„Растение (879 страни, 33 дена)“: Магиски архиви

Субверзивната фигура на вештерката последниве години често е обработувана како симбол на женскиот отпор. Tаа е преиспитувана како темно место во историјата и претставува моќен општествен контранаратив. Иновативниот придонес на Хофлих на оваа линија – и она што го прави филмов предизвикувачки и нетипичен – е уникатната перспектива до која таа доаѓа стимулирајќи ги точките на контакт помеѓу интимната и светската историја. Филмот истовремено успешно експериментира со постмодернистички постапки за промислување на темата, од аспект на прашања за природата на уметноста, реалноста, перцепцијата, општествените практики…

„Растение (879 страни, 33 дена)“ истражува настан од семејната историја на режисерката. Во почетокот на осумнаесеттиот век во Германија нејзините предци биле вмешани во јавно судење и погубување на жена обвинета дека е вештерка, за што во 1980-ите била пронајдена обемна документација во семејната архива. Настанот и пошироко претставува важна историска референца, бидејќи бил едно од последните судења на вештерки во тој регион. Распакувањето на приказната се одвива низ разговор помеѓу Рут и нејзината мајка Ула, во кој напоредно се откриваат историските факти и емоционалната релација со семејното минато. Притоа, во филмот доминира хетероген визуелен јазик кој сетилно ги комуницира преплетените димензии на искуствата. Хофлих настанот не го претставува директно во фокус, туку преку техники на дигитално видео процесирање и аналогна фотографија прикажува предмети и суштества кои денес служат како можни интергенерациски пренесувачи на случувањата.

Филмот е изразито автореференцијален, односно постојано упатува самиот на себе, на постапките на неговото создавање. Засилените звуци на сечење хартија со ножици, бучењето на принтерот, замаглувањето на кадрите – ја потенцираат конструкциската природа на уметничкиот, но и на неуметничкиот јазик, на реалноста, на историјата. Сецкањето и колажното пресоставување на аналогните фотографии во кадарот соодветствува со постапките на режисерката за изнаоѓање смисла во фрагментарната историја што ја истражува. Тоа е изведено со силно чувство за ритам (кој е динамичен и возбудлив) и со префинето играње со текстурите и колоритот. 

Самиот историски настан е замаглен, а приказната на вештерката веќе не постои во истата форма како онаа што постои на спротивната страна, на судиите. Хофлих, силно свесна за тоа, не се обидува да ги допише отсутните нешта со сопствени толкувања, туку ги реди текстовите што преостанале, а кои нудат сетилно и емоционално осознавање. Па така, во „Растение (879 страни, 33 дена)“ се издвојуват два главни повторливи мотиви: растенијата и просторот на семејната куќа. Во начинот на кој ги истражува се согледува исклучителната вештина на Хофлих со еден потег симултано да ги пробие бројните слоеви на приказната.

Разновидните растенија во филмот го симболизираат класичното поврзување на жените со природата, земјата, мистичното… Но интересот за нив и подиректно произлегува од фактите околу историската личност. Осудената жена била билјарка (носителка на неортодоксно знаење), па оттука и насловот на филмот, кој ја превртува релацијата на моќ, и ја прави неговата хероина уште понепристапна, ја заштитува. 

Семејната куќа, пак, е истражена како простор на инкапсулирано време, кој може да претставува и телепортал кон минатото. Судењето се случило на семејниот имот на режисерката, во куќата каде и таа и нејзината мајка минале голем дел од своите детства. Тие не ја коментираат подвоеноста што куќата им ја предизвикува, но тоа се насетува во режисерските избори. Во голем дел од кадрите воздржано се сугерира атмосфера на злокобно присуство, со филмски елементи што може да се сфатат како реферирање на хорор жанрот (кој често ги тематизира вештерките), но се одраз и на приватниот регистар на емоции на Хофлих.

Преку сите овие елементи се тематизира магиското размислување – гледањето скриени релации и значења во нешта кои не се причинско-последично поврзани –  кое било вообичано во 18-иот век и довело до погубувањето. Така филмот, предизвикувајќи го блискиот и интензивен поглед, го повикува гледачот прикажаните предмети и суштества да ги погледне низ призма на тогашните луѓе. Но, режисерката исто така се осврнува на значењето на терминот магија како илузија, трик, преку уредувањето и составувањето на различни материјали кои се пресоздаваат во нешто ново. 

Целово деликатно документирање на интимно доживеани сетилни впечатоци, слики и звуци претставува контрапункт на вчудовидувачки обемната и подробна бирократија околу самото судење: цели 879 страни детални сведоштва и проследувања и процес на судење долг 33 дена. Во таа насока, еден од клучните аспекти на женската историја што филмов ја илустрира, а кој е важен и за македонскиот контекст, е потребата од создавање и чување архиви – лични, семејни, национални. Практиките на архивирање, кај нас мошне запоставени, овозможуваат меѓу другото, и воспоставување континуитет со претходничките, што е еден од предусловите за градење постабилни идентитети, феминистички и други. Какви архиви имаме ние?

Фросина Крушкаровска

*Во соработка со Tiiiit! Inc., рецензентките добија можност да ги погледнат филмовите селектирани за филмската програма „Ова не е сон за заеднички јазик, туку за моќна и неверна хетероглосија“, курирана од Кумјана Новакова, на „Прво Па Женско“ 2021. Ова е една од напишаните рецензии