Избран колектив за платформата ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ 2.0

Колективот составен од архитектката и соработничка на сценски дизајн Моника Ангелевска, компаратистката и независна истражувачка за современа книжевност, филм, култура и квир прашања Грација Атанасовска, актерката и магистерка по културолошки студии Јасмина Василева, видео авторката и истражувачка на мултимедијални форми Вероника Камчевска и германистката, уредничка и преведувачка Катерина Шекутковска, е избран да развива феминистички преформанс во рамки на платформата за изведувачки уметности ИСПРОБИВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ.

Изборот, низ процес на внимателно исчитување на 6те пријави пристигнати по отворениот повик, елаборации и дискусии, евалуација и бодување, го направија Биљана Тануровска Ќулавковски - продуцентка, кураторка, истражувачка и програмска директорка на ЛОКОМОТИВА – Центарот за нови иницијативи за уметност и култура, Викторија Илиоска - кореографка и изведувачка која работи на програми за поддршка и развој на современиот танц и перформанс и Кристина Леловац - актерка, изведувачка и уредничка на изведувачката програма на Фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО.

Интердисциплинарниот состав на колективот чии членки, афилирани со локалната независна културна сцена, имаат мултиплицирани релации и искуство на континуирана соработка, прецизно артикулираниот, процесно ориентиран начин на работа што го планираат, соработката втемелена во нехиерархиски поставени меѓусебни релации, како и автентичното толкување на родовата перспектива на предлог проектот и неговата релевантност во актуелниот општествен контекст беа клучни за едногласниот избор.

На Моника, Грација, Јасмина, Вероника и Катерина им посакуваме незаборавно искуство на заедничко откривање, учење, поддршка и соработка и одбројуваме до премиерата во рамки на Интернационалниот театарски фестивал МОТ.

На сите останати 20 кандидатки и кандидати, со чија пракса имавме задоволство да се запознаеме, им благодариме за интересот за соработка во рамки на платформата ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ и на разбирањето на одлуката. Иако оваа година нема да имаме прилика директно да соработуваме, ќе нѐ радува доколку земат учество во некои од активностите кои ќе бидат организирани во рамки на Платформата - изведби, отворени проби, споделување литература и материјали, разговори, предавања, средби и работилници со домашни и интернационални теоретичар(к)и и практичар(к)и, за да овозможиме суштествена размена на знаења и практики, прилики за идни соработки и конечно, здружено јакнење на локаната независна културна сцена. 

Програмата на платформата ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ се реализира во соработка со Интернационалниот театарски фестивал МОТ и програмата Култренинг на ЛОКОМОТИВА – Центарот за нови иницијативи за уметност и култура и со финансиска поддршка на sweedeninmk, Kvinna till Kvinna, Equality Fund, Sigrid Rausing Fund и Министерството за култура на РСМ.