Васка Мојсовска – желбата да се борам за правата на руралните жени ми се појави уште од рани години

Интервју на Антонела Марушиќ, превод Душица Лазова

Васка Мојсовска е земјоделка и првата жена претседателка на Националната федерација на фармери (НФФ) во Северна Македонија. Оваа година, ѝ беше доделена WoW наградата за “страшни“ жени за нејзината долгогодишна борба и застапување на правата на македонските рурални жени и земјоделки, од страна на жири комисијата на Tiiiit Inc. По тој повод, поразговаравме со оваа исклучително вредна и сестрана жена за нејзиното созревање и формирање, положбата на руралните жени во Северна Македонија, застапувањето на нивните права, како и за земјоделскиот живот и работата.

Живеете во селото Тимјаник каде веќе 20 години раководите со фарма. Како изгледаше вашиот пат од земјоделка до активистка за правата на руралните жени? Кога сфативте дека сакате да се застапувате за родова еднаквост?

Животот ме научи дека морам постојано да се борам за опстанок. Уште како дете бев постојано на нива. Со брат ми израснавме во Тимјаник, садевме лозје, пипер, тутун. Нашите родители останаа без работа за време на транзицијата, па спасот го најдоа во земјоделието и обработувањето земја. Тоа детство поминато во калта ме направи многу посилна.

Се омажив уште на 19 години, со незавршени студии, во 1997 година, време во кое имаше многу малку можности за вработување, особено за деца од село. Мојот сопруг наследи 1,5 хектар лозје од неговите родители, па бидејќи немавме други можности, решивме да се занимаваме со земјоделие. Меѓутоа, уште во првата година ни стана јасно дека ако сте решиле да се занимавате со земјоделие, или ќе обработувате поголема површина или воопшто нема да ви се исплати. Тогаш почнавме да се прошируваме садејќи по неколку нови лозови насади секоја година, а за да го исплатиме тој влог моравме да ја продадеме старата Застава, но и тоа не беше доволно.

На 22 години, работејќи на поле, со две мали деца и без сопствен имот, го убедив свекор ми, сопругот, мојот и неговиот брат, да ми го дадат под закуп сиот недвижен и движен имот за да можам да подигнам кредит. За да заштедиме на набавка на нови лозови садници, со сопругот одлучивме да пробаме да калемиме садници за свои потреби. За таа цел, отидовме да го научиме занаетот во Србија, поточно во Трстеник, Велика Дренова. Откако го усовршивме калемењето на лозови садници, почнавме да произведуваме и за продажба.

Не беше лесно да се студира, работи и да се израснат две мали деца, кои своето детство го поминаа по полињата исто како нивните родители, но ако волјата и желбата за успех се поголеми од маката, тогаш ништо нема да ви биде тешко. Работата не ја делевме на машка и женска, туку на работа која треба да се сработи. Така, на 30 години, веќе професионално возев трактор. Со зголемувањето на бројот на лозови насади и произведувањето на овошни и лозови садници, ја основавме семејната фирма ,,Агро Калем– Тимјаник, за која со гордост можам да кажам дека денес е најголем производител на домашни овошни и лозови садници во Северна Македонија. Па така, од борба за опстанок со само 1,5 хектар пред 23 години, денес обработуваме дури 70 хектари земја. Нашата фирма произведува најквалитетни домашни лозови и овошни садници и највкусно трпезно и винско грозје. Постепено се модернизираме, како со производство на нови видови садници, така и со подигање на нови лозови насади со трпезни сорти кои се добри и на квалитет и на квантитет. Во 2016, изградивме и ладилник, кој ни го олесни складирањето производи.

Фото: Драгица Николовска

 

Нашите деца, 22-годишната ќерка и 20-годишниот син, се вклучени во работата уште од мали нозе и се потполно свесни за целиот процес кој ја сочинува работата на терен, знаејќи дека земјоделието е нашиот основен животен пат. Во иднина, тие ќе продолжат да се занимаваат со земјоделие; ќерката дипломираше на Земјоделскиот факултет во Скопје, на смерот овоштарство и лозарство, а синот сè уште се школува на истиот факултет.

Да се изгради семејна фирма, особено во земјоделскиот сектор, е навистина тешко, физички и психички, бидејќи бара 24-часовен ангажман и посветеност. Нашата работа не следи шаблони бидејќи зависи од временските услови и навременото завршување на работните обврски. Неколку години наназад, климатските промени ни предизвикуваат големи потешкотии во производството, а недостатокот на работна сила е огромен проблем со кој се соочува земјоделството, па потребни се јаки нерви, посветеност и вештина за сè да се сработи.

Желбата да се борам за правата на руралните жени ми се појави уште од рани години, како дете, бидејќи посведочив како беа дискриминирани мојата мајка, баба и останатите женски членови од нашето семесјтво. Тие беа изоставени од имотните распределби, културните и социјалните случувања, оставени без можност да се вработат и да имаат сопствени примања, нешто што беше правило во сите семејства во руралните средини. Како деца бевме дискриминирани бидејќи не одевме во градинка како децата од урбаните средини, не посетувавме курсеви за странски јазици, не одевме во театри и кина, не можевме да се занимаваме со спортски активности бидејќи во селата не постоеја такви можности. За жал, дури и ден-денес, најголемиот дел од селата во Северна Македонија ги немаат овие услови, па така и сегашните деца се соочуваат со истите проблеми со кои се соочувавме јас и моите врсници.

Бројот на жени во руралните средини кои добиваат поддршка од своите семејства за она што го прават е многу мал, а најголемата причина за тоа се традиционалните бариери кои се најприсутни во селата. Само 5% од жените во руралните подрачја имаат свои недвижнини, што укажува на тоа колку тие (не) се борат за своите права. Според законот кој ги регулира имотно-правните односи тие имаат право да бараат дел од имотот на своите родители, но одбиваат да го направат тоа бидејќи сметаат дека земјиштето им припаѓа на машките деца, а не на ќерките. Така ги учат и своите деца, продолжувајќи ја таа традиција. Токму овие предизвици ме мотивираа да се борам за правата на руралните жени.

Фото: Драгица Николовска

 

Некаде спомнавте дека сте научиле да возите трактор дури и пред да научите да возите автомобил и дека машките членови од вашето потесно семејство – свекорот и сопругот – ви биле голема поддршка во земјоделската работа. Како се стекнавте со важни знаења за земјоделската работа во современи околности?

Ако на жените во урбаните средини им е тешко да успеат во својата работа, верувајте дека на руралните жени им е уште потешко, а особено да успеат како жена-лидер. Тоа е затоа што руралните жени го поминуваат целиот живот работејќи дома и на нива, а нивниот труд е неплатен. Бројот на жени во руралните подрачја чии семејства ги поддржуваат во нивната работа е многу мал. Јас ја имав таа среќа да се омажам во семејство во кое постои рамноправност помеѓу мажите и жените, така што свекорот за многу кратко време ме научи да возам трактор, на моја голема радост бидејќи не морав да пешачам по полињата кога маж ми не беше со мене. Имав поддршка од сите членови на семејството за моите достигнувања и сметам дека тоа е најважно за секоја жена која сака да успее. Заради работата, често бев надвор од дома и немав можност да им посветам на децата онолку време колку што посакував, но горда сум на нив бидејќи се посветени на работата и го применуваат нашето правило дека ,,нема тука машка и женска работа, туку работата треба да се сработи”.

Со сопругот се усовршуваме и постојано учиме за земјоделието: различните тренинзи, семинари, студиски патувања во странски земји ни беа неверојатно корисни бидејќи на тој начин се запознавме со многу нови технологии кои ги вклучивме во нашето производство. Секако, моето долгогодишно членство во Федерацијата на фармери имаше големо влијание бидејќи ми овозможи да бидам дел од споменатите обуки, а денес, како претседателка, се залагам за сите тие активности во интерес на земјоделците.

Вие сте првата жена претседателка во Националната федерација на фармери (НФФ) во Северна Македонија. Што значеше за вас да бидете избрани на таа позиција и како стигнавте таму? Што сè беше потребно за да влезете од светот на земјоделството во светот на политиката и застапувањето на правата и положбата на жените-фармери?

Петнаесет години по основањето на НФФ, членовите за првпат одлучија да бидат водени од жена. Секако, тоа беше резултат на моите активности и залагања. За мене тоа е огромна чест, но и одговорност, бидејќи сакам да ја оправдам довербата. Позицијата претседателка на Федерацијата е голем предизвик иако целиот мој живот се занимавам со земјоделие и живеам од тоа. Земјоделството е гранка со бројни проблеми кои изискуваат многу труд, лобирање и нерви за да се решат. Приоритет ми претставува да го подобриме пласманот на земјоделските производи, економскиот и социјалниот статус на руралните жени и поголемо вклучување на младите во земјоделството.

Да се биде на чело на здружение како НФФ, кое обединува 3000 фармери, е многу одговорна позиција, особено во поглед на лобирање и застапување пред државните институции. Она што научив да го применувам од земјоделието е упорност, верба и мотивација за подобар и подостоинствен живот за земјоделците. Морам да напоменам дека во НФФ има и професионален тим кој им дава огромна поддршка на земјоделците, особено членовите на Управниот одбор кои се занимаваат со лобирање. Тие ме поддржаа како претседателка, заедно со Мрежата на жени-фармери, како посебно тело во рамки на НФФ. Единството е клучот до успехот, заедничката работи нè прави посилни, поотпорни и поспремни за правење промени.

Секоја функција која ја извршуваме во текот на нашиот живот ни помага да се оформиме како личност. Слободно можам да кажам дека работата со земјоделките ме исполнува и секој нивен проблем го доживувам лично, а кога успеваме заедно да стигнеме до решение, тоа дополнително ме исполнува и ми дава поттик за нови предизвици. Од друга страна, многу често не сум дома со семејството заради работните обврски, но ако нешто навистина посакувате, тогаш ништо не е тешко, и со добра организација и координација стигнувам да завршам сè што треба.

Фото: Драгица Николовска

 

Со кои потешкотии се соочуваа руралните жени во Северна Македонија во минатото, а каква е нивната економска и социјална положба денес? Кои се нивните најголеми проблеми и во кои области треба да се залагате за законски измени?

Жените во руралните подрачја се соочуваат со бројни предизвици, социјална исклученост, невработеност, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, доминација на традиционалните норми, лишување од правото на сопственост на земјоделско земјиште и имот, лишување од правото на платено родителско отсуство, ограничен пристап до образование, информации, здравствена заштита, итн. Ваквите услови ги присилуваат руралните жени да живеат во сиромаштија и ја поттикнуваат миграцијата. Околу 64% од руралните жени не се активни на пазарот на трудот заради обврските во домаќинството и грижата за децата, а 47% од невработените рурални жени вршат неплатена работа на семејни фарми. Во поглед на наследувањето имот, традицијата во руралните средини дозволува единствено мажите да бидат наследници. Само 5% од жените се водат како носители на имот и земјоделско земјиште. Најголемиот дел од нив не ги доживуваат овие практики и традиции како дискриминаторски, туку ги прифаќаат како нормални и ги почитуваат без приговор.

Како резултат на интензивната работа на НФФ, поддржана од Шведската развојна организација We Effect, воведени се промени во националните политики насочени кон создавање ефективни мерки за поддршка на руралните жени. На барање на НФФ и Министерството за труд и социјална политика, Владата на Република Северна Македонија ги елиминираше дискриминаторските критериуми од мерката 115 наменети за активни женски членови во земјоделското стопанство од Државната програма за финансиска поддршка на руралниот развој. Дискриминаторските критериуми за остварување на правата од оваа мерка бараа од жената да има едно дете, да е мажена, невработена, да живее на 800 метри надморска височина во населено место со 200 жители. Ние како здружение остро се спротивставивме на овие критериуми и нашето барање беше прифатено. НФФ активно учествуваше во креирањето на нови критериуми развиени во рамките на Групата за координација на родова еднаквост при Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство, поддржана од UN Women. НФФ во моментот лобира за уште еден проблем поврзан со дискриминацијата во руралните области, а тоа е лишување од правото на користење платено родителско отсуство и боледување на регистрирани земјоделци, како резултат на законски пропуст во Законот за здравствено осигурување.

На кој начин Декларацијата за подобрување на економската и социјалната позиција на руралните жени, потпишана во 2018 година, ја подобри положбата на оваа група? Таа беше потпишана од страна на Министерството за земјоделство и Министерството за труд и социјална политика – колку овие институции соработуваат со НФФ?

Ова е многу важна декларација за нас жените од руралните средини, пред сè заради тоа што ги обврзува обете институции да ја подобрат економската и социјалната положба на жените во руралните области со зајакнување на ефикасноста и влијанието на националните програми за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, закони и стратегии од областа на родовата еднаквост, недискриминацијата, земјоделието, руралниот и општествениот развој. Веднаш по потпишувањето на Декларацијата, започна процесот на промена на дискриминаторските услови од мерката 115 и се создадоа нови критериуми за оваа мерка, кои се важни за економското зајакнување на жените-фармери. Главната одредба на Декларацијата е создавање мерки и политики за подобрување на економската и социјалната положба на жените во руралните средини, како и создавање мерки за признавање на неплатената работа на жените за грижата за семјеството и изнаоѓање решенија за жените во руралните средини кои немаат остварено право на пензиско и породилно отсуство. Нивната улога во преговарачкиот процес со институциите е важна, особено во денешно време кога се соочуваме со глобален проблем како што е корона вирусот, кој предизвикува проблеми во земјоделството и во селата, а една од најранливите категории во селата се токму жените, затоа што опсегот на нивната работа сега е зголемен и во домот и на нивите, а нивниот труд сè уште не се цени.

НФФ организира разни обуки за руралните жени во Македонија. Која од нив последно ве направи горда?

Со цел да се обединат и да им се подигне свеста на руралните жени за нивната улога во локалните заедници и општеството, НФФ заедно со Мрежата за рурален развој го организира Меѓународниот ден на руралната жена на 15ти октомври секоја година. Во 2017 година, во Ресен се одржа првиот Марш на рурални жени, на кој беа истакнати нивните проблеми и предизвици. Овие настани заедно со студиските посети, организирањето на традиционалниот хуманитарен настан „Јуфкијада“, во кој учествуваат 60 земјоделки членки на НФФ, овозможуваат размена на искуства, остварување нови познанства и соработка.

Фото: Драгица Николовска

 

Со цел економски да се зајакнат и обединат жените од руралните средини, Националната федерација на фармери, преку проектот „Институционална поддршка на НФФ“ поддржан од Шведската организација за развој ,,We Effect“, се служи со методи на студиски круг и фокус групи за заедничко производство и продажба. Досега се формирани 4 фокусни групи и студиски круг: фокус група во Мустафин, село во близина на Свети Николе, за производство на органски зеленчук; фокус група во неготинското село Тимјаник за обука за пренесување на садници од култиватор на нива, со можност за понатамошно вработување во компанијата; фокус група во Ресен кадешто се организира обука за одгледување на лековити растенија карактеристични за Преспанскиот регион и заеднички настапи организирани од локалното преспанско угостителство; фокус група во кочанското селото Горни Подлог, за производство на јуфки, и студиска група во неготинското село Тимјаник за производство и заедничка продажба на маџун.

Во колкава мера е развиено одржливо земјоделство во Северна Македонија?

Земјоделството е исклучително важна индустриска гранка во Северна Македонија. Околу 10% од БДП-то доаѓа од земјоделството, а населението преживува од земјоделската активност. Во последните 20 години, очигледен е развојот во одредени сектори, но и големиот пад на сточарството. Малкуте површини за производство, недостатокот на рурална инфраструктура, недостатокот на вода и слабото инвестирање во модернизација предизвикуваат низок индекс на вредноста на земјоделското производство и многу ниски плати за семејните фарми. Динамичните промени на пазарот и новата побарувачка се премногу брзи за повеќето производители. Свеста за одржливо земјоделство е во пораст, постојат државни субвенции, но учеството на одржливото земјоделство е под 10%. Една од основните вредности за кои се залага НФФ е токму одржливиот развој, благосостојба на животните, адаптација на производството кон климатските промени и намалување на хемиските реагенси во процесот на производство. Особено важна група за промената на земјоделството во насока на заштита на животната средина и локалниот развој се младите земјоделци кои повеќе ги разбираат овие процеси.

Претпоставувам дека го гледавте документарниот филм ,,Медена земја”. Во која мера покажува важни аспекти од животот на руралните жени во Северна Македонија?

Филмот верно ја претставува руралната жена и нејзината борба за опстанок, грижата за семејството, родителите и грижата за природата. Руралните жени се невидлива поткрепа на селата и затоа е важно, не само кај нас туку и насекаде во светот, да се работи на економското зајакнување на руралните жени што ќе придонесе кон нивна поголема вклученост и активизам во креирањето на земјоделските и руралните политики.

 

 

Доделувањето на наградите за Страшни жени на годината - Fierce Women WoW Awards е дел од активностите на проектот Women on Women кој заеднички во спроведуваат Mesto žensk во Словенија, Prostor rodne i medijske kulture K-zona во Хрватска, Тиииит! Инк. во Северна Македонија и Outlandish Theatre Platform во Ирска. Активностите ги ко-финансира Европската комисија во рамки на програмата Креативна Европа.