ПРЕМИЕРА: МАЧКАТА ЕЛЕОНОРА

Премиера на перформансот развиен во рамки на платформата за изведувачки уметности на Тиииит! Инк. -  ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДИНИНИ 2.0

27.11. ||  20ч ||  МКЦ Клуб

 

МАЧКАТА ЕЛЕОНОРА

по монодрамата на Карен Јес со авторски текстови од колективот и текстови на Елфриде Јелинек, Пол Б. Пресиадо и Силвија Федеричи

 

Коавторки и изведувачки: Моника Ангелевска, Грација Атанасовска, Јасмина Василева, Вероника Камчевска и Катерина Шекутковска

Превод од германски јазик: Катерина Шекутковска

Звук: Горан Москов

Поддршка во креативниот процес: Јасна Жмак, Викторија Илиоска, Кристина Леловац, Биљана Тануровска-Ќулавковски, Ана Дубљевиќ

Извршен продуцент: Петар Антевски

Дизајн: Ема Велковска

Лектура: Љупка Евроска

Права за изведба: S. Fischer Verlag

Продукција: Тииииит! Инк. – Скопје, 2023

Премиерата на перформансот МАЧКАТА ЕЛЕОНОРА е дел од изведувачката програма на Фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО 11 и од програмата МОТ+.

 

ЗА ПЕРФОРМАНСОТ

Како може да се замисли индивидуална и колективна трансформација поаѓајќи од невозможноста за дијалог и од поразителната недоволност на јазикот и зборот? Монодрамата „Мачката Елеонора“ на германската авторка Карен Јес нуди мноштво инспиративни, смели, но и предизвикувачки решенија и одговори за патот кон трансформацијата и предизвиците поврзани со чинот на отфрлање на светот во име на радикалната самоопределба. Токму овие аспекти стојат во фокусот на перформансот „Мачката Елеонора“. Навидум линеарниот процес на трансформацијата од човек во мачка, како и на наративниот развој на перформансот е воден од принципот на сплотени контрадикции. Колективот ги разработува овие процеси не само преку амбивалентниот лик на жената мачка Елеонора Гарацо, туку и преведувајќи ги во контекст на професионалниот, сексуалниот и родовиот идентитет преку комбинирање на текстуалната основа со свои авторски трудови и трудови од други автори/авторки.

ЗА КОЛЕКТИВОТ

Во работата на интердисциплинарната група авторки се преплетуваат пристапи од изведувачките и визуелните уметности со теоријата и книжевноста. Во фокус на нивната автентична практика стои токму комуникацијата меѓу дисциплините и истражувањето на можностите за методски и содржински трансфер од едната во другата. Преиспитувањето актуелни феминистички и родови прашања и политики, како и потрагата по простор за вонинституционално креативно изразување се едни од главните цели на колективот. 

ЗА ПЛАТФОРМАТА

Со цел преку поддршка на кревката независна сцена да придонесе кон афирмација, феминистичка едукација и развој на локалната продукција во полето на современите изведувачки уметности, во 2021 година, Тиииит! Инк. ја формира Платформата за изведувачки уметности ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ  ИДНИНИ, во рамки на која, низ процес темелен на солидарност, поддршка, заедничко учење и соработка, беа создадени авторските феминистички перформанси СРАМ на актерката Ангела Стојановска и ЈОВАНО, ЈОВАНКЕ на танчарката и кореографка Јована Зајкова.

Развојот, низ систем на постојана и сеопфатна поддршка на колективниот креативен процес и продукцијата, на перформансот МАЧКАТА ЕЛЕОНОРА е дел од програмата на Платформата во 2023 година, насловена  ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ 2.0 Програмата е курирана од Кристина Леловац и се реализира во соработка со програмата Култренинг на ЛОКОМОТИВА – Центарот за нови иницијативи за уметност и култура и Меѓунардниот театарски фестивал МОТ. 

***

Активностите на Платформата во 2023 се поддржани од The Kvinna till Kvinna Foundation, Equality Fund, The Sigrid Rausing Trust и Министерството за култура на РСМ.