
Со цел преку поддршка на кревката независна сцена да придонесе кон афирмација, феминистичка едукација и развој на локалната продукција во полето на современите изведувачки уметности, во 2021 година, Тиииит! Инк. ја формираше Платформата за изведувачки уметности ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ. Истата година во рамки на MOT, премиерно беа изведени два авторски феминистички перформанса развиени во рамки на Платформата низ процес темелен на солидарност, поддршка, заедничко учење и соработка - СРАМ на актерката Ангела Стојановска и ЈОВАНО, ЈОВАНКЕ на танчерката и кореографка Јована Зајкова.
Како продолжение на програмата ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ 2.0, годинава локален интердисциплинарен колектив - составен од архитектката и соработничка на сценски дизајн Моника Ангелевска, компаратистката и независна истражувачка за современа книжевност, филм, култура и квир прашања Грација Атанасовска, актерката и магистерка по културолошки студии Јасмина Василева, видео авторката и истражувачка на мултимедијални форми Вероника Камчевска и германистката, уредничка и преведувачка Катерина Шекутковска, развива феминистички преформанс чија што премиера е планирано да се случи во рамки на програмата МОТ+.
МАЧКАТА ЕЛЕОНОРА претставува колективен и интердисциплинарен проект кој допира до актуелни феминистички прашања преку преиспитувањето на можностите за радикална самоопределба и идентитетска трансформација. Поаѓајќи од истоимената монодрама на германската авторка Карен Јес (DIE KATZE ELEONORE, Caren Jeß), петчлениот колектив ги истражува овие централни прашања од феминистичкиот и родовиот дискурс, но и можностите за колаборативна изведувачка практика која се води од дијалогот помеѓу теоријата и уметноста. Токму главниот лик во монодрамата, 40 годишната агентка за недвижнини Елеонора која се одлучува неповратно да го отфрли системот во целост определувајќи се себеси како мачка, го поттикнува размислувањето за сценско преведување на падовите и успесите на ваквата трансформација како и на совршената непотполност и амбивалентност на новите идентитети. Истражувајќи ги овие проблематики преку комбинирањето на различни перформативни медиуми кои меѓудругото вклучуваат видео, трансформација на простор, звук, тело, говор и авторски текст, колективот се занимава и со сопствената позиција во локалниот уметнички контекст, преведувајќи го изворниот текст и како израз на индивидуалната и колективна криза на припадност и неприпадност.
Во рамки на презентацијата на платформата ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ 2.0 која Тиииит! Инк. ја реализира во соработка со ЛОКОМОТИВА – Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата, ФДУ Скопје и МОТ, ќе бидат претставени фрагменти од досегашната работа на перформансот преку кои ќе може да се увидат некои од основните принципи и методи на работа на колективот.
Презентацијата е дел од изведувачката програма на единаесетото издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО, кое годинава е поддржано од Embassy of Sweden, The Kvinna till Kvinna Foundation, Equality Fund, The Sigrid Rausing Trust и Министерство за култура на РСМ. Активностите на Платформата во 2023 се поддржани од The Kvinna till Kvinna Foundation, Equality Fund и The Sigrid Rausing Trust.