Машините можат да ги нагласат проблемите, но не се тие кои го создаваат хаосот: Интервју со Албена Баева

Прочитајте го интервјуто со Албена Баева кое го водеше Ајнур Касо, која ќе има своја изложба „ Овцата, змијата, кучката и нивната свиња“ на Прво па женско, на 11.06 – петок. Албена Баева е визуелна уметница, кураторка и продуцентка која фокусот на своето творештво го пронаоѓа на раскрсницата помеѓу уметноста, технологијата и општествените науки. За нејзините интерактивни инсталации наменети за урбани средини, таа користи машинско учење (ML) и вештачка интелигенција (AI), физичко сметање, креативно програмирање и направи-сам техники.

Изложбата на Албена Баева ги критикува онлајн дискусиите. Учесниците во овие дискусии, ограничени во своите светови од слични гледишта и аргументи, го гледаат остатокот од светот поинаку, преку изобличени рефлексии на ѕидовите на световите во кои живеат безбедно, далеку од спротиставените мислења. Во интервјуто таа открива малку за нејзиниот креативен процес, вкрстување на егзактните науки со уметноста и иднината на човештвото со вештачката интелигенција.

А.К.: Албена, годинава деветтото издание на фестивалот Прво па женско го преиспитува концептот на ‘јавно’, во контекст на глобална пандемија. Во време на екстремно видлива родова, класна и расна поделеност, просторот помеѓу нас освен што стана визуелен симбол на пандемијата, дотолку појасно ја откри и тензичната сопоставеност на јавните и приватните добра. На кој начин ваквата сопоставеност на јавното наспроти приватното влијаеше врз твојата уметничка пракса?

А.Б.: Мојата интерпретација за јавното наспроти приватното e како интимно наспроти споделено. Во моите интерактивни инсталации си играм со преклопните точки меѓу тие два концепта. Ги користам заедничките простори за да ги истражам интимните прашања и обратно; да ги примамам луѓето со личните искуства, како би дала коментар за јавни и општествени прашања. Интерактивните инсталации на извесен начин служат како врата преку која посетителите имаат шанса да се поврзат.

Во твоите минати изложби „Only The Two of Us“ (2015), „Archeologies“ (2014) и „The Last Benjamin“ (2014), можеме да забележиме дека очекуваш публиката да се вклучи во интерактивниот процес, понекогаш дури и да применува физичка сила. Каква беше реакцијата на гледачите досега, и што забележа додека ја набљудуваше публиката?

На луѓето им е забавно. А тоа и е мојата намера. Сакам да се чуствуваат опуштено и да бидат отворени; сакам со леснотија да ги водам низ одредени теми со цел да изградат соодветен однос кон можноста да се поврзат.

Користиш машинско учење (machine learning) и вештачка интелигенција (artificial intelligence) за да ги создадеш твоите интерактивни инсталации. Што научи во текот на овој процес?

Во моите интрерактивни инсталации користам просторни сензори и креативно кодирање. Почнав да истражувам и работам со машинско учење и вештачка интелигенција во 2019. Се интересирам за вештачката интелигенција и улогата на интелигентните машини во нашето општество. Дали вештачката интелигенција ќе значи крај на човештвото или сепак можеме да изнајдеме попаметен приод и да ја искористиме во борбата против климатската криза и хуманитарните кризи? (Истражувањето и работата) ми се како рутинска вежба и секој ден учам по нешто ново. Низ работниот процес со технологија во последниве дванаесет години научив дека ништо не е совршено, сè може да се расипе и ако сакаме нештата да функционираат, треба прецизно да го изанализираме и адресираме проблемот. И треба да запамтиме дека ние сме тие кои ги создаваат машините. Сите наши проблеми потекнуваат од одлуките кои ги носат луѓето. Машините можат да ги нагласат проблемите, но не се тие кои го создаваат хаосот.

Насловот на твојата изложба „Овцата, змијата, кучката и нивната свиња“ (којашто ќе имаме прилика да ја видиме на овогодинешното издание на фестивалот Прво па женско) одекнува со употреба на имиња на животни како дисфемизам, како средство за деградација, минимизирање или понижување на поединци кои не се одобрени или осудени. На кој начин насловот ја рефлектира твојата уметничка цел изразена преку изложбата?

Насловот едноставно го именува она што е во изложбата. Сите овие зборови не нужно се навредливи. Во изложбата, првобитните погрдни значења бидуваат исклучени од самите термини и на тој начин се оснажуваат наново.

Поради интерактивноста на твојата инсталација, публиката е поканета длабоко да се вклучи во искуството. Во таа смисла, публиката, како и некој трагач по пророштво во Делфи, ги комбинира парчињата и трагите расфрлани на ветрот за да создаде сопствено читање на пророштвото. Каде ти, како уметник, се гледаш себеси во создавањето на овој нов дијалог?

Физичката активност придава дополнителен слој. Публиката не само што ја гледа и слуша инсталацијата, туку можат преку допир да ги почуствуваат студените металните решетки на монотоното тркало (hamster wheel). Како уметница внимателно го поставувам и раководам целиот процес. Не е до мене да давам одговори, туку да поставувам прашања и затоа сакам да оставам место за случајности, интерпретации и можности во самата дискусија.

Твојот начин да ги идентификуваш, прилагодиш и преобразиш твоите хибридни, пола животински - пола женски, 3Д-печатени модели ја предизвикува познатата древна непријатност на човештвото спрема чувствата кон изопачените химери. Што може да ни кажеш за оваа нејасна линија, каде што се надминува разбирањето на основата на човечкото, животинското и машинското?

Вкрстените уметнички дела (crosspieces) ни ја разработуваат имагинацијата уште од античката историја. Митолошките чудовиштка, богови и духови – сите тие се супер начин на кој може да се контролира наративот. Обично, сите вкрстени уметнички дела симболизираат одредена моќ. Ова е една од причините зошто скулптурите од оваа изложба имаат толку смисла. Истренирани сме да поинстоветуваме одредена моќ со определено чудовиште. А навредите, од друга страна, не претставуваат моќ, туку алатка. Оттука, кога посетителите ќе видат преубава мала скулптура крстена по навреда, принудени се на терминот да му зададат ново позитивно – оснажено значење. И 3Д технологијата која ја користам, дополнително ги збунува сетилата. На изглед е класична, заради материјалот и бојата,но видливи се и посебните технолошки слоеви, кои се пак карактеристични за 3Д принтот.

Во есејот „A Cyborg Manifesto“, Дона Харавеј ја коментира политиката на киборгот, изјавувајќи дека тоа е „борбата за јазик и борбата против совршената комуникација, против единствениот код што совршено го преведува целото значење, централната догма на фалогоцентризмот. Затоа, политиката на киборгот инсистира на бучава и се залага за загадување, радувајќи се на нелегитимното спојување на животни и машини“. На кој начин твојата работа има за цел да ја постигне борбата против совршената комуникација?

Како што ќе рече Харавеј ,,важно е да останеш со конфликтот’’. Преку моите дела, ја барам сродноста меѓу машините и луѓето, како едни поинакви партнери на човештвото.

За време на твоето професионално искуство, може ли да се сетиш на некоја критична точка којашто ѝ дала форма на твојата уметничка пракса?

Можеби беше првиот пат кога почнав да изучувам Pure Data, софтвер за креативно програмирање. Се заљубив во можностите да вкрстам различни пристапи и сфери во уметноста, директно преку машинска интерактивност. Одеднаш си најдов заеднички терен помеѓу мојата љубов кон уметноста и наклонетоста кон егзактните науки.

Глобалната пандемија ги промени нашите животи. Особено за уметниците стана потешко да стекнат нови искуства / да одат на изложби / да патуваат. Како се справуваш со предизвиците на пандемијата и дали може да споделиш со нас на каков начин се справуваш со ситуацијата?

Не сметам дека се справувам добро, туку едноставно чекам да помине бурата. А додека чекам, ги усовршувам рецептите на баба ми. И се обидувам да откријам како да создадам релевантни дела во денешниве услови.

На крај, на што работиш сега? Што можеме да очекуваме и да видиме од тебе во иднина?

Работам на неколку проекти поврзани со вештачка интелигенција. Имам ново солистичко шоу  во Софија Trust Territories, од 10 јуни до 2 јули. Ова е заеднички проект со руската кураторка Наталија Фукс, кој вклучува вештачка интелигенција со цел да создаде упатства за уметнички дела. Некои од упатствата ги изработувам во галерискиот простор на Гете-институт Бугарија. На 20 јуни, заедно со група руски куратори, ќе бидам дел од онлајн перформансот Manifest of manifests, на фестивалот Synthesis Aesthetics. За целите на овој проект создадовме прилагодена база на податоци со над 200 манифести и прецизно прилагоден GPT-2 јазичен модел. Крајната презентација ќе биде читање на резултатите кои ќе ги генерира вештачката интелигенција. Исто така сум дел од лабораторијата за етика во вештачката интелигенција во Гете институтот. Овде работам заедно со стручни лица од балканскиот регион, кои проучуваат и работат на теми поврзани со етиката во вештачката интелигенција.

 

Интервјуто го водеше Ајнур Касо

Програмата на овој фестивал спаѓа во рамките на Women on Women (WoW) проектот - кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Комисија Creative Europe, што Tiiiit! Inc. го спроведува заедно со Mesto žensk од Љубљана, VoxFeminae од Загреб и Outlandish Theatre Platform од Даблин.

Овогодинешното издание на Прво па женско е поддржанo од: Програма Креативна Европа на Европска комисија (Creative Europe), Фрида – фонд за млади феминистки (FRIDA | The Young Feminist Fund), Министерство за култура / Ministria e Kulturës, фондацијата Квина тил квина ( The Kvinna till Kvinna Foundation), Град Скопје.