Жените во научно-истражувачката работа: агонијата на социјалниот капитал[1]

Ивана Хаџиевска е родена во Битола во 1995 година. Таа е историчарка и независна истражувачка на теми од балканската социјална историја и историјата на жените.

 

Надолу по зајачката дупка

Во рационалниот свет на Науката[2] (дискурс за научност, лишен од научен метод), нема ништо побитно од резултатот. Квалитетниот резултат, од експертски спроведено истражување, кое цели кон надминување на последниот врв достигнат во одредено научно поле, често замислуван како донесување на свет на „епифанично“ откритие (таблоидно, сензационалистичко сфаќање на науката), не ја претпоставува во себе човечката состојба на најважниот медиум во процесот: медиумот помеѓу (квалитетниот) резултат и истражувачката работа – истражувачот. Според тоа, добар научник, хуманист или истражувач е оној кој носи квалитетен резултат во своето научно поле. Моето подлабоко размислување на оваа тема започна на 11 февруари – Интернационалниот ден на жените и девојките во науката: додека ги одмарав очите од сопствената истражувачка работа им се препуштив немарно на акцелерираните информации низ социјалните медиуми посветени на одбележувањето на овој ден. Единствено нешто што ме фасцинираше повеќе од самиот живот и дејност на сите тие жени, од разни делови на светот, беше нивото на нееднаквост во нивната човечка состојба, без разлика на квалитетот на резултатите кои им ги донеле на светот низ својата научна љубопитност, често под ризик на хибрисот кој се осмелиле да го направат со тоа. Предлагам да се вратиме на почетокот, на идејата за непобитната егалитарност во научната дејност, материјализирана низ плодовите на истражувачката работа, каде единствено важни се резултатите. Да го рашириме резонирањето, додавајќи дека единствено важни се резултатите и нема важност – што истражувачот е – полот, потеклото, расата. Резултатите се финалната кристализација и креација на вредниот, трпеливиот, понекогаш стоички, но секогаш тежок труд, завршен во разни „научни простори“, како лаборатории, библиотеки, архиви, универзитети, институти, кои во најголем случај се државни научни институции. Ова го пишувам како некоја која поминала подолго време во сите наведени простори на знаење во Македонија во последните шест години, како историчарка и како истражувачка во последните месеци од работењето на мојот магистерски труд, но пред сé, пишувам од перспектива на научна истражувачка од „земја во развој“ – либерален еуфемизам за транзицијата од југословенскиот социјализам, во маргините на илибералната европеизација, каде историската наука припаѓа во „светите работи на државата“; пишувам и како некоја која искусила специфични предизвици работејќи на своето истражување, во наведениот контекст. Со својата последна изјава, го нарушив златното правило: ги доведов во колизија научната дејност и фактите за мојот род, економско потекло (скромно) и моќта на државата да го контролира знаењето и политиките на меморија. Ризикот на пишувањето и читањето на овој текст е во можното нарушување на идеалната и романтизирана конструкција за науката, освестување за постоењето на различни привилегии за различни групи кои учествуваат во научната љубопитност и освестување за научните институции, не како идеализирани простори каде знаењето настанува, туку како простори на генерирање и аплицирање релации на моќ, кои се подоминантни од „квалитетот на научните резултати“.           

 

извор

 

I Заградување на знаењето

Во својата книга „Калибан и вешерката“ (“Caliban and the witch”), Силвија Федеричи пишува за многуте видови на заградување на јавното и од јавниот простор (enclosure, inclosure), кои се случиле во Европа за време на примитивната акумулација, во „транзицијата“ од феудализам кон капитализам: заедно со заградувањето на земјиштето, телото (особено женските тела во смисла на репродуктивната контрола), можеме да размислуваме и за заградувањето на знаењето. Жените генерациски пренесувале одреден квантум на знаење и колективна меморија, коренито антагонистична на побарувањата на капиталистичката продукција и трудовата репродукција. Оттаму, ловот на вештерки и јавните казнувања биле дел и од процесот на заградување на знаењето, што се реализирало низ лонгитудиналниот интергенерациски губиток на смислата за колективното минато.[3]

Денес може да зборуваме за заградувањето нa знаењето и епистемолошка неправда[4] во случаеви каде една група е социјално и економски оневозможена да партиципира во политиките на меморија во општества каде меморијата и историјата се институционализирани и трансферот на знаење е организран одгоре-надолу и вршен од оние со институционална и административна моќ. Експлицитен пример за ова претставува историјата на Ромите жртви во холокаустот и историјата на Ромите воопшто: националните истории на држави кои се соочиле со холокауст или имаат жители кои биле жртви, скоро и да не сочувствуваат со болката, повредата и понижувањето на Ромите за време на холокаустот. Нивните „истории“ никогаш не се дел од официјалниот наратив – „Историјата“, туку се дел од многу маргинални, локални и гетоизирани колективни наративи, скоро никогаш не споделени во „институционалзираната училница“.[5]      

извор

Механизмите на заградување на знаењето може да се детектираат и во официјалниот наратив, особено во обидите тој да се „исчисти“ од темите кои може „да го повредат“ националниот имагинариум за славениот машки сингуларитет во процесот на nation-building.[6] Интересен пример за тоа наоѓаме во истражувачките искуства во националните архиви низ Балканот на теоретичарката на култура Сузана Милевска. Во нејзиниот преглед на локациите и процесот на истражување на темата родова различност (gender difference) на Балканот, таа изјавува:

„Најголем дел од националните архиви низ Балканот каде пристапив, ми дозволија да влезам во нивните добро чувани простори. Сепак, таму можев да продолжам со своето истражување само бидејќи проектот се занимаваше со тема како репрезентацијата на жените. Единствено уважените содржини на архивите низ Балканот („големите историски вистини“ за потеклото на нацијата и националниот идентитет, градењето на нацијата-држава, територијата, националните херои или етничките малцинства) се сметаат за надвор од дофат. Без разлика на релевантноста на темата за репрезентацијата на родовата различност од лингвистичка, антрополошка, културна, психоаналитичка или феминистичка академска перспектива, управата во архивите низ Балканот ја третираше темата како прашање од помала важност и без научна вредност, дури и наивно по природа. Тие се однесуваа како воопшто да не е битно како оваа тема е истражувана и развивана од хуманистичките и општествените науки на Западот. Управата на архивите која беше задолжена за верификација на надворешни истражувачи, ригорозно ми ја прегледуваше апликацијата и обично, откако ќе им го прикажев моето писмо за намера и формално писмо за докажување на мојот истражувачки идентитет заедно со целите на моето истражување, пак требаше да чекам неколку дена за одобрување. Како и да е, никогаш не можеше да детектираат закана за политиката на архивот, ни во иницијалната апликација, ни во содржината на материјалот кој барав да го истражувам. Одлуката да го одобрат моето истражување исто така може да ја базираат и врз мојата национална, културна и прфесионална позадина, не сметајќи ја за битна концептуалната рамка на моето истражување. Некој може да каже дека ова е вообичаена архивска процедура практикувана од сите архиви. Сепак, важно е да се нагласи дека бирократската ригидност во архивските институции, националните библиотеки и музејските архиви на Балканот е пропратена со силно политичко влијание. Ова е често придружено со строга контрола врз менаџментот и раководствата на архивите. Директорите на архивите се избрани членови од владеачките политички партии. Нивниот избор често се прави без обзир на нивните професионални компетенции. Секој пат кога друга партија ќе ги добие изборите, директорите се менуваат скоро веднаш. Иако директорите имаат одговорност и моќ да ги водат овие институции наводно во името на некоја „инхерентна“ идеја за „национален интерес“, фактички нивните назначувања се просто екстензија на владините политики.“[7]

Рада Ивековиќ објаснува како работи механизмот на ексклузија на различноста во полето на институционализираната историја. Во нејзиниот есеј, „Полот на нацијата“ таа портретира како ексклузијата на жените во дискурсот за nation-building процесите, од учебниците по историја е трансцендирана во суптилните начини за воспоставување ексклузивно право на мажите да ги предаваат и толкуваат „светите работи“ на историјата.[8] Како истражувач од полето на социјалната историја и историјата на жените, се имам сретнато со тие механизми: во ниската достапност на изворна документација, пропратена со архивска неорганизираност и административен хаос,[9] кои резултираат со нискиот интерес на институциите да се занимаваат со колекциите на извори за теми надвор од националната историја; во прокламираната минимизација на важноста на одредени полиња од страна на институционалната академска средина; и најмногу, во начините на кои се формираат хиерархиите на моќ и тоа како истражувачите се пласирани во нив, врз основа на нивните социјални врски и нивната волевост „да ја играат играта“, т.е. да учествуваат во „заградувањето на знаењето“.  

извор

 

II Балканизација на академијата и истражувачката работа

Доаѓам од мало место. Во главниот град на државата, поминав четири години на државниот универзитет, што беше период на екстензивно читање, учење и стекнување на првите искуства за тоа што е научно истражување и како може да се користи за добро. Со ова, важно ми е да нагласам, дека немам семејни традиции на историчари или било какви „прадедовци во структурите на научното поле“, бидејќи многу од академичарите го имаат овој социјален капитал, и секако дека нивната работа може да се суди само според научните стандарди, па сепак „не можам, а да не се запрашам“ за привилегијата која ја носат социјалните врски во насока на пристап во институции, до истражувачки извори и ресурси, фондови, можности за вработување итн. Светлана Слапшак го користи терминот „провинцијална апотеоза на академијата“ за да ја објасни токму таа состојба.[10] По последниот скандал со злоупотреба на моќ во државниот универзитет во Скопје, се објави одлична анализа на случајот каде авторката констатира: „Паѓањето во нечија немилост или преголема наклонетост, во нечии канџи или очи, за студент(к)ите е навистина прашање на среќа.“[11] Во многу примери од земји каде економските инвестиции во образовни и научни институции се особено ниски, без разлика на наводното организирање на „националниот интерес“ во нив, лошите искуства при студирањето или истражувањето во нив првенствено е синдром на лоша економија, лоши политики за вработување, на екстензиите на партиските пипци при вработувањето на „лојален кадар“ кој би бил послушен гласач додека е во безбедноста и привилегиите на државната институција (и државната плата).[12] Институциите за наука и истражување кои се изложени на тие политики, се претворени во гротескни и кафкијански простори, каде секој оној кој ја добил работата преку партиска книшка, непотизам или друга привилегија, која далеку ја надминува неговата професионална вредност како кандидат, сепак има аспирација да стане „кадар“ и за брзо заборава на својата забележителна неадекватност. Во такви услови, терањето на истражување седнува на задното седиште, а непрофесионалното однесување – напред.[13] Првите на удар во овој систем генерално се младите независни истражувачи во рана кариера (early career researchers)[14], и конкретно жените истражувачки во рана кариера, особено ако двете групи доаѓаат од економски ранливи позадини и живеат надвор од централните зони каде каде што се наоѓаат овие институции. Без разлика на тоа, истражувачите во рана кариера подеднакво практикуваат и партиципираат во независни истражувања и создаваат научна содржина, која потоа ја публикуваат и презентираат надвор, или дома на разни национални и интернационални научни собири (најчесто без да бидат платени, особено во домашните публикации). Така тие учествуваат во полнењето на “националниот басен на знаење“ со квалитетно истражување, без да бидат наградени или правилно ангажирани[15] и најголем дел од нив страдаат од „прегорување“ (burnout) од бескрајното и циклично барање на следната можност или проект додека се навработени. За време на истражувањето за магистерските студии, моите лоши искуства повеќе настанувале заради ниската работна етика, непрофесионалноста и административната или дигитална неписменост на персоналот во институциите, отколку родово дискриминирачко однесување, иако мора да се претпостави дека родовата дискриминација е неминовно да се појави во таков систем. Морав да ги органзирам своите патни и комутациски трошоци од град во град и сум била одбивана за пристап до извори во некои архивски институции и покрај претходна уредна апликација и регистрација како корисник, сум била вовлекувана (неволно) во „чаршиски разговори“ со цел да ми биде „мажјаснувано“ (mansplaining) како би ми било подобро „доколку ја сменам темата и пристапот“ во многу патронизирачки манир и со голема самодоверба од страна на институционален персонал, професионално и образовно далеку вон моето научно поле, сум била нарекувана „девојче“ или „дете“ наместо на име и презиме, од страна на персоналот, а моите лични информации биле злоупотребени. Во секоја институција која сум ја посетила секогаш имало и вистински посветени професионалци, но тие се само исклучокот кој го докажува правилото. За да работам на моето истражување, за да создадам квалитетна научна содржина, да „донесам резултати“ и да ги презентирам, морам да поминам долг, долг пат. Не можам да замислам вакви ситуации да му се случат на „повозрасен уважен колега“ или воопшто на колега со „подобри конекции“, и никој нема да ги доведува во прашање нивниот квалитет, сериозност или социјални интеракции. Но, ако станува збор за жена во научно истражувачката работа, особено рана и независна истражувачка без институционална позадина, не е важен степенот на квалифицираност и професионалност, бидејќи секој има право на мислење и експертиза за нејзината дејност, за темите за кои се интересира, за начинот на кој изгледа и (како би требало) да се однесува. Интересен феномен донесен од „дискретниот шарм“ на академијата во мали средини, е и изедначувањето на истражувачот со темата која ја истражува или на која критички се активира (она што Сара Ахмед го нарекува “killjoy”), па така ако некој истражува историја на жените, не се очекува истиот да има мислење на „поважни теми“ – не само што ќе удрите во стаклениот плафон, ќе бидете и исмејувани за тоа. Овој образец на однесување пресретнат во академски и истражувачки средини може да се објасни со терминот „родова класификација на професионализмот“ (gendering of professionalism):

„Се чини дека машкиот клуб е жив и здрав и сé уште е мрежа за дружење-или-рушење, во кој чувствував дека не можам да влезам. Но, како што рекол Фуко, „моќта е насекаде“; моќта не е содржана во институциите сами, туку во интеракциите кои го устројуваат институционалниот живот. Хиерархиите – од род, раса и класа – се создаваат и засилуваат низ вработувања и отпуштања, ракувања и негување естетика. Добивањето на пониска плата не е исто со неудобното чувство при носење одело, но и двете искуства извираат од структура на моќ која ги држи мажите на врвот. Историчарката Џоен Валач Скот (Joan Wallach Scott) еднаш предупредила дека хуманистите не можат само да го внесат родот во нивните истражувања како да додаваат нова соба во веќе изградена куќа; тие би морале да ја започнат куќата од темел. Доколку универзитетот се посвети на постигнување родова еднаквост, и навистина сака да ја редистрибуира моќта, тогаш сé мора да се промени, од најшироките политики до најситните навики. Традициите ќе мора да се прекинат и минатото нема да биде совршено репродуцирано. Работење од нова шема значи предизвик и грешка, но може да продуцира и неочекуван успех. Немам идеја како ќе изгледа новиот вид на универзитет, но желна сум да гледам како ќе ја завзема таа форма.“[16]

Агонијата на социјалниот капитал се покажува себе си најмногу во систем каде економското запоставување на образованието и истражувањето заедно со неказнивоста, еродираат во професионалната етика. За истражувачите кои не сакаат да ја играат (опасната) игра quid pro quo, на добивање и давање социјален капитал, портите за пристап до информации, извори и останати ресурси витални за истражувачката методологија, ќе останат затворени најголем дел од времето, исто така затворени ќе останат и портите за професионално напредување на најдобрите кандидати.

      

III Од остракизам до афирмативна акција

Испирација зa овој текст најдов и во следниве настани:

Во февруари оваа година, во Српската академија на науките и уметностите (САНУ) се одржа конференција посветена на улогата на научничките и хуманистки во општеството и националната историја (“Naučnice u društvu”, 11 – 14 февруари 2020, Белград; организациски одбор: Институт за етнографија). Светлана Слапшак ги сумирала резултатите:

„Се сретнаа четири генерации на научнички и заедно се запознаваа, препознаваа, истражуваа и се оценуваа. Колективното сеќавање се обновуваше и растеше во луд ритам, се поврзуваа дисциплините. На површината испливаа непознати хероини, станаа заедничко добро, се дополнуваше срамниот список на злосторници, патријархалци, сексисти, манипулатори, кариеристи, предавници. Значи ли тоа нешто за САНУ? Секако: критериумот се помести, за никогаш повеќе да не се врати во закрепостеноста на самоувереноста на еден сој. Јасно е дека одвнатре ништо нема да биде променето – и дотолку подобро. (...) [Т]реба да рзмислуваме што конференцијата во САНУ постави како нужно решение. Прво, експанзија и завземање простор. Преместувањето на критериумот, по еден едноставен паралелизам би барало создавање на Женска академија на науките и уметностите, без национално определување (евентуално регионално и пошироко) и без задолжително определување на сојот (сите се добредојдени, ако се одлични). Името мора да има историска тежина, затоа она Ж, за ЖАНУ.“[17] 

извор

Конференцијата фрлила светло на предизвиците за еднаква партиципација на жените во научно истражувачката работа и во перцепциите при евалуацијата на нивниот придонес во општеството. Вмрежувањето, регионалната соработка и женските менторства беа подвлечени како важни фактори.   

 Уште еден настан кој го охрабри мојот креативен гнев за пишување на оваа тема, беше организирањето на првиот марш на студентките во Македонија под предзнакот „Студентките не се виновни“ (8 март 2020, Скопје, организатор: Универзитетско студентско собрание). Целта на студентите беше да се освести нормализацијата и успешното сокривање на мизогинијата и сексизмот во универзитетите и маргинализацијата на жените во образовниот систем, концептот за согласност и злоупотребата на моќ. Настанот покажа дека е можно претворање на чувството за неправда и беспомошност во јавен глас и колективно незадоволство кои тераат на акција.  

Економската и родовата дискриминација доведуваат до чувства на остракизираност и дисиденство кај истражувачите и научниците (но, и кај студентите) и чувство на постојана распарченост и борба на два фронта: борба против привилегијата и занимавањето со научна работа. Истражувањата укажуваат на важноста на женското менторство и создавањето на мрежи за бесплатна помош. Создавањето на платформи или модели за поврзување на независни истражувачи во рана кариера без институционална позадина со независните синдикати за наука и образование, исто така може да биде дел од решението. 

 

[1] Текстот за прв пат беше објавен на En-Gender (https://engenderacademia.wordpress.com), на 29 март 2020 под наслов: „Early career women in research environments: the agony of social capital“. Види:  https://engenderacademia.wordpress.com/2020/03/29/early-career-women-in-research-environments-the-agony-of-social-capital/

[2] Поимот за науката во оваа реченица е употребен во контекст на сфаќањето на Науката и како социјален конструкт: според некои социолози, начините на кои се добиваат знаењата за светот, често зависат од релациите на моќ во заедниците, додека на површината делува дека постои директна врска помеѓу науката и нашите идеи за природата и светот, и според тоа, науката е (и треба да остане) нерзабирлива за сите (групи во заедницата, со што станува и недостапна за сите). Во таа смисла, некои теоретичари ја согледуваат Науката (со голем иницијал, канонизираност и сл.) како социјален конструкт. Од друга страна пак, во пораст се анти-научните или квази-научните наративи кои се јавуваат заради воспоставувањето на дихотомијата наука (science) v.s филозофија (philosophy).    

[3] Види повеќе за појавувањето на поимот „заградување“ во овој контекст и користењето на механизмите на „заградувањето“ во Европа: Silvia Federici, Caliban and the witch, (New York: Autonomedia, 2004), 68–69.

[4] Хуманистката Миранда Фрикер (Miranda Fricker) го сковала терминот епистемолошка неправда  (epistemic injustice), концепт според кој од позиција на моќ, може да се направи неправда против некого „во неговиот капацитет како познавач“ (“specifically in their capacity as a knower”). Таа идентификува две форми на епистемолошка неправда: неправда кон сведоштвото (testimonial injustice) кога говорникот добива нефер третман во однос на кредибилитетот од страна на слушателот заради постоење на предрасуди кај слушателот; и херменевтска неправда (hermeneutical injustice), која нечие искуствено поле е значајно заградено за разбирање заради предрасудите и начинот на кој се распределени реусрсите за општествена интерпретација. Види повеќе: Miranda Fricker, Epistemic Injustice: Power and the Ethics of Knowing, (Oxford University Press, 2007).

[5] Види повеќе за политиките на меморија во однос на Ромите во холокаустот: Ивана Хаџиевска, „(Не)Политички тела. Тела кои (не)болат. Геноцидот на Ромите во политиките на меморијата и институционализираната меморија“, во Зборник на стручни трудови, прва конференција за сеќавање, одговорност и препознатливост на Ромите жртви на холокаустот жртвите на холокаустот во Република Северна Македонија (Битола: Национална установа Универзитетска библиотека "Св. Климент Охридски", 2019) [Достапно online: https://bit.ly/2xCZVNh, 13.03.2020]

[6] “The Balkanist singularly male discourse”, термин користен од историчарката Марија Тодорова, види: Maria Todorova, Imagining the Balkans, (Oxford University Press, 1997), 15. 

[7] Suzana Milevska, “Gender difference in the Balkans”, A thesis submitted for the degree of Doctor of Philosophy Goldsmiths' College - University of London Visual Cultures Department October 2005, 6–7.

[8] Ivana Hadjievska, “Black Swans in the Structures of the Workplace: Women in Academe Beyond Pathos”, Treća, 21, 1 (2019): 141–148, 143, passim Рада Ивековиќ, „Полот на нацијата“, Identities: Journal for Politics, Gender and Culture, 1, 1 (2001): 146–164, 17 [Достапно online: https://identitiesjournal.edu.mk/index.php/IJPGC/article/view/20/12, 21.09.2019].

[9] Тука морам да го приложам примерот за еден од најголемите современи предизвици на македонските истражувачи – одлуката на владата од 2012 година за преместување на Државниот архив од стандардизираната зграда во нова, но несоодветна зграда. Новинарите, вработените и корисниците ги пријавуваа лошите услови и преселувањето како и неправилното чување на архивската граѓа, која во неколку моменти дојде до серизона опасност од распаѓање и постепено уништување. Во новите услови за користење на архивот, пристапноста стана отежната, особено за истражувачи кои не живеат во Скопје. Види повеќе: „Петиција против пренамена на старата зграда на Државниот архив“ (04.11.2014), Вести, Младински образовен форум. Radiomof.mk [Достапно online: https://www.radiomof.mk/peticija-protiv-prenamena-na-starata-zgrada-na-drzhavniot-arhiv/, 13.03.2020]

[10] “Više nema granica objavljivanja, ostale su još samo granice zapošljavanja, napredovanja, titula, novca i provincijalne akademičarske apoteoze.” Svetlana Slapšak, Žene u Akademiji. Tekstovi (24.02.2020), Peščanik, Pescanik.net. [Available online: https://pescanik.net/author/svetlana-slapsak/, 13.03.2020].

[11] Фросина Крушкаровска, „Студентките не се виновни“. Активизам (10.03.2020), on Окно.мк, Okno.mk. [Достапно online:         https://okno.mk/node/83419?fbclid=IwAR2jG8q9a89xPrFKy2xcTvJ5PYXKnhpUi8ch4jgYm_q6EqKJ-RMHwOSOlKo, 13.03.2020].

[12] Види статистики и објавени анализи за предизвиците и перспективите за академско и професионално напредување на жените и девојките во Македонија: Елена Б. Ставревска, Кон родовата еднаквост: пречки и перспективи во академскиот и професионалниот напредок на жените и девојките“, (Скопје: Институт за истражување Импакт, 2019) [Достапно online: https://stella.mk/documents-and-publications/ 14.03.2020]; 

[13] Види повеќе: Silvia Federici, “Education and the Enclosure of Knowledge in the Global University”, ACME: An International E-Journal for Critical Geographies 8, 3 (2009), 454–461.

[14] Истражувачите во рана кариера (Early Career Researchers (ECR)) овде ги дефинирам како студенти или истражувачи во прв циклус студии, магистранти, докторанти (зависно од националниот контекст и образовна рамка), сé до пет години по докторирањето.

[15] Според државната статистика, во Македонија жените со високо образование заработуваат просечно 22% помалку од мажите со високо образование; иако жените со високо образование се во поголем број од мажите и повеќе жени имаат титула магистер и доктор на науки, мажите остануваат во поголем број кога станува збор за работодавачи (78%). Види: Reactor – Research in Action. „Дали е Среќен 8 Март?“. Publications. Reactor.org.mk [Достапно online: https://www.reactor.org.mk/Publications.aspx?id=4&&catID=1 14.03.2020] passim Структура на заработувачката на вработените, 2018 година. [Достапно online  https://bit.ly/2TiH7u0 14.03.2020] Државен завод за статистика, 2018. Анкета за работната сила. [Достапно online https://bit.ly/2vo5RJ7 14.03.2020].

[16] Magi Doherty, 'Professionalism' is gendered — and women lose. The Awakening: Women and Power in the Academy. The Chronicle of Higher Education [Достапно online:              https://www.chronicle.com/?cid=UCHETOPNAV, 21.09.2019]  

[17] Svetlana Slapšak, исто.