Комедијата како дел од феминистичката историја – понеопходна од кога било!

Феминизмот отсекогаш бил мобилизиран и зајакнат преку колективна радосна смеа.

(Овој напис на Маргарет Хенефелд е објавен на 6 мај, 2018 година, на онлајн порталот Open Democracy: Free Thinking for the World)

 

Не постои пожестоко политичко оружје од смеата. Контроверзијата околу сјајното и брутално искреното пржење (анг. roast) на Мишел Волф на вечерата на дописниците во Белата куќа во 2018 година е најновата драма во бескрајната низа примери кои ја откриваат заканувачката моќ на феминистичките шеги. Според авторката Маргарет Атвуд, „На мажите им е страв дека жените ќе им се смеат, додека жените се плашат дека мажите ќе ги убијат“. Ова е една од причините зошто патријархатот отсекогаш се обидувал да ги стереотипизира феминистките како намќорки без смисла за хумор, расипувачки на забави или дежурни кавгаџики.

Ова, секако, нема никаква врска со реалноста. Од сатиричната серијаFull Frontal“ на Саманта Би; стенд-ап шоуата на Ванда Сајкс, Маргарет Чо и Тиг Нотаро; до интернет експлозијата од досетливи мемиња и духовити протестни транспаренти кои остро ја сатиризираат патријархалната предаторска логика, феминизмот е, и отсекогаш било движење кое се мобилизира и зајакнува преку задоволството кое произлегува од колективната смеа.

Како што наведувам во мојата нова книга „Specters of Slapstick and Silent Film Comediennes“, остроумната сатира и изобилието на комедија биле важни феминистички двигатели во раните години на движењето. Најголемиот мит на антифеминистичката пропаганда – сеприсутен и денес - е дека борбата за еднакви права и смислата за хумор меѓусебно се исклучуваат.

Всушност, кога жените се смеат отворено и гласно, честопати се сметаат за хистерични, и тоа во патолошка смисла, којашто нè враќа на она „Ти си за во ментална институција, да ти брцаме во матката и да видиме што не е во ред со тебе“.

Комедијата, колку и да е весела и лесна, знае да биде крајно насилна и распашано вулгарна. Постои тенка линија помеѓу „пикантното“ (анг.edgy) и навредливото, а историски, улогата на кловнот отсекогаш била да ги пропитува границите помеѓу двете и како се поместуваат со текот на времето, особено денес во времето на општествениот и политичкиот активизам.

[…]

Жените, ЛГБКТ+ и останатите угнетени малцинства од одамна ја користат сатирата за да им возвратат на авторитетите кои ги маргинализираат и со тоа да ја кажат вистината за оние на власт. На пример, како што вели Линди Вест воHow to Make a Rape Joke“, постои јасна разлика помеѓу „шега за силување жени“ и „шега за тоа како културата на силување - која ги вклучува и овие шеги – додатно ги трауматизира жените”.

Иако ништо не е забрането за прогресивната комедија, па дури ни силувањето, клучно е тоа кој служи како предмет за потсмев: жртвата или напаѓачот. Без оглед на идентитетот на комичарот, дури и ако се најдат во ситуација да треба да живеат со реперкусиите од тоа што го рекле, шега што ги преминува границите или ја искористува темата на потсмев наместо да ја демистифицира и разоткрие, најчесто не е смешна.

Ако не се насмееме некогаш на некоја шега, не значи дека тоа е намерно или со умисла. Сепак, се претпоставува дека смеата е несвесен рефлекс – честопати избувнува како одговор на слики и концепти кои нè збунуваат. Во крајна линија, ова не е ниту добро ниту лошо. Се смееме кога немаме докрај оформено мислење за нешто и сè уште активно размислуваме за тоа. Како резултат на ова, не секогаш ќе можеме да контролираме што ќе произлезе како последица од нашата смеа.

Комедијата служи како матрица за испитување на тековни општествените поместувања и канал преку којшто се отпочнуваат извесни промени. […] 

Комичарката Ејми Шумер вади страница од „Несреќата на Мери Џејн“ во нејзиното скеч-шоу „Внатре во Ејми Шумер“, која често кажува скечеви за жени кои спонтано согоруваат, се самообезглавуваат или вршат апсурдно ритуално самоубиство кога нивната способност да извлечат смисла од нивниот секојдневен живот стои во живописна контрадикција со нивните сопствени утописки родови идеали. Скечеви од типот на „Проблем при прифаќање комплимент“, „Јас сум за нигде“ и „Алергична сум на јаткасти плодови“ сите го образуваат за апсурдниот феминизам на Шумер.

Ова не е ништо ново. Од раните 1900-ти, женската „слапстик“ комедија во популарните медиуми била канал за феминистичкиот активизам и општествен протест. На пример, единствениот начин гореспомнатата Мери Џејн да излезе од домот е преку оџакот. Во друг филм од 1914 година, наречен „Тркалезното лице на Дејзи Дудад“, една домаќинка којашто се досадува, толку страсно се подготвува за аматерскиот натпревар во правење фаци што е уапсена поради нарушување на јавниот ред и мир заради тоа што им прави гримаси на случајни мажи во јавен превоз.

Или на пример во „Laughing Gas“ (Рајски гас) (снимен во 1907 година), кога бел стоматолог ќе и даде азотен оксид на својата пациентка, која што е црна жена. Ширејќи ја својата заразна смеа насекаде, полицајците кои патролираат низ улиците не можат да ја уапсат затоа што и тие самите неконтролирано се смеат.

Општествената сатира во овие филмови произлегува од застрашувачкиот судир помеѓу тоа како традиционално се очекува од жените и малцинствата да се однесуваат и како тие всушност сакаат да живеат. Вакви примери се протестните комедии на суфражетки, трик филмовите во кои жените се претвораат во огромни пајаци или мажојадачки кукли, и комедии за домашни катастрофи каде што жените буквално експлодираат и со тоа на еден необичен начин се ослободуваат од нивните зададени родови улоги и домашни обврски.

Исто така, важно е да се забележи дека киното, слично на денешните Твитер или Јутуб, бил највлијателен тип на медиум од категоријата „нови медиуми“ во 1890-тите и раните 1900-ти. Можноста на киното да прикаже движење како никогаш дотогаш - куќни помошнички како експлодираат, автомобилски судири, стопени минијатурни никотински самовили - создало плоден терен за протест и културно експериментирање.

Женските тела, се чинело, биле како створени за ваквиот тренд бидејќи се верувало дека се склони кон физички манипулации и помалку отпорни на надворешна контрола. Како пример земете ги корсетите што се очекувало да ги носат жените во раните 1900-ти, коишто нечовечки ги искривувале нивните тела во облик на песочен часовник. Новите медиумски слики, како родовите тела, отсекогаш биле уважувани поради нивниот неограничен капацитет за физичка манипулација и визуелна умешност.

Низ историјата, „новите“ медиуми отсекогаш го привлекувале вниманието на луѓето заради очигледната трансформативна моќ на радикалните слики кои имаат моќ да повлијаат на општествените и политичките откритија. Женските тела, како и родово-флуидните тела - облеката што ја носат, позициите што ги заземаат и начинот на кој нивните тела постојат во јавните простори - се маркери за тоа колку општествените норми и културните идеали можат да се променат со текот на времето.

Постојат еден куп паралели помеѓу феминистичката протестна култура од раните 1900-ти и моменталната ситуација во 2018 година, кога сатирата и експериментирањето со новите медиуми исто толку живи и клучни делови од нашата колективна имагинација и активистички отпор. Една од моите омилени протестни пароли на Глобалниот женски марш во 2017 година беше: „Исти срања, различен век“. Транспарентот беше подигнат од група жени облечени како суфражетки.

Иако прашањата се сменија - од право на глас до право на абортус и #MeToo - движењето, некои работи остануваат исти: феминистичката смеа е сè уште силно политичко оружје. Некои ќе продолжат да мантраат дека „Жените не се смешни“, и тоа е во ред - тоа покажува дека им е сè уште страв од револуционерната моќ на колективната смеа.

 

Меги Хенефелд (фотографија на Гевин Шустер) 

*Насловната фотографија е преземена од dribble.com

*фотографиите се кадри преземени од следните неми филмови: "Mary Jane’s Mishap" - 1903, "Laughing Gas" - 1907, "Daisy Doodad’s Dial" - 1914.