.“

Целта на спроведувањето на оваа активност е младите луѓе да се едуцираат за суштинското значење на 8 март како и да се охрабрат сите оние кои се активни чинители во образовниот процес да станат дел од една дискусија која е неодделив дел од секојдневното постоење и учествување во нашето општество. 

Активноста „Зошто 8 Март?“ е обид да се пополни недостатокот и изоставувањето на темите во образованието поврзани со феминизмот и родовата еднаквост, како и да се поттикне критичкиот пристап кон образовните материјали кои ги нуди формалното образование. 

За сите кои сакаат да вметнат дел од соржината во своите часови во прилог ќе ги најдете прирачникот за едукатор(к)и и материјалите за ученици.

Пишете ни на tiiiit.inc@gmail.com или на некоја од нашите социјални мрежи ако имате дополнителни прашања за материјалите или фидбек откако ќе ги искористите.