Земјата во нашите џебови - самостојна изложба на Невена Алексовски

13.10.2022 во PrivatePrint

19:00 часот

Затворање на изложбата 12.11.2022

 

Невена Алексовски за првпат ќе изложува пред македонската публика на десетото, јубилејно издание на фестивалот Прво па женско. Таа е активна на словенечката независна уметничка сцена, има бројни самостојни и групни изложби. Во галеријата на PrivatePrint ќе се претстави со самостојна изложба насловена „Земјата во нашите џебови“. Истовремено со изложбата, ќе ја промовираме и нејзината нова книга „Меланхолија на напуштените краишта“, која ја уреди и издаде PrivatePrint. 

Творештвото на Невена Алексовски произлегува од нејзиното истражување на семејните преселби, на припадноста и на односот кон земјата. Тргнувајќи од сопственото и семејното искуство на преселба, таа го претставува сложеното преплетување на историјата, родот и личните географии, дополнето со разновидни социо-политички пластови. Заедно со изложбата, PrivatePrint ја објави нејзината книга „Меланхолија на напуштените краишта“, која дополнително ни овозможува да ги проследиме патеките и личната динамика на нејзините претци.

Изложбата, како и книгата, се всушност комуникација со претците, со кои врската била прекината заради нивните преселби или заради предвремена смрт (каква што била смртта на нејзините баби и дедовци). На изложбата, користејќи материјали како земја, камења, парчиња цемент, стари облеки и друг текстил, таа го проучува односот со почвата, територијата, просторот, како и со ограничувањето, присвојувањето и исклучувањето. Преку уметничката, визуелна артикулација на личното преселничко искуство, односот со претците и со семејната историја, таа се обидува да упати на универзалното во овие искуства, особено во смисла на едно интимно, чувствено и ирационално искусување на споменатите состојби и околности. 

Нејзиниот минималистички уметнички сензибилитет нуди нежни импресии на движење и земја. Таа ова го постигнува внимателно поставувајќи предмети кои носат познати приказни и така воспоставуваат мост помеѓу нејзините и нашите семејни спомени. Овој проект овозможува да биде документиран единствениот пат на раскопување низ минатото кое Невена Алексовски за прв пат го прави. Преку овој процес, движејќи се низ наметнатите граници кои ги создадаваат луѓето, таа отвора простор за нови спомени, нежно градејќи ги врз животите што нејзините претци ги живееле пред неа. 

Отворањето на изложбата и промоцијата на книгата ќе се одржат на 13 октомври. Во 19:00 часот е предвиден разговор со авторката, а отворањето е во 20:00 часот. 

По отворањето, изложбата ќе може да се посети до 12 ноември, од среда до сабота, од 12:00 до 18:00 часот. 

Изложбата е курирана од Јана Старделова и продуцирана од Тиииит! Инк. Книгата е издадена и уредена од PrivatePrint.

Изложбата и книгата се финансиски поддржани од Министерството за култура на Република Северна Македонија и од Зигрид Раусинг Труст. 

Фестивалот Прво па женско // Со години будни // е поддржан од: Шведска и Фондацијата „Квина тил квина“, ФРИДА| Фонд за млади феминистки, Зигрид Раусинг Труст и од Министерството за култура на Република Северна Македонија. 

Партнери и соработници на феминистичкиот фестивал „Прво, па женско“: Медуза, Младински културен центар, Коалиција Маргини/Скопски викенд на гордоста, Контрапункт/КРИК фестивал за критичка култура, Советот на граѓаните на Хелсинки, Нови Сад, PrivatePrint и ЦИНИК – Центар за истражување на национализмот и културата.