„ПРЕОБРАЗБИ има многу: архива на искуства и промислувања за создавањето на перформансот „Мачката Елеонора“

Публикацијата „ПРЕОБРАЗБИ има многу: архива на искуства и промислувања за создавањето на перформансот „Мачката Елеонора“ е детален приказ на процесот насоздавање на колективниот перформанс „Мачката Елеонора“ според истоимената монодрама на Карен Јес, во рамки на Платформата за изведувачки уметности „Испробување феминистички иднини 2.0“.

„Низ разговори и книжевни вежби, сфативме дека конвенционален, праволиниски пристап кон начините на кои се развивал перформансот изминатите месеци не одговара на природата на нашиот креативен процес. Сакавме нашите искуства и рефлексии да ги изразиме низ различни книжевни и визуелни форми и со тоа да се повикаме на концептот на „преобразба““ - велат девојките од колективот.

Публикацијата која ја концепираа, развија и уредија заедно, како заокружување на креативниот процес,  е збирка од фотографии и дневнички записи од пробите, интервјуа кои девојките од колективот ги направија една со друга, илустрации поврзани со изворниот текст од кој настана перформансот, како и текстови  икоментари од соработничките/ците, подржувач(к)ите и публиката.

“Додека грижливо ги следевме одблиску преобразбите низ кои поминуваа девојките во текот на создавањето на „Мачката Елеонора“, стануваше се појасно дека поставеноста на креативен процес во услови втемелени на феминистички вредности какви што се грижата, поддршката, рамноправноста, солидарноста, заедништвото… кои Платформата „Испробување феминистички иднини“ ги осигурува,  е клучна не само за создавање на навистина современи, уметнички автентични и општествено релевантни дела на независната изведувачка сцена, туку и за задлабочено промислување на комплексностите на креативните процеси во нејзин контекст. „ПРЕОБРАЗБИ има многу” срдечно ги споделува сознанијата од едно вакво промислување и нуди смерници за нови слични подвизи, ветувајќи (феминистичка) иднина за изведувачките уметности на нашата кревка независна културна сцена.” - вели Кристина Леловац, кураторка на Платформата. 

Примерок од публикацијата ќе можете да понесете со себе по изведбите на перформансот „Мачката Елеонора“ во понеделник и вторник во МКЦ Клубот.

Публикацијата е достапна на македонски и англиски јазик.

Коавторки и коуреднички на публикацијата: Моника Ангелевска, Грација Атанасовска, Јасмина Василева, Вероника Камчевска и Катерина Шекутковска

Поддршка во развој на концепт и содржини на публикацијата: Ана Дубљевиќ

Лектура: Дејан Василевски

Превод на англиски јазик: Анастасија Петровска

Дизајн: Ема Велковска

Тиииит! Инк. 2024