Жени зад пултот - прва диџејска работилница на Прво па женско!

Тиииит! Инк. во рамки на единаесеттото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО, за прв пат организираше диџејска работилница наменета за 10 девојки  кои сакаат да ги развијат своите диџејски вештини.

Водени од анкетите спроведени од The female:pressure FACTS и ниската бројка од 27% учеството на жените артистки и диџејки на музичките фестивали во светот во сооднос на нивните машки колеги, но и состојбата во С. Македонија која не отстапува од светските трендови, Тиииит! Инк. ја организираше едномесечната работилница под насловот „Жени зад пултот“. 

На отворениот повик за работилницата се пријавија повеќе девојки од кои, во консултација меѓу организаторките и менторите, беа одбрани 10 девојки за да присуствуваат на предавањата и да спремат свој диџеј сет. 

Искусната диџејка и менторка на работилницата Дијана Димитриевска DIAH и добро познатиот диџеј, дигер, промотер и ментор на работилницата Бојан Јанев Soul Case ги споделија своите знаења и искуства и им помогнаа на учесничките да ги развијат своите диџејски вештини. На часовите, кои се одржаа во КСП Центар Јадро и Котур, девојките имаа теориска подготовка, со едно  предавање за феминистичката перспектива на клубската сцена, подготвено од Ивана Драгшиќ и предавања од менторите Дијана Димитриевска и Бојан Јанев за тоа како да пребаруваат, симнуваат, експортираат музика, која опрема им е потребна и практични вежби за тоа како да ја поврзуваат опремата и како да ги користат грамафоните и CDJs, со цел да ги вклопат своите разнолики музички стилови и да ги реализираат во 10 четириесет и пет минутни диџеј сетови.

Завршната журка на 11 октомври во JazZy помина одлично, а со свој диџеј сет на скопската сцена и се претставија: DJ Cile, Baby G, Jana, Ex_Urbe, IMANYAM, Jinx, r3dc0de и triptowhere.