
По повод Меѓународниот ден на менструалната хигиена (28 мај), а мотивирани од партнерското истражување на Тиииит!Инк. и Реактор од 2021 година, на 31 мај Здружението за промоција на женската активност Тиииит! Инк. заедно со иницијативата ПЕРИОД.Скопје ја одржаа конференцијата „Кршење на табуата: Менструална правда за сите!“ во хотелот Холидеј Ин во Скопје. Оваа конференција имаше за цел да развие дискусија за состојбите со менструалната правда во земјата и да понуди решенија за конечно искоренување на менструалната сиромаштија како и рушење на табуата и стигмата поврзани со менструацијата.
Фотографија: Соња Ставрова
Истражувањето спроведено во 2021 година „Менструална правда: сеопфатна студија за пристапот до менструална хигиена во Република Северна Македонија, проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките“ ни даде увид во тоа каква е состојбата во земјата и согласно наодите беше креирана листа на препораки кои оваа земја би требало да ги земе предвид во спроведување на механизми за намалување на менструалната сиромаштија. Иако од 2021 година до денес се забележува одредено придвижување во насока на менување на постоечките политики, сѐ уште се присутни предизвиците за суштинско надминување на проблемите. Затоа е потребно да се надминат овие предизвици со што ќе се поттикнат промени во јавните политики кои би довеле до системски решенија и создавање на функционални механизми и мерки во врска со менструирањето како дел од напорите за подобрување на сексуалното и репродуктивно здравје, воедно следејќи ги насоките на Светската здравствена организација и препораките од ООН Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација на жените.
Фотографија: Соња Ставрова
Ова е прва конференција организирана во Северна Македонија која во фокусот го има прашањето за менструалната сиромаштија каде учество земаа претставници на институции и граѓански сектор, парламентарки и млади активистки и студентки кои преку своите иницијативи направиле важен исчекор во однос на менструалната правда. Од досега покренатите иницијативи за воведување на олеснување на пристапот до менструални производи, за жал ниту една не е сѐ уште остварена. Двете иницијативи како заложбата на Советот на Град Скопје да обезбеди бесплатни производи за менструална хигиена за сите средношколки во училиштата на територијата на Градот или пак онаа за намалување на данокот за производите за менструална хигиена од 18% на 5%, мерка којашто ја најави како одлука на Владата премиерот Димитар Ковачевски, за жал не се спроведени и покрај најавата минатата година. Со овој заклучок од првиот панел на кој учествуваа: Ана Василева, Јана Коцевска (Тиииит!Инк.), Теодора Милеска (ПЕРИОД.Скопје) и Елена Грозданова, државна советничка за прашања од областа на родовата еднаквост (МТСП), беше отворена конференцијата.
Фотографија: Соња Ставрова
Панелот кој следеше се однесуваше на позитивните примери, пред сѐ на примерот во Шкотска каде борбата за менструалната правда доведе до носење на закон во рамките на Шкотскиот парламент со кој од 2021 година Шкотска се обврза да обезбеди бесплатни менструални продукти во училиштата и институциите и на секој граѓанин и граѓанка која има потреба од средства за менаџирање на менструацијата. Свое воведно обраќање имаше парламентарката на Шкотскиот парламент - Моника Ленон, заслужна за застапувачкиот процес во парламентот кој резултираше со носење на посебен закон. Таа пред присутните во хотелот Холидеј Инн го објасни целосниот процес и состојбите во Шкотска и ја објасни имплементацијата на Законот и суштинската потреба од неговото воведување. По своето 15 минутно онлајн обраќање, следуваше сесија со прашања каде публиката во Скопје имаше можност да ги побара од г-а Ленон, во однос на многу аспекти од случајот во Шкотска како на пример достапноста на оваа политика до маргинализираните луѓе, транс лицата, потоа прашања поврзани со застапувачкиот процес и слично. На крајот на сесијата, г-а Ленон ги орхабри присутните дека градењето на коалиции и мрежи со сите засегнати страни вклучувајќи ја заедницата, носителите на одлуки, медиумите и други, е клучниот начин како да се дојде до саканата промена.
Фотографија: Соња Ставрова
На панелот посветен на политички ставови и заложби во врска со менструалната сиромаштија, модериран од Биљана Гинова, за текот на досегашните заложби за воведување на политики поврзани со менструалната сиромаштија зборуваа пратеничките: Гордана Силјановска – Давкова, Моника Зајкова и Санела Шкријељ. На овој панел пратеничката Санела Шкријељ се осврна и на важноста за потребата за воведување на сексуално образование како начин децата да научат точни и прецизни информации за нивното тело и да се спречат стигмата и срамот кој е поврзан со менструирањето. Исто така, истакна дека се потребни едукации и обуки и за наставниот кадар, но вклученост на родители.
Фотографија: Соња Ставрова
На панелот на тема „Менструалната сиромаштија и правда според наодите од истражувањата“, модериран од Билјана Котевска, а во кој учествуваа: Марија Трцол и Петра Чаргоња од партнерската организација ПаРитер од Риека - Хрватска, Ана Бојчевска - истражувачка во Реактор и Емилија Ангелова - претседателка на КЕМ на Град Скопје.
Фотографија: Соња Ставрова
Марија Трцол и Петра Чаргоња од организацијата ПаРитер од Риека, Хрватска, исто така имаат спроведено ваков тип на истражување во Хрватска кое довело кон тоа поотворено да се зборува за менструалната сиромаштија и да се детабуизираат темите поврзани со менструацијата. Оваа година организацијата ПаРитер за прв пат организираше и фестивал на менструацијата: Менарха, посветен на едукација на младите за справување со првата менструација. Ова е единствен фестивал одо овој тип на Балканот. Емилија Ангелова (Град Скопје) истакна дека иако биле предвидени средства за да се обезбедат менструални продукти на ученичките во средните училишта во минатата година (2022), тие подоцна биле пренаменети. За 2023 година во рамки на советтот се изгласани дупло повеќе средства (4 милиони денари) за кои сѐ уште Градот Скопје нема покренато имплементација, а веќе е помината пола учевбна година.
Фотографија: Соња Ставрова
Заклучните согледувања од овој панел покажаа дека менструалната сиромаштија е најневидливата јавна криза, а се занемарува менструалната правда како суштествен предуслов за полна и целосна реализација на човековите права. Од наодите произлезени од истражувањето дознаваме за различни стратегии за справување со менструалната сиромаштија, од правење компромис во врска со менструалната хигиена па до авто-подесување и авто-цензурирање на јазикот т.е. начинот на кој зборуваме за менструацијата. Истражувачките објаснија дека трошоците на индивидуално ниво се значителни, и растат во корелација со класата односно изложеноста на или живеењето во сиромаштија. Генералниот заклучок на оваа панел сесија беше тоа дека образованието е потенцијалот за намалувањето на меструалната сиромаштија и образовниот процес треба да е пропратен со активности на повеќе нивоа кои би одговориле на многуте предизвици поврзани со менструалната сиромаштија и неправда, вклучително и нивната интерсекциска реалност. Тоа што е значајно е дека политичката волја е клучна, но исто така градењето на широки коалиции и база на поддршка и мобилизација по ова прашање.
Во панелот во кој своите мислења и искуства ги споделија младите со наслов „Менструалната правда и младите“ учествуваа: Елена Савеска од иницијативата „Мисли Малце“, Анастасија Марковска од Факултетското Студентско Собрание на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), Марта Чадиковска - координаторка на „ХЕРА млади“ и Анисија Угриновска, Младински делегат на ООН, а беше модериран од Наталија Крстевска (Период.Скопје).
Фотографија: Соња Ставрова
Марковска сподели позитивно искуство каде успешно бил постигнат договор со деканот за бесплатни влошки на месечно ниво за сите студентки во зградата на Факултетот, а потребните диспанзери ги испечатиле со 3Д-принтер по дизајн на колега. Ова е и единствен позитивен пример на искуството на младите во нивните обиди да ја детабуизираат и разбијат стигмата околу менструацијата.
Угриновска сподели дека во новата Националната стратегија за млади има неколку резолуции кои се однесуваат на младите и менструалната правда. Но, општиот заклучок е дека обезбедување услови за достоинствено менструирање е поле каде што институциите и државата во целост - потфрлуваат.