Среќна ни Нова 2024, и осврт кон 2023 година

2023 година е веќе позади нас, и со оваа честитка сакаме да ви посакаме Нова 2024 Година во која заеднички ќе продолжиме да се спротиставуваме на неправдите и ќе продолжиме да ги предизвикуваме патријархалните норми! Ве повикуваме затоа да го погледнете овој осврт на минатогодишните случувања кои ги организиравме заедно со вас.

~~~

И оваа година беше обележана со неспособноста на институциите да ги заштитат жените во оваа земја, а опасностите со кои се соочуваме се секојдневни и демнеат од сите страни. Оваа година како што почна, така и заврши - со случајот на Јилдз Веапоска од Струга која при царскиот рез остана без матка, јајник и бубрег, еве и овој месец повторно, веќе трет пат го почна судскиот процес против тројцата лекари од струшката Болница. Овој круг во кој се постојано се движиме беше поттик за 8 мартовскиот протест под мотото: „Ќе преживеат ли жените овде?“

Во меѓувреме ги одржавме едукативните предавања на тема „Зошто 8 Март?“ во соработка со наставниот кадар во средните училишта и млади идни професор(к)и, едукатор(к)и, обучувач(к)и и просветни работници/чки. Целта на оваа активност која ќе ја спроведуваме и наредната година е да се пополни недостатокот и изоставувањето на темите во образованието поврзани со феминизмот и родовата еднаквост токму на 8 Март - Меѓународниот ден за политичка, економска и социјална борба за еднаквост на жените, како и да се поттикне критичкиот пристап кон образовните материјали кои ги нуди формалното образование. 

На 6 април го имавме и овогодинешното издание на ПичПрич на тема: „Бев сама“ мотивирани токму од тој наплив на вести за кривични дела извршени врз жени во моменти кога поради сплет на околности се нашле сами со сторителот. Авторките на ПичПрич - Ана Василева и Румена Бужаровска, преку „Бев сама“ ја нагласија изложеноста на насилство, погрешното лоцирање на вината, честото непостапување и коментар на недостатокот на системска поддршка со кој се соочуваат жените. На следното видео може да ги погледнете раскажувачите кои ги споделите своите приказни.

Единаесеттото издание на ПРВО ПА ЖЕНСКО го започнавме мотивирани од зборовите на Одри Лорд: „Индината на Земјата веројатно зависи од вештината на жените да идентификуваат и развијат нови дефиниции за моќта и нови начини за поврзување преку различностите.“ На 13 мај го гледавме перформансот „EXTIMA: Плодна почва“ на Оља Грубиќ во продукција на ViaNegativa, којшто ја отвора сложената врска помеѓу приватното и јавното, личното и општественото. Веднаш потоа гледавме и концерт на дуото Алембик од Скопје и спектакуларната Бојана Вунтуришевиќ - една од најактуелните кантавторки во регионов.

На 29 мај ја имавме честа да го проследиме предавањето на Џоди Дин, исклучителна американска политичка теоретичарка, филозофка, професорка по политички науки и медиумска теорија, на што следеше разговор со Сенка Анастасова, филозофка и професорка по естетика и политичка филозофија на тема интерсекционалниот хуманизам денес. 

Особено сме горди што оваа година заедно со иницијативата ПЕРИОД.Скопје успеавме да ја одржиме конференцијата на тема: „Кршење на табуата: Менструална правда за сите!“ на која учествува претставнички на граѓански здруженија, членки на парламентот и други државни институции. Воведно обраќање имаше парламентарката на Шкотскиот парламент - Моника Ленон, заслужна за застапувачкиот процес во парламентот кој резултираше со носење на посебен закон. Оваа конференција имаше за цел да развие дискусија за состојбите со менструалната правда во земјата и да понуди решенија за конечно искоренување на менструалната сиромаштија како и рушење на табуата и стигмата поврзани со менструацијата.

Во рамки на ПРВО ПА ЖЕНСКО во соработка со Skopje Pride Weekend, оваа година на СРАМОТА! Поминавме одлично во Кино Фросина, а шлагот на тортата дефинитвно беше настапот на Кочо Андоновски придружен со Лео и Игну, кој во едно специјално дрег уживање нѐ извади од кондури најпрво со неговиот емотивен монолог, а потоа и липсинкајќи ја History repeating од Propellerheads како Ширли. Румена тоа прекрасно го опиша овде.

Горди сме дека во септември, направивме голем чекор и за прв пат ја организиравме диџејската работилница „ЖЕНИ ЗАД ПУЛТОТ“ наменета за девојки и жени кои сакаат да ги развијат своите диџејски вештини. Работилницата траеше еден месец, а менторката на работилницата, добро познатата диџејка Дијана Димитриевска aka DIAH и диџејот, дигер, промотер и менторот на работилницата Бојан Јанев aka Soul Case ги споделија своите знаења со 10-те девојки кои учествуваа на истата. Во октомври направивме и завршна журка која помина прекрасно, а дел од девојките веќе имаа самостојни сетови и по завршувањето на работилницата.

Имавме можност да го гледаме авторскиот проект на пистелката и драматуршка Јасна Жмак „this is my truth tell me yours“ на Академската сцена на ФДУ - нашите најскорешни соработници, каде присуствуваа повеќе од 100 посетители. 

Повторно имавме можност да се дружиме со нашите соработници Контрапункт и со уметницата Шејла Камериќ која во октомври ја промовираше својата уметничка книга „Mother is a bitch“ во Музејот на современата уметност во Скопје, каде Тиииит! Инк. И Контрапункт учествуваат како соработници. На следниот линк е видеото од разговорот каде наши гостинки освен Шејла Камериќ, беа и уредничката на изданието Жива Клајндинст, Јасмина Тумбас и Милица Безмаревиќ. Разговорот го водеше Јованка Попова. Доколку сте заинтересирани за копија од книгата, слободно контактирајте не на нашиот мејл tiiiit.inc@gmail.com

Помогнати од Француската Амбасада во Скопје, во ноември во организација на Тиииит! Инк. се случи стратешкото планирање и регионално поврзување со партнери од Албанија, Косово и Црна Гора со кои заеднички си поставивме за цел понатамошно застапување за менструална правда и сеопфатно сексуално образование. Ова беше можност да се увиди колку сите земји во регионот се соочуваат со истите предизвици со што заедничка акција се чини како соодветен приод кон решавање на проблемите и подигнување на свеста за овие исклучително важни проблеми. 

Нашата Кристина Леловац и оваа година беше координаторка на платформата за изведувачки уметности ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ 2.0 на којашто беше избран интердисциплинарниот уметнички колектив составен од пет жени Моника Ангелевска, Грација Атанасовска, Јасмина Василева, Вероника Камчевска и Катерина Шекутковска, кои успеаа да го подготват пефромансот „Мачката Елеонора“ - промовиран во рамките на МОТ и имаше две целосно пополнети изведби во Клуб МКЦ, во рамките на МОТ+ на крајот на ноември. Продуцент на перформансот е Петар Антевски.

 

Оваа година ја продолживме и иницијативата за отворање на „Дијалог кој недостасува“ во рамки на програмата на МОТ и во соработка со ЛОКОМОТИВА, а овој пат темата беше: „Институција која недостасува“, односно дијалог за заеднички простор кој би ги споил современите перформативни практики кои делуваат во земјава.

Една од работите на кои најмногу сме горди е и можноста го прикажеме документарниот филм „Молкот на разумот“ на нашата Кумјана Новакова, како специјална проекција во рамки на ПРВО ПА ЖЕНСКО. Форензички видеоесеј изграден како перформативно истражување на првиот случај на меѓународен кривичен трибунал во кој беа донесени пресуди за воено силување како форма на тортура и за воено сексуално ропство како злосторство против човештвото. Филмот до сега е препознаен како одлично документарно остварување на Кумјана, и добитник е на многу награди на познати фестивали за документарни филмови. По проекцијата следуваше и дискусија, а наредниот ден одржавме и интимна работилница за „Медитативно везење“.

На крај, оваа година ја завршивме со првиот настан, изложбата „Тука, но некаде другаде“, којашто ја организиравме во Словенија во Галеријата ШКУЦ во Љубљана во соработка со ШКУЦ, а со помош на нашата Јана Старделова која беше кураторка на изложбата. Изложбата содржи дела на седум уметници чии практики комбинираат локални и регионални перспективи и може да се посети до 15 јануари 2024 година. 

Тешко е да се зборува за успеси оваа година во која сме сведоци на војни, на насилство за коешто секојдневно проследуваме во медиумските простори, на бруталност каква човештвото одамна нема посведочено. 

Но, има мала светлина која одвреме навреме нѐ потсетува дека постои нешто добро. Непосредно пред Новата Година, се формираше регионалната мрежа ФАМа - којашто има за цел да ги поврзе феминистките од регионот заедно да се спротиставуваат на растечките етно-национални појави и фашистички појави. ФАМа (Феминистичка антифашистичка мрежа) е иницирана по одбележувањето на 80-годишнината од формирањето на Антифашистичкиот фронт на жените во Југославија во 1942 година.

Жените навистина ќе го сменат светот!

Тешко е да се види, но таму е - ќе успееме…