ПОЛИАМОРИЈА: политики и задоволства | работилница со Мима Симиќ и Марта Шушак
*илустрација Jochen Schievink
 
Тиииит! Инк. во соработка со ЛезФем организираат работилница во рамки на фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО. Оваа возбудлива среда (11.05) во Комитет со почеток во 18 часот ќе имаме можност да се дружиме со Марта Шушак и Мима Симиќ (која ќе биде дел од овогодинешниот ПичПрич), на работилница за политиките и задоволствата на полиаморијата.
 
Мима и Марта се веројатно најпознатиот хрватски лезбејски пар не затоа што нема други, туку и заради нивниот активизам и општествена ангажираност. Страсно верувајќи дека личното е политичко, а дека политичкото е секси, тие во последните шест години го истражуваат просторот на немоногамијата како политичко и лично игралиште. Во работилницата „Полиаморија: политики и задоволства“ ќе разговараат за големиот потенцијал на (квир) немоногамниот живот – од теорија до практика и назад. Тие ќе споделат совети за тоа како да се справите со љубомората, апликациите во дејтинг светот, животот со повеќе девојки и две геријатриски мачки.
 
фото: Марко Вученик 
 
Марта Шушак ја основаше првата студентска LGBTIQ+ иницијатива во Хрватска, преку којашто активно делуваше во феминистичките, квир групите и групите за правата на животните. Нејзината страст за феминистичко порно ја води да студира во Берлин, каде што ја истражува темата во теорија и пракса, а во моментот работи на тоа да стане секс-терапевтка за парови. Нејзини теми од личен и професионален интерес се врзуваат со теорија на поврзувањето, „кинк“ и BDSM, полиаморија, квир задоволство и сите нивни прекрасни пресеци.
 
Мима Симиќ е писателка, филмска критичарка, преведувачка, политичка активистка. Веќе две децении Мима се занимава со (најчесто популарни) медиуми за да ја разбие хетеропатријархалната матрица аутирајќи се на најнеочекуваните места. Дел од повозбудливите вакви потфати вклучуваат подигање на лезбејската видливост на квиз-шоуа, емисии за готвење, женски списанија, како и трчање/возење велосипед за Европскиот парламент. Благодарение на полиаморијата, таа живее помеѓу Берлин, Загреб и Топанга, Калифорнија, а на 13ти мај ќе имате можност да ја гледате во Скопје на ПичПрич Гала вечер на раскажување женски приказни на тема „Цепки“.
Оваа работилница е овозможена од страна на Шведска и фондацијата Kvinna till Kvinna.
 
За сите дополнителни прашања пишете ни на социјалните мрежи или на tiiiit.inc@gmail.com.