
11 ноември во 12 часот во Младински Културен Центар || МОТ фестивал
Институција која недостасува е продолжение на серијата (ко-кураторски) разговори Дијалог кој недостасува кои ЛОКОМОТИВА и ПРВО ПА ЖЕНСКО ги започнаа минатата година со цел да се креира простор во јавноста каде ќе можеме заедно да рефлектираме за делата, практиките, потребите, процесите, условите и политиките во полето на современите изведувачки уметности. Сметаме дека на тој начин ќе придонесеме кон ослободување од доминантниот впечаток во локалната професионална заедница и кај пошироката публика, дека творечките процеси во полето на современите изведувачки уметности, како и самите дела се херметични поради тоа што отстапуваат од традиционалните линеарни постапки во креирањето.
Годинава на МОТ продолжуваме да ги водиме овие дискусии со цел да откриваме и создаваме повеќегласие за современата изведувачка уметност или современите перформативни практики и заедно да гледаме, да исчитуваме и да промислуваме за нив.
Бидејќи процесите во современите изведувачки практики, како и начини на творење условуваат и поинакви потреби за развој, креирање, изучување и претставување во полето на современиот перформанс.
Со оваа дискусија сакаме тоа повеќегласие да го создаваме заедно со соработниците од сцената на тема: Институција која недостасува, со кои ја делиме фрустрацијата од непостоење на означен простор каде ќе соработуваме, ќе ги развиваме своите дела, ќе ги прикажуваме на публиката, ќе рефлектираме за нив и ќе ги институираме. Односно, чувството на немање дом каде - во соодветни услови можеме да ги развиваме нашите практики и да ги споделуваме со публиката.
Прашањата што ќе ги поставиме се однесуваат на минатото и мапирање на просторите, идеите и иницијативите кои доведоа до оваа идеја, ќе зборуваме за она што сме имале, а и сме изгубиле и како тоа влијаело или влијае на сцената, и на крај ќе зборуваме за она – каква институција за современи перформативни уметнички практики ни треба? Дали треба да се разгрануваме по дисциплини и форми, или да се спојуваме и градиме заеднички простори?
Ние сметаме дека заеднички простор кој би ги споил современите перформативни практики кои делуваат во земјава е она на кое треба да се насочиме и да дадеме можност за континуиран програмски, а не само проектен развој на авторски уметнички практики, да дадеме можност за развој на прогресивни пристапи, методи на творење и соработка кои додатно ќе го збогатат просторот со една нова современа, светски препознаена и релевантна развојна сцена.
Модераторки на дискусијата: Кристина Леловац и Биљана Тануровска-Ќулавковски
Дискусијата се организира во рамки на програмата на ЛОКОМОТИВА Перформанс Платформа/Nomad Dance Sessions дел од мрежата Life Long Burning и на изведувачката програма на Фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО 11. Партнери на Локомитива и ПРВО ПА ЖЕНСКО се МОТ фестивалот, Диверт Загреб и Факултетот за драмски уметности - Скопје.
Перформанс Платформа/Nomad Dance Sessions програмата е дел од интердисциплинарната програма на Локомотива и PERFORMANCE SITUATION ROOM / LLB 3 проектот, поддржани од Креативна Европа и Европската Комисија за Култура, како и Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Единаесетото издание на фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО е поддржано од Амбасадата на Шведска во Скопје и The Kvinna till Kvinna Foundation, Equality Fund, Зигрид Раусинг Траст и Министерство за култура на Република Северна Македонија.