Од отворањето на изложбата „Тука, но некаде другаде“ во кураторство на Јана Старделова

Во петок 15 декември, во Галеријата ШКУЦ во Љубљана во организација на Тиииит! Инк. и ШКУЦ се случи отворањето на групната изложба со наслов Тука, но некаде другаде / 𝙏𝙪𝙠𝙖𝙟, 𝙖 𝙣𝙚𝙠𝙟𝙚 𝙙𝙧𝙪𝙜𝙟𝙚 / 𝙃𝙚𝙧𝙚, 𝙗𝙪𝙩 𝙨𝙤𝙢𝙚𝙬𝙝𝙚𝙧𝙚 𝙚𝙡𝙨𝙚 во кураторство на Јана Старделова.

Групната изложба содржи дела на седум уметници чии практики комбинираат локални и регионални перспективи. Делата на Невена Алексовски, Елена Чемерска, Ана Чворовиќ, Андреа Кнезовиќ, Ивана Мирчевска, Илија Прокопиев и Ленка Ѓоројевиќ ја сплетуваат динамиката на раселувањето, транснационалните идентитети, колективноста и постојаното менување на чувството за припадност на оние кои ги поминуваат границите. Нивните дела истражуваат интимни картографии на припадност – без разлика дали е доброволна, присилна или замислена, низ времето. Замислена како долгорочна иницијатива, наместо да има за цел да прикаже фиксна перспектива или да докаже одредена точка, таа го покренува случајот за промена, како тие се развиваат и како тие влијаат на нас и на нашите заедници.

Целта на изложбата беше да се стимулира размената на уметнички практики меѓу Скопје и Љубљана со цел да се истражат потенцијалите на хоризонталната соработка во културната сфера предводена од жени кои работат во уметноста заснована на феминистички вредности и принципи и пристап кој ја зема предвид родовата перспектива. Проектот овозможи претставување на современите уметници од Република Северна Македонија во афирмираната и култна галерија во Љубљана „ШКУЦ“. Исто така, придонесе кон зголемувањето на мобилноста на современите македонски уметници, и кон нивната промоција во Република Словенија. Организаторите (ШКУЦ Љубљана и Тиииит! Инк.) и учесниците имаат богата историја во нудење поддршка на независната културна сцена и на уметници од депривилегирано потекло. Изложбата ја посетија приближно 200 посетители. Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 11 јануари 2024 година. Во продолжение може да ги погледнете фотографиите од отворањето чиј автор е Симао Беса/Simao Bessa.

Прочитајте повеќе за оваа изложба ТУКА.