Наташа Бошкова – правно зајакнување на маргинализираните заедници

Интервју на Тихана Бертек , превод на Душица Лазова

Една од добитничките на WoW наградите за силни жени во Македонија е Наташа Бошкова, адвокатка и правна советничка во Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници - Маргини (Коалиција Маргини). Наташа има дипломирано право, магистрирала родови студии на Универзитетот во Сараево и работи во областа на недискриминацијата, родовата еднаквост, сексуалните и здравствените права, како и прекршувањето на човековите права на ЛГБТ луѓето, сексуалните работници/чки, лицата кои живеат со ХИВ и луѓето кои користат дроги.

Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници – Маргини е основана во 2007 година, а официјално е регистрирана во 2011 година. Колку долго соработуваш со Коалицијата и со кои теми и проблеми се занимаваш таму?

Со Коалицијата Маргини сум од самиот почеток, од 2008 година, кога започнавме со спроведување на првите активности за следење на состојбата на сексуалните и здравствените права на луѓето кои користат дроги, сексуалните работници/чки, луѓето кои живеат со ХИВ и ЛГБТ луѓето, како и правно зајакнување на маргинализираните заедници и се залагавме за подобри политики и практики од страна на институциите кон маргинализираните заедници.

Од самиот почеток бев ангажирана како адвокатка и мојата работа е да понудам правна помош и да застапувам случаи на прекршување на човековите права на маргинализираните заедници пред домашни и регионални судови. Активно сум вклучена или бев вклучена во неколку групи за изработка на закони кои се однесуваат на правата на жените и маргинализираните заедници, како на пример Законот за абортус, Законот за превенција и заштита од дискриминација, Законот за спречување и заштита од насилство врз жените, Законот за матична евиденција (кој го регулира правното признавање на родот и матичната евиденција). Колацијата Маргини интензивно работи на градење капацитети во институциите за работа со маргинализираните заедници, особено со стручните работници во центрите за социјална работа, полицијата, здравствените и просветните работници, па јас и колегите учествуваме во реализирањето на обуки и подготовката на материјали за обука.

фото: Драгица Николовска

 

Коалицијата Маргини спроведува капања за промовирање на Законот за бесплатна правна помош. Можеш ли да ни кажеш нешто повеќе за тоа?

Една од клучните активности на Коалицијата е обезбедување правна помош за маргинализираните заедници. Нашите ресурси, како и ресурсите на останатите организации од граѓанскиот сектор се ограничени, па затоа е неопходно да работиме на воспоставување и унапредување на ефикасноста на системот за бесплатна правна помош финансиран од страна на државата. Државата мора да обезбеди економски раст и развој, надминување на сиромаштијата, постигнување на родова еднаквост, а тоа е можно само доколку граѓаните и граѓанките имаат пристап до правда и доколку иницијативите за правно зајакнување станат интегрален дел од планот за постигнување на целите на ОН за одржлив развој.

Во 2019 година беше донесен нов Закон за бесплатна правна помош кој е значително поквалитетен од претходниот, а кој има за цел да им обезбеди пристап до правда на поголем број лица кои имаат финансиски потешкотии. Законот им овозможува на луѓето кои немаат доволно финансиски средства да водат постапка, да добијат основни правни информации и бесплатно застапување во судската постапка. Важно е тоа што овој закон обезбедува бесплатна правна помош за сите жртви на семејно насилство независно од нивниот економски статус. Нашата цел е во партнерство со другите организации да ги промовираме можностите кои ги нуди новиот закон за што е можно поголем број на луѓе во различни делови од државата и да им помогнеме да се поврзат со институциите и останатите организации кои нудат бесплатна правна помош.

Дали можеш накратко да ни ја претставиш правната рамка за заштита на правата на ЛГБТ+ лицата во Македонија? Кои недостатоци ги забележуваш во Законот за спречување и заштита од дискриминација – кој, ако не се лажам, беше донесен дури во 2019 година?

Развојот на правната рамка за заштита на правата на ЛГБТ лицата се одвива побавно отколку што би требало и од што ние би сакале. Првиот закон беше донесен во 2010 година во спорна процедура, кога во последниот момент беше отстранета сексуалната ориентација како основа за дискриминација во Законот, а додека течеше дискусијата, во Парламентот беше изречен говор на омраза и поттикна дискриминација врз основа на сексуалната ориентација.

По долгогодишните залагања за промена на законот, кој се покажа како нефункционален и кој не обезбеди ефикасна заштита од дискриминација, во 2019 беше усвоен новиот закон. Бев дел од работните групи и можам да кажам дека процесот на подготовка на законот беше сеопфатен, инклузивен, а текстот во Законот беше разгледан од страна на сите засегнати страни. Беа прифатени и најголемиот дел од предлозите на самите заедници кои најчесто се жртви на дискриминација, на правните практичари и професионалците кои работат на спречување и заштита од дискриминација.  На крајот, добивме закон кој е значително поквалитетен од оној кој го имавме порано бидејќи ги препознава сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Со законот се воспоставуба Комисија за спречување и заштита од дискриминација, се воведува можноста за “action popularis” или тужба од јавен интерес во судската постапка, луѓето се ослободени од судски трошоци, итн. Овој закон е основа за измени и дополнувања во низа други закони во делот на промовирање на еднаквост, спречување и заштита од дискриминација.

За жал, пред неколку дена Уставниот суд го укина законот затоа што не бил усвоен со број на гласови предвидени со Уставот. Тоа значи дека парламентарното мнозинство предводено од Социјалдемократскиот сојуз, кој во својата предизборна кампања го вети донесувањето на овој закон и изградба на „едно општество за сите“, не вложи доволно напор да обезбеди доволен број на гласови со што овој закон ќе беше уставен и ќе можеше да обезбеди заштита на граѓаните. Претседателот на државата го потпиша овој закон, иако не смееше заради недоволниот број на гласови. Особено загрижувачко е времето во кое Уставниот суд го укина законот. Во моментот Парламентот е распуштен заради најавените предвремени избори, кои требаше да се случат во април 2020, а кои се одложени заради вонредната состојба заради COVID-19. Имено, Уставниот суд имаше време од една година да донесе ја донесен својата одлука и да овозможи брзо усвојување на предлог законот, додека Парламентот сѐ уште заседаваше или пак да го почека формирањето на новиот состав на Парламентот по изборите. Поради кризата со COVID-19 голем број на ранливи граѓани беа изложени на насилство и дискриминација, и укинувањето на законот им го одзема правото на брза и ефикасна заштита. Уставниот суд не работи во вакуум и затоа е многу важно да го има предвид целокупниот општествен контекст да ги штити правата на граѓаните при носењето на одлуките. Заклучокот е дека институциите, особено Парламентот, Претседателот на државата и Уставниот суд, се однесуваат неодговорно кога е во прашање заштитата на ранливите луѓе и оставаат правна празнина во смисла на заштита од дискриминација и ја повредуваат правната сигурност на граѓаните и граѓанските, при тоа ја нарушуваат довербата во институциите.

Законската рамка е унапредена и со измената и дополнувањето на Кривичниот Законик во 2018 година, кога беше воведена дефиниција за кривично дело на омраза, а во неколку членови сексуалната ориентација и родовиот идентитет беа препознаени како лични особини на чија основа се вршат кривични дела и построго се казнуваат.

Во последниве неколку години, Коалицијата е фокусирана на застапување на Законот за правно признавање на родот, кој ќе им овозможи на трансродовите и родово неконформираните лица да го променат и усогласат својот родов идентитет со личните документи. Во текот на 2018 година, беше отпочнат процес за измена на Законот за матична евиденција, кадешто се предвидува воведување на посебен дел за правно признавање на родот, но до денес тој процес не е завршен.

фото: Драгица Николовска

 

Во кои области ЛГБТ+ лицата во Македонија се соочуваат со најмногу дискриминација?

Можноста за вработување или дискриминација на работно место е еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат ЛГБТ лицата. Проблемот е најзастапен кај транс лицата затоа што се соочуваат со дискриминација во процесот на барање работа и најголемиот дел од нив се невработени или работат некоја хонорарна несигурна работа која им дава само повремени приходи кои не се доволни за достоинствен живот.

Пристапот до здравствени услуги е уште еден проблем со кој се соочува ЛГБТ заедницата, па тука повторно би ги споменала транс лицата, кои се соочуваат со посериозни проблеми во пристапот до општи здравствени услуги, но и со недостаток на услуги поврзани со медицинската потврда на родот.

Младите ЛГБТ лица се најмногу изложени на дискриминација во образовниот процес. Истражувањата покажуваат застрашувачки голем процент на млади луѓе со различна сексуална ориентација и родов идентитет кои се изложени на насилство и вознемирување во училиштата, а не добиваат помош и поддршка ниту од своето семејство ниту од стручните работници во училиштата.

Пристапот до правда за ЛГБТ лицата е исто така голем предизвик. Иако трпат дискриминација, малкумина од нив се осудуваат да го пријават тоа поради страв од виктимизација, откривање на нивниот идентитет и недоверба во ефикасноста на институциите. Од друга страна, дури и оној мал дел на ЛГБТ лица кои се одлучиле да пријават и започнале постапка против злосторниците и насилниците, се соочуваат со исмевање, вербално насилство од страна на службениците, бавни и незаинтересирани институции, што ги одвраќа од мотивацијата да превземат било што за понатамошна заштита на своите права.

Како ја оценуваш имплементацијата на Законот за спречување и заштита од дискриминација? Во последните неколку години имаше неколку напади на ЛГБТ+ лица, но напаѓачите се уште не се осудени. Зошто?

Една од причините поради која ЛГБТ лицата после толку години и по делумното унапредување на правната рамка сè уште немаат доверба да пријавуваат случаи на дискриминација и насилство е токму таа пасивност на институциите и покрај бројните напади врз ЛГБТ заедницата. Нападите се случија во периодот кога на власт беше конзервативна партија која поддржуваше хомофобија на сите нивоа, а насилниците не беа казнети за своите дела и говор на омраза, туку беа прогласени за херои и заштитници на својот народ. Во таков контекст, тешко е да се очекува дека напаѓачите ќе бидат пронајдени и казнети.

Со промената на власта во 2017 година, очекувавме интензивни активности и окривање на причинителите и нивно брзо разрешување и казнување, особено затоа што за дел од нападите постојат снимки на кои јасно се гледа кој е организатор, а кој е извршител на насилството. За жал, дури и три години откако се смени власта, ние сè уште немаме никаков напредок ниту политичка волја да се превземе нешто во врска со овие случаи.

Во Македонија не може законски да се смени полот, односно ознаката за родот во документите. Сепак, минатата година ти доби еден важен случај пред Европскиот суд за човекови права кој пресуди во корист на трансродов маж од Македонија кому му беше оневозможено законско признавање на родот. Кои беа придобивките и последиците од таа пресуда?

Пресудата на Европскиот суд беше резултат на долгогодишната работа на национално ниво за промена на законот и практиката на институциите во врска со менувањето на ознаката на полот во документите и мотивираноста на лицето Х да го однесе случајот пред регионалниот суд, по долгогодишна борба со македонските институции, која за жал сé уште ја води. Пресудата е исклучително важна за самото лице кое го доби случајот, но и за целата заедница, затоа што покрај индивидуалното разрешување на случајот, судот ѝ наметнува обврска на државата да ја смени законската рамка и да овозможи брза, транспарентна и достапна процедура за промена на полот на сите транс лица.

Морам да напоменам дека оваа имплементација оди многу бавно. Државата единствено го има исплатено надоместокот за штетата од 9000 евра кој го додели Европскиот суд за човекови права, но до ден денес Управата за водење на матични книги не ја спровела пресудата. По пресудата, владата во септември 2019 донесе одлука со која ја обврзува Управата итно да го реши случајот, премиерот јавно изјави дека случајот ќе биде решен, но очигледно директорот на Управата и неговото лично мислење имаат поголема "правна сила" од пресудата на Европскиот суд, националниот закон и одлуката на владата. Што се однесува до законот за матична евиденција, работната група го спреми предлог-текстот, како дел од таа група можам да кажам дека постои разбирање меѓу институциите за потребата да се донесе ваков закон, но сè уште се води дискусија за критериумите врз основа на кои транс лицата ќе можат да ги усогласат документите. Што се однесува до мојот и ставот на Коалицијата Маргини, се залагаме за модел на правно признавање на родот базирано на самоопределување. За жал, вонредната состојба со епидемијата од вирусот и најавените избори во Македонија, дополнително ќе ја одложат имплементацијата на пресудата.

фото: Драгица Николовска

 

Дали граѓанските организации на било каков начин се (или биле) вклучени во изработката на законите поврзани со малцинствата/ маргинализираните заедници?

Граѓанските организации беа вклучени во изработката на законите, но прашање е колку беше значајно тоа учество, кое им дава суштинска промена на законите, базирано на потребите на различните заедници. Јас бев член на работната група кога се спремаше првиот Закон за спречување и заштита од дискриминација и во работната група на вториот закон, кој неодамна се беше укинат од Уставниот суд. Разликата е во тоа што во последниот процес, учеството на граѓанскиот сектор беше присустно во текот на целиот процес и на крајот беше усвоен текст за законот кој беше прифатен од сите. Во моментов, преставници од граѓанскиот сектор се вклучени и во работната група за измена на Законот за матична евиденција, а Министерството за труд и социјална политика го вклучи граѓанскиот сектор и во работната група за изработка на Стратегии за унапредување на правата на ЛГБТ лицата.

Каков е медиумскиот приказ за малцинствата и односот на македонските медиуми кон говорот на омраза? Кој ја диктира медиумската политика?

Во последните неколку години, може да се забележи едно ослободување на медиумите и отсуство на широко распространетиот говор на омраза и манифестација на насилство врз ЛГБТ заедницата, која беше доминантна карактеристика на медиумскиот дискурс кон ЛГБТ заедницата во периодот 2006-2016. По промената на власта во 2017 година, неколку високи претставници на извршната и законодавната власт изразија јавна поддршка и солидарност кон ЛГБТ заедницата што допринесе кон промената во медиумското известување.

Донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација во 2019 година, одново ја разбранува конзервативната јавност и неколку претставници во Парламентот, кои со своите изјави поттикнаа хомофобичен и трансфобичен говор. Она што недостасува е медиумско покривање на суштински теми кои се важни за ЛГБТ заедницата, нивните права, проблемите со кои се соочуваат, нивните потреби, но и нивните успеси, како и придонесот кон развојот на секторот и општеството воопшто. Меѓутоа, и покрај позитивните промени во медиумите во поглед на прикажувањето на ЛГБТ лицата и обидот од страна на новинарите да покажат емпатија кон ЛГБТ лицата, новинарските рубрики најчесто само ги пренесуваат изјавите на претставниците од граѓанскиот сектор, институциите и политичарите, без притоа да се обидат да ја деконструираат рамката врз која се темелат патријархалните и хетеронормативните  ставови кон ЛГБТ лицата.

 

Доделувањето на наградите за Страшни жени на годината - Fierce Women WoW Awards е дел од активностите на проектот Women on Women кој заеднички во спроведуваат Mesto žensk во Словенија, Prostor rodne i medijske kulture K-zona во Хрватска, Тиииит! Инк. во Северна Македонија и Outlandish Theatre Platform во Ирска. Активностите ги ко-финансира Европската комисија во рамки на програмата Креативна Европа.