Хуморот како олеснување, апсурдот како илустрација на стварноста

Ова интервју е преземено од хрватскиот онлајн портал Kulturpunkt, каде беше објавено пред точно еден месец. На 18 јуни во Дансинг салата на Младинскиот културен центар со почеток од 19 часот, перформансот „Гол живот“ на Оља Грубиќ ќе се изведе во рамките на десеттото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО.

Во пресрет на перформансот „Гол живот“, разговараме со Оља Грубиќ за перформативниот однос кон телото и просторот, природата и општеството, кон уметноста и кон цензурата.

Разговараше: Хана Сировица (Kulturpunkt)

Превод од хрватски јазик: Душица Димитровска

 

Уметницата Оља Грубиќ доаѓа од Пула, а студиите по визуелна уметност ги заврши во Љубљана, каде веќе низа години живее и дејствува како уметница на перформансот и како кабаретска изведувачка, сценографка, костимографка, авторка на цртежи и на просторни инсталации. Нејзиното творештво, кое го остварува во различни медиуми и контексти, е препознатливо по користењето и разработката на телесноста и на сексуалноста, како и по хуморот (често црн) со кој ги преиспитува различните општествени норми и стеги. Беше ководителка и една од изведувачките на Каберето Тифани, лабораторијата за истражување на ЛГБТИК+ изведби, чие дејствување е врзано за истоимениот култен љубљански клуб. Редовно соработува со словенечката платформа за сценски уметности Виа Негатива, а еден од нивните најзначајни проекти, перформансот „Гол живот“. По тој повод разговаравме за нејзината пракса, за изведбениот и изведувачкиот однос кон телесноста, за условите и за препреките во кои се сретнувала дејствувајќи во различни контексти и за перспективата на современата култура во Словенија.

Иако работиш на меѓата меѓу различни уметнички области, образованието го стекна во областа на визуелните уметности, а твој прв медиум беше цртежот. Можеш ли, за почеток, да ни раскажеш како дојде до исчекорот од цртеж кон изведбена уметност и кои преокупации те насочија кон перформансот?

Дипломирав на Академијата за визуелни уметности (АВА) во Љубљана, на насоката концептуализација на просторот. Цртежот отсекогаш беше мојот јазик, првиот медиум, нешто што главно го работев за себе истражувајќи го разбирањето на светот, тој секогаш претставуваше основа која ми пружаше согледба и простор за размислување. Перформансот почна да ме интересира на факултет; мајка ми е професорка по ликовна уметност и таа многу рано ме запозна со светот на уметноста, па така и со перформансот. Првите перформанси кои ми го привлекоа вниманието беа оние на Власта Далимар и на Томислав Готовац. Пред крајот на студиите перформансот толку ме привлече што редовно одев на фестивалот на перформанс на Власта, Мојата земја, Штаглинец. Насловот на мојот дипломски труд беше „Радикалниот активизам во уметноста и субверзивните форми“, а најмногу пишував за перформансот. Мислам дека перформансот толку ме обзеде токму заради активната позиција на уметникот. Полека стана еден од „јазиците“ што ги зборувам.

 

„Гол живот“, делото кое ќе биде изведено на фестивалот Вокс фемина, еден критичар го опиша како „перформативна пресметка со зеленчукот“. Зеленчуковиот и растителниот свет е исто така чест мотив на твоите цртежи каде, како и во „Гол живот“, се појавува покрај голото тело. Можеш ли да ни кажеш нешто повеќе за тоа како дојде до „пресметка со зеленчукот“ во „Гол живот“, но и пошироко – како низ твоето творештво го промислуваш односот на (нечовечката) природа и (човечката) телесност?

Во моето творештво, како и во поголемиот дел од историјата на уметноста, присутно е голото тело. Голото тело ми е толку фасцинантно затоа што сите го поседуваме, но нашето разбирање и односот кон него се разликува од личност до личност. Ме интересира зошто човекот толку се оддалечил од своето тело, дали може да се воспостави некој нормален однос со голото тело, која е причината што сме толку „возбудени“ кога ќе видиме голо тело, зошто голото тело ни е толку ненормално и неприфатливо, зошто толку се срамиме од себеси и дали можеме да го промениме сето тоа? Зошто во нашето општество може да помине голо тело што рекламира паста за заби или боја за ѕидови, но штом тоа носи некоја поголема, уметничка порака, станува кршење на јавниот ред и мир? Ако го промениме својот однос и односот на другите кон голото тело, ако го прифатиме своето голо тело, ќе се прифатиме и себеси и другите.

Зеленчуковиот, растителниот, животинскиот свет, исто така, наоѓа место во моите дела, исклучиво заради својот органски карактер. Тоа е природата и ние сме дел од неа, низ разбирање на природата можеме да се разбереме и себеси. Ако ја почитуваме природата, се почитуваме и себеси. „Гол живот“ е перформанс кој се занимава со прашањето како да се постои во светот во кој живееме. Не би рекла дека перформансот е „пресметка со зеленчукот“, тој е пресметка со нашето разбирање на општествената ситуација и идеологија, со условите на постоење. Преку поетичен јазик „Гол живот“ ја визуелизира интимноста на живата присутност на човечкото тело и на динамиката меѓу неговиот физички, духовен и чувствен идентитет. По секој од досегашните перформанси го запишувавме текот на мислите што настанал за време на акцијата на рендање на зеленчукот, а со изренданиот зеленчук ги храневме кокошките.

„Гол живот“ е новата во низата изведби кои настанаа во соработка со платформата Виа Негатива. Како започна вашата соработка и како се развиваше?

По „Гол живот“ следуваше уште еден перформанс, „Дихај“, кој настана од соработката на Виа Негатива и заводот Сплох, а кој го изведовме на 16. април 2021 година во љубљанската галерија Фотопаб. Во излогот на галеријата седумнаесет голи луѓе стоеја и дишеа со кесички за биоотпад на главите. Тој перформанс се занимаваше со прашањето на дишењето како борба за живот, за своето постоење, за своето значење, за својата мисла. Преку минималистичката акција на инсталацијата, публиката го следеше основното човеково право на постоење. Преку визуелната поетика беше прикажана борбата за тоа основно човеково право. Перформансот беше прекинат од полицијата. Истиот перформанс го изведовме следниот ден, без да биде прекинуван од полицијата. Полицијата реагирала на повик од некоја сосетка која била толку вознемирена од нашето дишење, што добивме казна за покажување на половите органи на јавно место, без оглед на тоа што бевме во просторот на галеријата. Нашиот случај го презеде Правната мрежа за заштита на демократијата која и нѐ одбрани на суд. Не моравме да платиме казна.

Виа Негатива е платформа за истражување, развој и продукција на современа сценска уметност. Сосредоточена е на истражување и изнаоѓање различни стратегии на сценска изведба, со нагласок на етичноста и живоста на изведбената практика, постапки и жанри. Виа негатива ја забележав за време на студиите, но дури откако дипломирав се охрабрив да започнам соработка со нив. Првиот проект во кој се сретнав со Бојан Јаблановец (основач и уметнички предводник на ВН) беше „Кич, Мултимедиумски практикум за зајакнување на малцинствата“. Подоцна почнав редовно да доаѓам на Лабораторијата на Виа Негатива, серијата работилници кои се поврзани во континуиран креативен процес. На крајот од секоја работилница следува јавно претставување на материјалот што настанал за време на работилницата. Соработката со Виа Негатива се развиваше органски и полека од неа настана авторскиот перформанс „Гол живот“, по него „Дихај“, а во септември следува нов перформанс „Плодна земја“. За Виа негатива работев во различни проекти како перформерка, сценографка и како костимографка. Сега сум една од членките на уметничкиот свет на Виа Негатива. Виа Негатива ме привлече со методот и со начинот на размислување. ВН доследно работи на изведби со став со кој свесно ја радикализира и ја релативизира својата позиција преку самоиронија и хумор.

Покрај делата кои ги изложуваш или ги изведуваш во просториите на современа уметност, имаш работено и во клупскиот простор со кабарето Тифани. Можеш ли да ни кажеш нешто повеќе за кабаретскиот контекст на твојата работа, но и околу тоа на кој начин го промислуваш односот со публиката со оглед на различните контексти во кои твориш?

Мојата клупска работа течеше паралелно со работата што се изведуваше во просторите на современа уметност. Геј клубот Тифани едноставно ме привлече со својата отвореност, со прифаќањето, со креативноста и со слободата. Почнав да соработувам со Јернеј Шкоф (координатор на програмата на клубот Тифани), кој во нашата соработка се искажа во улога на кустос (заедно подготвивме неколку изложби) и на изведувач (кабаре Тифани, „Акни вулгарис“). Освен ноќните излегувања, клубот нудеше, и сѐ уште нуди, разновидни квир културни содржини. Кабарето Тифани им е наменето на ЛГБТИК+ личности и е основано како лабораторија за истражување на ЛГБТИК+ изведувачки уметности, на автономниот сценски израз и на телото. На Кабарето му се приклучив во 2014. година и поминав некое време во улога на перформаторка, но многу брзо го презедов водењето на Кабарето и го водев до неодамна. Кабарето ми нудеше слобода, опуштеност и хумор. Во Кабарето најмногу ја изведував точката „Артистас“, која е тесно поврзана со светот на современата уметност. Точката „Артистас“ ја сочинува трио: две драг кустоски  - едната од нив е од високиот свет на уметноста и зборува на англиски јазик, а другата кустоска е „помлада колешка од некои други простори“, преведувачка која се трудеше најдобро што знае и може (преведувавме на словенечки, на шпански, на српски, на чешки, на унгарски, француски, босански...) – покрај мене, во улога на уметничко дело (кое или го претставуваше женското тело или беше направено од женска уметница). Тоа е точка која ги исмева високите цени на високата уметност, стереотипите, саморазбирањето и важноста на високата уметност.

„Артистас“ е точка во облик на аукција на женски дела, дела во кои е присутна жената или женската тема. Насловите на поединечните перформанси беа: женските проблеми, мокрите жени, вљубените жени, женски трагедии... Кустоските ги претставуваа делата, ја објаснуваа нивната важност во историјата на уметноста и ги продаваа за незамисливи цени или во непретставливи количества: во галони нафта, во суво злато, во дијаманти, биткоини, сапуни (за време на епидемијата од Ковид) и тн. На секоја точка ќе претставевме три различни дела, а меѓу нив задолжително имаше место и Марина Абрамовиќ. Кустоските неуспешно се обидуваа да ги продадат делата, држејќи златен материјал зад кој ќе стоев јас и го преземав идентитетот на Марина Абрамовиќ (Rhythm O, Balkan Baroque, The Artist is Present, Artist Must be Beautiful…), на Јоко Оно, ликовите на Саломе, од „Раѓањето на Венера“, од „Пиета“, на Капитолинската волчица, од „Сонот на жената на рибарот“, од „Ноќна мора“, на Олимпија... Таа точка пружаше согледба во женската улога во историјата на уметноста, а со стереотипизација и со хумор размислувавме за сериозни теми, за положбата на жената во општеството. Мојот однос со публиката отсекогаш беше пријателски – заедно сме за да размениме мислења и да се насмееме. Смеата е нешто што е нужно за животот, што ни овозможува полесно да се носиме со него.

Црниот хумор и апсурдот се на специфичен начин присутни во твојата работа. Би сакала да се задржиме на нивната употреба во делата во кои поексплицитно се занимаваше со положбата на уметникот/уметницата и со слободното уметничко изразување. Ги тематизираше, на пример, појавите како што се цензурата на социјалните мрежи и „фејк њуз“. Можеш ли да ни кажеш нешто повеќе за овие интервенции и за стратегиите на комуникација кои ги градеше врз нив?

Црниот хумор како олеснување, апсурдот како илустрација. Присутноста на она што сите го поседуваме – голото тело – во моето творештво беше проследена со цензура. Таа прво се појави на социјалните медиуми, а подоцна се прошири и во „реалниот живот“, па така стана и тема на моето творештво. Со цензурата се занимавав во проектот „Психолошки канибали“, во рамките на кој во киното Шишка ја изложив црната книга, цензурираната книга, во црн простор.

Книгата беше целосно зацрнета/цензурирана и содржеше седум чипови (какви што има во роденденските честитки) кои во неа беа расфрлани без некаков ред. На секој од нив беше измиксуван звук на религиозни песни, политички говори и воени акции. „Психолошки канибали“ е интермедијален проект кој ја проблематизира плутократијата како облик на апсолутна политичка власт. Психопатската елита преку религијата, војската и политиката му наметнува норми на општеството, кои тоа општество ги прифаќа без размислување. Егоизмот, желбата за власт, милитаризмот, воспевањето на политичката моќ, верскиот мистицизам, фанатизмот и нарцизмот се особини на современото општество, а современите психопати често се интелигентни луѓе кои не ги кршат законите, туку ги создаваат. Активистичката уметност и другите непримерни коментари за состојбата во општеството, за владеењето на психопатите и за нивното искористување се цензурирани. Затоа цензурата во проектот станува медиум за изразување, коментар и уметничка реакција на светот во кој живееме. Црната уметничка книга содржи цензурирани слики и текстови со повремени звучни интервенции – „психолошки мини“. Цензурата на публиката ѝ дозволуваше слободно толкување на тоа што заради неа не беше видливо, предизвикувајќи размислување за слободата на изразување, како и за (себе)цензурата заради страв.

„Фејк њуз“ беше перформативна инсталација, намерна дезинформација која ја преиспитуваше позицијата на уметноста и на уметникот во денешното општество на пост-вистина. Фикцијата е поважна од вистината. Цензурата и лажните вести во последното време се прилично присутни во нашето општество. Мораме себеси доволно да се образоваме за да знаеме да се носиме со тие појави. Тоа дело се занимаваше со политизација на информацијата и со лажните вести кои играат токсична улога во денешницата. Можеби полесно разбираме преку хумор и со него сигурно полесно се носиме со апсурдот во кој живееме. Да го разбираме хуморот и да можеме да се насмееме е квалитет што треба да сме во состојба да го одржиме. Хуморот секогаш им помагал на луѓето да минуваат низ тешки времиња. Словенија во последно време покажа колку хумор останал во општеството, хуморот прскаше на социјалните мрежи и во јавноста, па на тој начин полесно издржавме.

Од почетокот на пандемијата положбата на самостојните уметници, како и на останатите работници/работнички во културата во Словенија е сериозно нарушена, а покрај проблемите со кои се соочени самовработените во културата, цели на напад станаа и просториите во кои ти дејствуваше, како што се Товарна Рог, автономниот простор кој е иселен, или Метелкова 6, зградата која на едно место собира бројни организации од независната култура, која се обидоа да ја иселат. Како сега, по неодамнешната промена на власта која беше крајно ненаклонета на современата култура и уметност, ја гледаш перспективата на словенечката уметничка сцена и условите во кои таа се создава?

Жално беше да се гледа како ситуацијата во Словенија се промени преку ноќ. За две години назадувавме како за барем триесет. Товарна Рог исчезна, протестите против нејзиното иселување не успеаја да го спречат уривањето на автономната зона. Судбината на Метелкова 6 е под ризик, им се заканува исфрлување од просторот. Во Љубљана истовремено се појавуваат нови простори на уметноста, чисти, големи, „светски“... Додека исчезнуваат просторите во кои беше дозволена слободата, се создаваат простори со ограничувања. Просторот на креативноста често е присилен да бара свое место под сонцето. Најлошо од сѐ беше нивото на комуникација и омаловажување на работниците во културата и на самата култура. Во текот на тие две години го видовме во практика проектот „Психолошки канибали“. Сега се надеваме на промени, иако таа надеж е наивна. Промените мора да се случат на глобално ниво. Нашиот однос кон самите себеси, кон природата, кон светот, кон стварите (...) мора да се промени. Во Словенија полека ќе дојде до промена, но со оглед на тоа што сѐ уште го чекаме формалното оформување на власта, сѐ уште не сме ја дочекале, па и понатаму го чувствуваме опустошувањето на моменталната политика. Сепак, мислам дека поголем од „малиот локален проблем“ е големиот проблем на идеологијата на денешната доба. Живееме во време во кое забораваме дека постоиме, максимално сме продуктивни, оптоварени, потрошени, постојано конзумираме, заборавме дека мораме да сопреме, да ја промениме насоката во која се движиме. Неразбирливо ми е што денес, кога би требало да можеме да разбереме дека сите се наоѓаме на иста планета, дека сите сме дел од вселената што ја споделуваме, и понатаму, дури сега можеби и уште повеќе, функционираме поделено. Се надевам дека уметничката сцена, најмногу младите уметници, ќе го издржи овој тежок период. Идеално би било кога културата повеќе би се ценела и би се посетувала и таа мора да биде независна од „псхолошките канибали“. Се надевам дека културата ќе ја препознаат како темел на општеството, дека можеби ќе се промени односот на општеството и културата. Се надевам дека новата власт ќе донесе добри промени, дека ќе се олесни и ќе се поттикне развојот на уметноста и на културата.