Ничии прагови конкретно

(фото галерија)

 

Изложбата на авторките Елена Чемерска и Ивана Мирчевска, со наслов Ничии прагови конкретно, беше отворена за јавноста од 17-23 август во рамки на програмата на осмото издание Прво па женско, во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. За оние кои немаа можност да ја проследат, во продолжение опис и фото галерија. Им благодариме на Драгица Николовска и Зоран Шекеров за фотографиите.

 

Замислетe една променлива архитектура која оперира како open source софтвер, чии материјалност и виртуелност остануваат отворени за постојана модификација и подобрување, следејќи го навигацискиот импулс на телото. Тоа е движечка сила на телото која просторно го изразува чувството, како нешто што постои меѓу луѓето, неограничено со нивниот внатрешен простор. Во овој праг, односно во овој  простор, влегуваме со помош на протези. Генерирајќи слики / тела / аватари  се  прашуваме: што всушност значи да се насели едно такво тело во една таква реалност? Што се случува кога она што го гледаме не се само слики, туку слики од  нашите сопствени тела? Што се случува кога сликата на нашето тело која ја гледаме, и самата гледа и комуницира со останатите слики во таа сфера? Што се случува кога чувствуваме дека овие слики взаемно делуваат, дека нашиот аватар комуницира со други слики? Дали е воопшто можно нешто да чувствуваме во тој миг? Што е всушност виртуелно чувствување? Како се отелотворува виртуелното? Не постои ништо што треба да биде прифатено како нешто фиксно, постојано, како однапред зададено; ниту материјалните услови, ниту општествените норми. Денес сме сведоци на промена на парадигма во нашата корелација кон светот и кон “другиот”. Затворени во мали простори на фиксни локации, преиспитуваме како економијата на нашите тела подлежи на нови форми на чувствено, политичко и географско потчинување и отуѓување. Без оглед на тоа што нашите аватари личат на нас, тие не се исто што и ние. Tие се стратешки обиди да се прераспоредат постоечките технологии во прогресивни родови цели. Ова дело го гледаме како обид за дослух со ксенофеминистичкиот повик за употреба на разумот, каде што разум значи сечие право да зборува од позиција на никој  конкретно.

Соработник: Владо Данаилов, архитект

Звук: Јован Близнаковски

 

Дополнителна Биографија

Хелена и Европа се алтер егата на Елена Чемерска и Ивана Мирчевска, родени од искуството со Спекулативниот прирачник по опседнати прагови. Хелена е машина која памети и формулира, божица на невронска мрежа. Таа е борка за слобода и терористка за независност од асоцијации. Европа е повикувачка на дигиталните одметници. Таа е остров, простор со многу координати. Таа ги негува окото и умот. Таа е екран, шум и глас кој ги регистрира емотивните, когнитивните и перцептивните апаратуси на сите сајбер видови.

Ивана Мирчевска (1992, Скопје) е визуелна уметница и истражувачка чијашто пракса е вкоренета во медиумите засновани на време, визуелна антропологија, студии на меморија и сликарство. Експериментирајќи со хибриден жанр на  документарната форма таа е заинтересирана за тоа како технологијата на перцепција создава субјективитети. Поточно, таа ја истражува амбивалентноста на сликата при (ре)презентирање на реалноста на трудот, полот, медиумите, надзорот, со цел да го потенцира естетскиот потенцијал на индивидуалното и колективното тело за да генерира одржливи предлози и стратегии. Во рамките на „есеистичката“ пракса, нејзините дела најчесто го опфаќаат форматот на слики во движење, архиви и инсталации. Ивана своите магистерски студии ги зaвршува на Акдемијата за уметности Брера во Милано, Италија. Таа има учествувано на ENGAGE - Public School for Social Engagement in Artistic Research, курирано од Viafarini, Милано, Италија, Fuori Visioni 3 - Фестивал на современа уметност, Museo Civico di Storia Naturale, Пиаченца, Италија (2017), Мултимедијалниот фестивал „Под земја полесно се дише III” Скопје, како и на Биеналето на млади уметници, МСУ, Скопје (2018). Ивана е дел од кураторскиот тим на фестивалот „Под земја полесно се дише“ организиран од уметничкиот колектив Кула.

 

Елена Чемерска (1991, Скопје) е визуелна уметница и истражувачка. Во својата уметничка практика ги истражува врските помеѓу естетиката, материјалноста и политиката, комбинирајќи различни медиуми и  стратегии со желба да се раслојат наративите втемелени во културолошките структури во кои е преплетена релацијата меѓу универзалното и партикуларното. Магистрирала уметност и дизајн во ликовни уметности на Master Institute of Visual Cultures, AKV St. Joost Academy of Art and Design во Сертогенбош, Холандија. Учествувала во повеќе изложби во земјата и во странство, меѓу кои: “Monumental Fluxus”, Expoplu, Најмеген, Холандија; “Monument to Freedom-Conversations”, изложба и промоција на книга, Private Print Studio, Скопје; “RESTART”, Младински културен центар, Скопје; "What Do We Dance For?", Галерија Nectar, Тбилиси, Грузија, Биенале на млади уметници, МСУ, Скопје; Проекција “Transition”, Eye Research Lab, Eye Museum, Амстердам, Хоалндија, итн. Моментално живее помеѓу Скопје, Северна Македонија и Берлин, Германија.