Жените се малцинство | ПРВО ПА ЖЕНСКО #8
ДИГИТАЛЕН РЕЧНИК НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК
малцинство
мн. малцинства
Вид збор: Именка, среден род
Ранг: 7964
 
  1. (едн.) Помала група.
Англиски: minority Албански: pakicë
Примери:
Жените се малцинство во политиката.
Парламентарно малцинство.
Спротивно од: мнозинство (ср.)
 
  1. Помала етничка група различна од мнозинството во државата.
Англиски: minority Албански: minoritet, pakicë
Употреба: Дипломатија
Примери: Национално малцинство.
Изведенки
малцински прид.
малцинскиот
Пример: Малцински групи. Малцински права. Малцински театар.

 

Оваа година, фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО застанува цврсто зад транспарентот: Жените се малцинство. Со ваквото политичко позиционирање имаме за цел да го преиспитаме значењето на терминот „малцинство“, свесно одбегнувајќи ја неговата национална, доминантна претпоставеност. Сакаме да посочиме дека во значењето на овој поим многу поважни се, всушност, односите на моќ помеѓу најразличните општествени групи, како и доминацијата на едни врз други. Таквата доминација секојдневно се случува преку вкоренети штетни политички уредувања и општествени норми, кои подразбираат дискриминација на мноштво идентитети што не се вклопуваат во идеалот што му е припишан на хегемониското мнозинство. Токму затоа, прашањето за малцинствата е и феминистичко прашање.

Без да навлегуваме во бесмислената дебата дали жените навистина се малцинство, претпочитаме да се упатиме кон поинакво толкување на поимот „малцинство“. Ќе го разгледуваме симболичкиот товар којшто тој поим го носи, а тоа се потчинетоста, подреденоста и бивањето недоволна/ен и помалку вредна/ен. Живееме во земја во која речиси дваесет години не се спроведува попис на населението, а иницијативата за оваа процедура виси како Дамоклов меч врз судбината на оние кои владеат. Јасно е дека државниот попис би служел единствено како алатка во борбата за етнички статус, како за мнозинството така и за малцинствата, кои итаат да се пребројат кој е повеќе, а кој помалуброен, а тоа е, за жал, сѐ уште едно од најважните политички прашања. Додека го чекаме формирањето на новата влада, секојдневно го прогнозираме исходот од етничко-малцинската математичка калкулација за ситно-интересното здобивање со власт и моќ. Резултатот од овој „пазар“ не оди во прилог на решавање на суштествените проблеми на ова општество и позицијата на културните, социјално загрозените, родовите и сексуалните  малцинствата, меѓу кои и жените.

Повикуваме на свесно избирање и присвојување на малцинската позиција преку изнајдување на поинакви политички модели на дејствување, кои пркосат на доминантните норми. Таквиот бунт е неопходен за да излеземе барем делумно од постоечките политички, економски, културни и други општествени стеги. Веруваме во преплетувањето на различните искуства и сметаме дека треба да се алармира за потребата од интерсекционален пристап при создавањето на политиките. Тоа значи дека „да се биде жена, се разликува во зависност од тоа дали припаѓаш на средната или работничката класа, дали си припадничка на хегемониското мнозинство или на расијализираните малцинства, дали живееш во град или на село, дали си стара или млада, геј или стрејт“ (Јувал-Дејвис), дали си транс или цис, лице со посебни потреби, дали си Турчинка, Албанка, Ромка, Македонка или нешто сосема десетто.

ПРВО ПА ЖЕНСКО застапува преиспитување и јавно говорење за динамиките и испреплетувањата на општествените категории и верува во феминистичко движење коешто се залага за создавање на политики со поинаков пристап, каде не е доволно само исполнување на родовите квоти. Можеби ваквото дејствување се чини тешко остварливо, но феминистичкото движење мора да е бунтовно и не смее да замре.

Овогодинешното визуелно решение на ПРВО ПА ЖЕНСКО се повикува на Сизиф. Градиме паралела со феминистичкото движење, кое одново бара значење, смисла и единство. Таа потреба е особено изразена во овие времиња кога пандемијата создаде уште поизразена нееднаквост, ставајќи ги најзагрозените во уште понезавидна положба и изложувајќи ги на уште поголем ризик од насилство и недостиг на грижа. Албер Ками по есејот „Митот за Сизиф“ се придвижува кон „Побунетиот човек“, што е всушност движење од „самотијата кон солидарноста“, и затоа слободно „можеме да го замислиме Сизиф не само среќен (како што тврди Ками во Митот за Сизиф) туку и во бунт против сè што може да го скрши, да го задуши и да го расклопи сето она што е човечко. Бунтовникот на Ками „се бори за интегритет... Не настојува да освои, туку да се наметне со својата вредност.“

И оваа година, преку ПРВО ПА ЖЕНСКО се залагаме за борба што е истрајна, специфична и ослободена од наметнатите општествени стеги и модели на однесување. Наместо да му повладуваме на патријархалниот свет и живот, повикуваме на кршење на стегите и осмислување и освојување на просторите на слобода.

Јана Коцевска

 

Програма на фестивалот