
Тешко е да се задржи оптимизмот и надежта во последно време, имајќи ги предвид случувањата низ светот. Сведоци сме на напливот на фашистички бран кој од Америка организирано, систематски и промислено се шири низ Европа, зафаќајќи дури и држави со прогресивен однос кон човековите права. Очекувано, најсилно се на удар тие што највеќе се изборија за права во последните децении (па дури и еден век), а тоа се жените и ЛГБТИ заедницата. Во една ваква атмосфера на носење закони против абортус, носење закони против трансродовите лица, забранување книги и жигосување и оцрнување на ЛГТБИ луѓетo, навистина е тешко да се задржи идејата за големата слика и нашата улога во историјата.
Фотографија: Соња Ставрова
Како и четири години наназад, и оваа година во рамките на Скопје Прајд Викенд, како ПичПрич организиравме вечер на раскажување квир приказни. За ова издание го поканивме Кочо Андоновски. Не знаевме дали е возможно да се надмине, зашто еднаш веќе имаше настапувано на настан на плажата Оревче. Кочо е човек кој секогаш ги поместува границите и со тоа го освестува општеството, носејќи промени. Тој е секогаш чекор пред своето време. Па така, како осмислен политички коментар, на ПичПричот на Оревче, тој настапи гол. Тоа не е ништо во споредба со тоа што го направи пред 18 години, кога јавно на телевизија се аутираше како геј маж и со тоа донесе револуционерни промени во нашето општество. Кочо Андоновски е толку храбар, што постојано се изложува и себеси и своето тело на насилство во име на праведноста, во име на прогресот на општеството, во име на сите нас.
И за време на овој настап се надмина себеси и како ретко кој излезе од својата зона на удобност. Да, Кочо Андоновски можеше да излезе на сцена и едноставно да ни раскаже приказна за срамот. Сигурна сум дека и тоа ќе беше добро. Но не, тој има нешто да ни каже, па осмисли дрег перформанс со кој нѐ извади од дупката на безнадежноста и ни го покажа местото во историјата, се разбира, со хумор и низ забава, затоа што, да се сфаќаш себеси премногу сериозно е суетна одлика на општествено привилегираните.
Фотографија: Соња Ставрова
Ширли е навидум едноставен концепт кој се основа на видео спотот на Propellerheads со Shirley Bassey како ја изведуваат песната History Repeating, па така сцената на киното „Фросина“ во МКЦ ја рекреираше таа поставка. Кочо Андоновски беше во дрег, во улогата на Ширли, застанат на пиедестал во средината на сцената, во тесен болскотлив фустан. Со него настапуваа и дрег крал (Лео) и танчер (Игно). Сам по себе, тоа ќе беше еден забавен настап, со фактот што е дрег, ангажиран сам по себе, но и значаен поради текстот на песната и пораката што ја пренесува. Но не бев сигурна колку и дали пораката на надеж (Life’s for us to enjoy/Woman, man, girl and boy/Feel the pain, feel the joy/ Aside set the little bits of history repeating) ќе се почувствува силно кај публиката.
Но Кочо го отвори перформансот со еден монолог, додека светлото беше вперено само во неговот тело среде сцената, а лицето му беше во мрак. Монологот беше, краток, а потресен. Луѓе во публиката се расплакаа. Луѓе ми кажуваат дека сѐ уште плачат кога ќе се сетат. И јас сѐ уште се растревожувам, а поминаа четири дена од настанот. Во овој текст, Кочо прво се осврна лично на зборот „срамота“ како нешто со кое најчесто бил навредуван и понижуван, но и низ хумор се исмеа со тој концепт и ни објасни како го надминал. Од лично и комитрагично, говорот навлезе во општественото – во тоа како „срамот станал опасност“, за тоа како ова се исклучително опасни и перфидни времиња за живеење, во кое трансродовите тела се бојното поле на културолошката војна што се води сега. И, Кочо Андоновски во една реченица, на многу едноставен начин ја кажа една од најголемите вистини на денешницата: „Моќниот ги претставува омаловажените, претепаните, отпишаните – како опасност.“
Фотографија: Соња Ставрова
И покрај тоа, Кочо нѐ удри со добрата вест: „Пировиот пир кратко трае!“, по што грмна музиката на History Repeating. Пораката е јасна: процесот кој го поминавме е неповратен. Правата за кои се изборивме можеби до некаде или делумно ќе ни ги одземат, но ние повторно ќе се избориме за нив, а тоа ќе го сториме низ љубов, низ танцување и низ смеа. Со начинот на кој Кочо го изведе овој перформанс, пораката беше блескаво јасна.
По четворицата годинешни извонредни (и секогаш, храбри!) раскажувачи на Срамота (Милена Зајовиќ – Милка, Соња Исмаил, дрег кралицата Декаденца и Катерина Попова), Кочо Андоновски симболично го заокружи целиот настан со нешто што наликуваше на ода на надежта, во која на сите, и покрај мрачните времиња во кои моментално живееме, ни влеа верба дека нашите напори ќе вродат со плод, и дека сиот прогрес никогаш не бил, и нема а биде залуден.
Ти благодарам, Кочо, а им благодарам и на Скопје Прајд Викенд и на целата квир заедница што континуирано го еманципираат општеството на свој личен физички и емоционален товар.
Текстот е преземен од феминистичката платформа МЕДУЗА.