Настан по повод Меѓународниот ден за менструална хигиена #ПрваМенструација
🩸Настан по повод Меѓународниот ден за менструална хигиена - #ПрваМенструација
📅 27 мај
⏳ 18:00 - 22:30
📍 Младински Културен Центар
 
И оваа година го одбележуваме и славиме „Меѓународниот ден за менструална хигиена“! 🩸 Овој пат тоа го правиме на 27 мај (понеделник) во Младинскиот културен центар (МКЦ) со програма наменета за сите преку која ќе се информираме за значењето на менструалната правда, како конечно да се искорени менструалната сиромаштија и ќе ги срушиме табуата и стигмата поврзани со менструацијата.
 
Како главен фокус на овој настан ќе биде поставувањето на диспанзери за бесплатно пристапување до влошки за менструална хигиена. Иницијативата која беше покрената пред неколку години ја остваруваме оваа година, засилени и здружени со Француската амбасада во Скопје. Со оваа акција нашето МКЦ ќе стане првата јавна културна установа која нуди пристап до бесплатни менструални продукти. 🩸
 
Минатата година Тиииит! Инк. заедно со иницијативата ПЕРИОД.Скопје ја одржаа конференцијата „Кршење на табуата: Менструална правда за сите!“. Истата беше мотивирана од истражувањето спроведено во 2021 година со реактор - истражување во акција, со наслов „Менструална правда: сеопфатна студија за пристапот до менструална хигиена во Република Северна Македонија, проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките“, кое ни даде увид за менструалната правда во нашата земја. Она што е важно да се забележи е дека од 2021 година до денес нашата долгогодишна работа доведе до менување на дел од постоечките политики, но свесни сме дека предизвиците се сѐ уште присутни за да дојдеме до суштинско надминување на проблемите.
 
❗Обезбедувањето на пристап до бесплатни менструални продукти е еден од начините за да се искорени менструалната сиромаштија и да се обезбеди достоинствено менструирање. Водејќи се од позитивни примери и успешни иницијативи и практики во други земји, се надеваме дека ова право, а не привилегија, ќе биде достапно за сите лица кои менструираат и во РСМ и дека оваа акција ќе биде поттик и мотивација за да започнат да ја практикуваат и останатите релевантни установи и институции низ градот Скопје и низ целата земја!
Се гледаме на 27 мај во МКЦ!
 
Настанот е соработка меѓу организациите Тиииит! Инк., ПEРИОД Скопје и ХЕРА, со поддршка од Француската амбасада во Скопје.
 
🩸Програма:
 
18:00 - Свечено отворање на настанот
19:30 - Квиз: Сеопфатно сексуално образование - ХЕРА
20:00 - Промоција на книга #ПрваМенструација
20:30 - Проекција на кратки филмови
21:30 - Концерт на Долорес (Србија)