Ослободување на потиснатите женски искуства

Со фокус врз архивски снимки, филмската програма на ППЖ 9 е автентично, непредвидливо и контемплативно патување низ женското искуство. Четирите експериментални филмови продираат во прашливите архиви и без страв вадат на виделина потиснати истории. Затоа, во рамки на програмата, камерата оваа година служи за преземање на јавниот простор и дискурс и со тоа за длабоко промислување на стварноста, историјата, системите на моќ, и погледите на и кон жената. 

Фестивалското филмско патување започнува во семејните архиви на уметницата Рут Хофлих. Учеството на нејзините предци во вештерски судења било премолчувано со векови, а доказот за траумата се наоѓа единствено во семејните архиви.  Во „Растение (836 страници, 33 денови)“ Хофлих и мајка ѝ тргнуваат од нивниот приватен простор, но откриваат приказна која отвора важни прашања за темелите на модерниот западен свет, игнорираните колективни злосторства и заташканите женски искуства. Филмот е одличен вовед во годинешната програма, започнувајќи го храброто откопување и пречитување на историјата.

Во „Камерадин“, уметничкото дуо Допелгангер Колектив покажуваат како колективните вредности и очекувања ја ограничуваат индивидуалната слобода. Филмот е колаж од Југословенски филмски сцени со Милена Дравиќ во кои таа има стереотипна улога (мајка и домаќинка). Заробена е на филмското платно пред антагонистичка публика и нејзините обиди да се ослободи од репетитивното секојдневие се неуспешни. Во центарот на овој налудничав колаж е сцена од „В.Р.: Мистерии на организмот“ во кој пресечената глава на Дравиќ изјавува: „Другари, јас ни сега не се срамам од моето комунистичко минато.“ За протагонистката, овој извадок од превратниот филм на Душан Макавеев е потсетник за слобода, но и за разочарувањето од комунизмот чија идеја за еднаквост не се применила целосно во пракса. „Камерадин“ зборува за односот и погледот кон жената на овие простори – Колку се тие навистина сменети од комунизмот до денес и колку во доминатно патријархални општества воопшто постои интерес за промена?

Третиот филм на програмата се надоврзува на идејата на „Камерадин“, но остава погорчлив вкус по гледањето. Систематското банализирање и објектифицирање на жената води кон згрозувачки и страшни последици. Па така, филмот на Џиоти Мистри со болна иронија кажува дека „причина за смрт е жената“. Мистри обработува тема која е особено релеватна за денешното македонско општество каде секојдневно ја сведочиме апатичноста на голем број државни институции кон родово базираното насилство. Преплетувајќи стари етнографски снимки со морбидни анимации, „Причина за смрт“ е моќен крик против патријархалната опресија и фемицидот, а со ритмичноста и поетичната нарација од Напо Машеане, филмот повикува кон гневен и растреперувачки танц во име на слободата и правдата. 

Крајот на ова бурно филмско патување е „Земја женска“ на Кортни Стивенс – колекција на аматерски патописни снимки направени од повеќе жени меѓу 20те и 40те години од минатиот век. Искрениот и љубопитен наративен глас на Стивенс нежно го води гледачот низ медитативно патување и поттикнува индивидуално запознавање со погледите и искуствата на снимателките. Филмот го враќа местото на овие снимателки во историјата на документарниот филм и ја покажува жената во активна истражувачка улога. Тој исто така опфаќа повеќе теми меѓу кои женскиот поглед, екофеминизмот, феминистичката историја, и критиката кон империјализмот и капитализмот.

Секое од овие дела на различен начин охрабрува општествени промени и ја проширува перцепцијата за женското искуство. „Растение“ и „Земја женска“ се нежни и трпеливи во својот пристап, но прават храбро пречитување на женската историја. „Камерадин“ и „Причина за смрт“ пак можеби делуваат песимистично на прв поглед,  но без влакна на јазикот освестуваат за клучни аспекти на односот на заедницата кон жените. Иако сите користат архивски снимки и имаат тематски преклопувања, четирите филмови се уникатни сами по себе и ја потврдуваат темата на филмската програма – „Ова не е сон за заеднички јазик, туку за моќна и неверна хетероглосија“

Филипа Сара Попова

*Во соработка со Tiiiit! Inc., рецензентките имаа можност да ги погледнат филмовите селектирани за филмската програма „Ова не е сон за заеднички јазик, туку за моќна и неверна хетероглосија“, курирана од Кумјана Новакова, на „Прво Па Женско“ 2021. Ова е една од напишаните рецензии.