Изведувачка програма на ППЖ10 | Премиера на „Ми треба ново тело“ на Викторија Илиоска и разговор со уметницата
ПРЕМИЕРА: МИ ТРЕБА НОВО ТЕЛО - танцов перформанс

📅16.11.2022
⌛ 20 часот
📍 МКЦ, Сала 25 МАЈ
 
Кога кризите - пандемијата, климатскиот колапс, војните и нуклеарните закани, веќе не се трупаат туку се хранат една со друга, полесно ни е да го замислиме крајот на светот, отколку да се спротивставиме на експанзијата, експлоатацијата и екстракцијата. Единствениот начин да преживееме е да останеме здружении да ја замислиме најрадикална алтернатива на светот, поцврство држејќи се за раце, посилно прегрнувајќи се, сакајќи се повеќе од кога и да е.
 
Потврдувајќи дека ПРВО ПА ЖЕНСКО е (сè уште) тука само зашто отсекогаш било заедничко - споделено место на среќавање и ненапуштање, на запознавање и спознавање, на споделување без хиерархии, на нежност и грижа еден за друг, изведувачката програма на јубилејното издание на Фестивалот се остварува благодарение и во чест на другарКите кои од самиот почеток ја сакаа(т), поддржуваа(т), овозможуваа(т) и создаваа(т). Здружени со Локомотива на 47-от МОТ со публиката ќе ја споделие премиерата на новиот танцов перформанс МИ ТРЕБА НОВО ТЕЛО на долгогодипната сакана другарка на ПРВО ПА ЖЕНСКО - кореографката и изведувачка Викторија Илиоска (Северна Македонија/Германија) проследена со разговор со авторката, воден од Билјана Тануровска - Ќулавковски и Кристина Леловац.
 
Хана Арент пишуваше дека некои пријателства се она што животот го прави вреден за живеење. ПРВО ПА ЖЕНСКО потврдува дека женското другарство е единствената причина што ги преживеавме десетте години зад нас и заговара дека тоа е единствениот начин да ги преживееме десетиците години пред нас, па и крајот на светот.
 
🔴 🔴 🔴 ПРОГРАМА
 
 
🔴 16.11.2022 | 20 часот | МКЦ, Сала 25 МАЈ
🔴 ПРЕМИЕРА: МИ ТРЕБА НОВО ТЕЛО танцов перформанс
🔻Концепт и кореографија: Викторија Илиоска во разговор со Настја Ѕубан и Лаура Стелачи
🔻Изведувачки: Викторија Илиоска и Настја Ѕубан
🔻Позајмени гласови: Амели Халлер и Марен Кјуппер
Во светот во кој уживаме во лажната слика на бескрајни ресурси, каде ја исшмукавме земјата за да ги извлечеме последните нејзини состојки, како успеваме и понатаму да пумпаме? Процесот на пумпање, односно преместување на материите од едно место на друго, се чини е во сржта на повеќето витални процеси на производството и на репродукцијата. Шмукаме, цицаме, извлекуваме и го исцедуваме земјиното тело за да ги збогатиме нашите животи, во исто време празнејќи ги нашите иднини. Така и ги инјектираме, зголемуваме и ги пумпаме нашите тела, преминувајќи ја границата на нивните капацитети.
Но, парадоксално, додека пумпањето е капиталистичка пракса на исцрпување, тоа во исто време може да биде и феминистичка пракса на збогатување и подобрување. Кога се пумпа на едната страна, се исцедува другата. На крајот можеби ова дело ќе зборува повеќе за трошење, празнење и исцрпување. Едно е сигурно, „Ми треба ново тело“ ќе се одвива помеѓу телото како изложување и телото како ресурс, барајќи го местото каде што овие две се вкрстуваат.
 
Копродукција помеѓу Локомотива - Центар за нова иницијатива во уметноста и културата/програм Кореографирани тела, Life Long Burning (LLB)/Програм Performance Situation Room, Номад Танц Академија Словенија и Викторија Илиоска. Поддржано од: Министерство за култура на Северна Македонија, Креативна Европа (во рамки на Life Long Burning проект)
 
 
🔴 17.11.2022 | 12 часот | МКЦ, Галерија 2 (Фоаје на Кино Фросина, на кат)
🔴 ДИЈАЛОГОТ КОЈ НЕДОСТАСУВА - Разговор со Викторија Илиоска
🔻Модераторки: Биљана Тануровска - Ќулавковски (ЛОКОМОТИВА) и Кристина Леловац (ПРВО ПА ЖЕНСКО)
🔻 Соработнички: Душица Лазова и Елизабет Колевска
 
Современите изведувачки уметности може да делуваат херметично поради тоа што отстапуваат од традиционалните линеарни постапки во креирањето, како на пр. развоен наратив во форма на текст според кој се водиме или либрето. Затоа решивме да востпоставиме форма на “разговор со уметниците“ како пракса на рефлексија или дијалог кој недостасува. Тргнувајќи оттаму ги поканивме нашите две соработнички Душица Лазова и Елизабет Колевска кои ќе пишуваат за делото на Викторија Илиоска низ различни перспективи - родова, теориско-уметничка, изведбена и перформативна, а Биљана Тануровска - Ќулавковски и Кристина Леловац низ прашања ќе го кореографираат просторот каде ќе започне дијалогот, односно каде ќе се разоткрива повеќеслојниот процес низ кој се креира делото.
Ве каниме да откриваме и создаваме повеќегласие за современата изведувачка уметност, задно да ја гледаме, да ја исчитуваме и да промислуваме за неа.
 
 
Десетото издание на Фестивалот е поддржано од Шведска и The Kvinna till Kvinna Foundation, FRIDA | The Young Feminist Fund, Зигрид Раусинг Траст и Министерство за култура на РС Македонија.