Да играме! - Филмска програма на Прво па женско 10
Да играме!
 
Филмската програма на ППЖ 10 е игралиште, игранка, играчница, игра. Ги доближува имагинарното, возможното, неочекуваното, возбудливото и заедничкото. Така, старото и ограничувачко станува ново и отворено. Затвореното се отвора, досадното оживува, а забраните се во некои други светови и повеќе не важат.
 
Авторките чии филмови како различни игри влегуваат храбро во една од особено забранетите зони за жените: играта, ги превртуваат правилата на ограничувачкото, исклучувачкото и нормативното. Така, преку игривоста на аудиовизуелните форма и јазик, феминизмите отвораат простори во кои можеме да замислуваме и измислуваме бескрајни “што ако...” ситуации, да бидеме некои други луѓе и да имаме разбирање за некои други состојби, да имаме некакви други моќи, да замислуваме и креираме повозможни иднини. Да играме.
 
Да играме! ќе претстави четири аудиовизуелни уметнички дела кои предлагаат многу различни форми на филмска игра, и доаѓаат од авторки со многу различни интереси и филмски јазици. Она што е заедничко е посветеноста кон играта како методологија. Оттука, филмската програма Да играме! не е класична фестивалска филмска програма, попрво е феминистичка играчница, а со тоа и своевиден прекин на нормативното и нормираното. Да играме и градиме нови светови.
 
Филмската програма отвора можност и за учество на работилницата „Феминистичка филмска играчница“ со Диана Туседо и Кумјана Новакова, а во склоп на која учесничките и учесниците ќе имаат прилика да се вклучат во дискурзивна програма фокусирана на феминистичките перспективи во филмот. Работилницата во траење од 3 дена е во форма на јавна дискусија и е отворена за сите заинтересирани, без ограничувања.
Сите заинтересирани можат да испратат основни информации до 20.00 часот во четврток, 20. октомври. Работилницата во траење од 3 дена, е во форма на отворена дискусија и е отворена за сите заинтересирани, без ограничувања на образование и професија/занимање. Работилницата е наменета за полнолетни лица (+18). Сите заинтересирани можат да испратат основни информации до 20.00 часот во четврток, 20. октомври преку гугл формата достапна на следниот линк: https://forms.gle/ZLvWPHgcbV5ic8os9
 
Кураторка на програмата е Кумјана Новакова.
 
 
ПРОГРАМА:
 
Проекциите се во Кинотека на Северна Македонија
 
📽 21.10.2022 / 20ч
Муценбахер / MUTZENBACHER (+18)
Рут Бекерман
Австрија, 2022, 100'
Преку оглас во весник, Рут Бекерман објавува повик за кастинг за филм заснован на познат порнографски текст. Повеќе од сто години, романот „Жозефин Муценбахер или приказната за една виенска курва“ е предмет на контроверзии поради похотливото прикажување на детската и женската сексуалност. Иако забранет одреден период, се работи за славно светски познато дело на виенската литература. Сто мажи се соочени со извадоци од романот во време кога иако сексот е поприсутен од кога и да било, морализирањето е сѐ уште присутно.
 
📽 22.10.2022 / 20ч
Нишај се и играј / Swing and Sway
Чика Барбоса и Фернанда Песоа
Бразил, 2022, 82'
Годината во која сè радикално се промени, во која вистинските и невидливите граници добија нови димензии, е коренот на оваа филмска провокација. Две девојки, разделени од северната и јужната хемисфера на Америка, имаат намера да танцуваат во метежот од слики, насилство, фрустрации и желби. Тоа го прават преку игра која преку впишувањето на авторките и жените околу нив овозможува дијалог кој станува реален и живописен, како средба, како прегратка која одлучно се спротивставува на далечината.
 
📽 23.10.2022 / 18ч
Сексуалниот живот на баба / Granny’s Sexual Life
Уршка Џукиќ, Емили Пигар
Словенија, Франција, 2021, 14’
Четири стари жени преку своите сеќавања од старите времиња ја рефлектираат својата младост, но и за тоа колку различни биле односите меѓу мажите и жените тогаш. Нивните гласови се спојуваат во еден единствен глас, гласот на бабата Вера, која ја раскажува својата приказна во детали. Патувањето во младоста на бабата и сеќавањата на нејзиниот интимен живот го илустрираат статусот на Словенките во првата половина на 20 век.
 
📽 23.10.2022 / 18ч15мин
Она што останува зад нас е истетовирано на нашите очни капаци / Tattooed on Our Eyes We Carry the Aftertaste
 
Диана Туседо
Шпанија, 2022, 26'
Собирачките на школки во Редондела се трудат секој ден на плима да сеат, копаат и да се грижат за прагот помеѓу морето и песокот. Во симбиозата, колективната свест и наклонетост произлегува од нивните тела, нивните гестови и нивните зборови.
 
******
 
Прво па женско // Години будни // е поддржан од: Шведска и Фондацијата „Квина тил квина“, ФРИДА| Фонд за млади феминистки, Зигрид Раусинг Траст и од Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Партнери и соработници на феминистичкиот фестивал „Прво, па женско“: Медуза, Младински културен центар, Коалиција Маргини/Скопски викенд на гордоста, Контрапункт/КРИК фестивал за критичка култура, Советот на граѓаните на Хелсинки, Нови Сад, PrivatePrint и ЦИНИК – Центар за истражување на национализмот и културата.