Низ уметничките соработки ги преобликуваме начините на тоа како (можеме да) живееме заедно

Интервју со кореографката и изведувачка Викторија Илиоска по повод премиерата на нејзиниот нов танцов перформанс „Ми треба ново тело“

Потврдувајќи дека ПРВО ПА ЖЕНСКО е (сè уште) тука само зашто отсекогаш било заедничко - споделено место на среќавање и ненапуштање, на запознавање и спознавање, на споделување без хиерархии, на нежност и грижа еден за друг, изведувачката програма на јубилејното десето издание на Фестивалот се остварува благодарение и во чест на другарКите кои од самиот почеток ја сакаа(т), поддржуваа(т), овозможуваа(т) и создаваа(т). 

Здружени со ЛОКОМОТИВА на 47-от МОТ со публиката, на 16.11. во Салата 25 Мај на МКЦ ќе ја споделиме премиерата на новиот танцов перформанс „Ми треба ново тело“* на долгогодишната сакана другарка на ПРВО ПА ЖЕНСКО - кореографката и изведувачка Викторија Илиоска

Викторија е македонска кореографка и изведувачка која живее и работи помеѓу Северна Македонија и Германија. Поигрувајќи се со различни форми на провокација, нејзината работа често се осврнува на поимите околу работничкиот труд, идентитетот и женската застапеност во јавната сфера. Занимавајќи се со експлоатацијата и екстракцијата на кои се потпира светот во кој живееме и пропрашувајќи ја лажната слика на бескрајни ресурси
кои тој ни ја нуди додека ги исцедува до крај нашите капацитети, перформансот што Викторија ќе го изведе заедно со Настја Ѕубан, ќе се одвива помеѓу телото како изложување и телото како ресурс, барајќи го местото каде што овие две се вкрстуваат.

Своите впечатоците за перформансот пошироката публика ќе може да ги сподели веќе следниот ден на пладне, во Галеријата 2 на МКЦ, на отворениот разговор со уметниците со кој со Локомотива ја иницираме заедничката дискурзивна програма за современите изведувачки уметности ДИЈАЛОГ КОЈ НЕДОСТАСУВА. 

Во пресрет на премиерата, уредничката на изведувачката програма на ППЖ Кристина Леловац разговараше со Викторија за „Ми треба ново тело“, но и за радоста и предизвиците во создавањето во полето на современите изведувачки уметности, за важноста на другарството во креативниот процес, за заминувањето, враќањето дома и останувањето помеѓу.

По сите овие години дружење и соработка на Фестивалот - од првото издание како дел од претставувањето на независниот театар „Театра“, па во 2015та како соработничка и една од изведувачките на танцовиот перформанс „Жени на раб на нервен слом“ на Ивана Коцевска и лани како една од соработничките на платформата на изведувачки уметности ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ,  се чини дека на изведувачката програма на јубилејното ППЖ не можеше да ѝ се случи ништо подобро од премиера на твој перформанс, Вики. Пресреќни сме и едвај чекаме! Како се чувствуваш ти непосредно пред премиерата во Скопје? 
 
Оваа година како пост-ковид година, беше прилично интензивена и со многу патувања, па точниот одговор на ова прашање би бил дека навистина не знам што точно чувствувам затоа што сум прилично изморена и реално, нема многу време за чувства! (се смее) Но се разбира, возбудена сум и нервозна, и мислам дека намерно ми го поставуваш ова прашање затоа што ме познаваш и знаеш дека имам најголема трема кога настапувам во Скопје, односно воопшто во Македонија. Затоа што многу често работам надвор од државата, се навикнав на непознати лица во публика… овде е обратно. Знаете, секогаш се чувствувате и изведувате поинаку кога гледате познати лица, а овој пат сакам да го искористам тоа и максимално да го уживам! Со нетрпение очекувам да настапам за луѓето што ги познавам и за оние кои по подолго време не ме виделе на сцена. И секако, среќна сум и ми претставува чест што се претставувам на МОТ и ППЖ10 со ново дело. 

Повеќето од моите претходни дела, никогаш немале завршна сцена една недела пред премиера. А сега, сè уште размислувам и за почетната и за завршната, што значи, ако сè уште немаме јасен почеток и крај, можете да замислите како се чувствувам! (се смее)

Истражувачки и продукциски престој Матка за возрасен од Викторија Илиоска 

 

Повеќе од 10 години активно работиш на програми за поддршка и развој на современиот танц, учествуваш во одржувањето и зајакнувањето на независната сцена и соработуваш со институциите. Магистрираше на оделот Кореографија и Перформанс на Институтот за применети театарски студии на Универзитетот Јустус Либиг во Гисен, Германија. Каков период од твојата уметничка работа обележува/заокружува „Ми треба ново тело“?

Дефинитивно, ова дело го означува периодот на завршување со студиите и на преминување во режимот „работа-работа-работа“, што е единственото нешто што отсега натаму ме очекува. Тематски би рекла, ова дело е мешавина, сакам да донесам можеби некои теми кои не се толку присутни овде, а во исто време да останам специфична со влијанијата што ги имам од овде. Па ќе се обидам да останам во таа состојба, да бидам мешавина. Мојот идентитет е сигурен иако е флуиден, доаѓам од Македонија и сакам да придонесам за идеите овде, да предложам нешто на теренот. Мислам дека ова дело поинаку ќе се перцепира и прими во Македонија и Германија, и тоа
ми се допаѓа.  Во однос на фазата како автор, дефинитивно сум во фаза на потрага. Не верувам дека уметниците секогаш треба да создаваат некаков препознатлив бренд од себе, отпечаток од прст со кој ќе бидат идентифирани и препознаени. Видов такви примери, каде секое следно дело е речиси исто како и претходното. Оваа стратегија не ми е толку привлечна како креатор. Сакам да создавам не само низ различни теми и методи, туку понекогаш и низ различни естетики. Секако, знам дека држам одредена линија низ мојата работа, но сум во постојана потрага како да го артикулирам истото. Така, оваа фаза можам да ја наречам потрага и се надевам дека ќе останам доволно долго во неа.


Што најмногу те предизвикува, возбудува, радува во таа потрага?

Секогаш сум возбудена кога во креативниот процес се материјализираат нови сцени и идеи. Мислам дека моментот кога идејата се изразува на било каков начин, во разговор, или додека слушам некого или читам нешто, се најубавите моменти. Она што е најважно за мене додека работам на сцена или во студио е да останам во контакт со овие имагинации, да ги одржувам во живот и да избегнувам да ги репродуцирам идеите „напамет“. Сметам дека состојбата на изразување и живиот интерес за она што се случува во сегашниот момент треба да се постојано присутни. Во спротивно, колку и да е технички виртуозно движењето или изведбата, нема да ми биде привлечно ако одвнатре нема одредена состојба, некоја посебна одлучна перформативност.

Самит Номад. Фото: Зорица Зафировска


Пред да заминеш на студии во Гисен, редовно те гледавме на домашната независна сцена, секако онолку редовно колку што е тоа можно во условите во кои таа опстојува кај нас - во ограничените ресурси, во просторите кои едвај се содаваат и е невозможно да се одржат, во непрепознавањето од недоволно или несоодветно критичната професионална и поширока јавност. Сега се обидуваш да работиш таму, но и да не го изгубиш континуитетот со/на домашната сцена. Што добиваш, а што губиш работејќи помеѓу Македонија и Германија?

Дефинитивно губам континуитет, вкоренетост и завземување. Во исто време, добивам флуидност, информации(и), култура(и), инпути. Понекогаш ги губам врските со луѓето, но во исто време добивам и градам нови. Ми недостигаат моите пријатели, колеги…ми недостига независната сцена во Македонија. Се обидувам што е можно повеќе да следам што се случува преку социјалните мрежи, но не е исто. Исто така ми недостига одредена слобода која барем се сеќавам дека постои кога создаваш тука, иако сега доживувам недоволно простор, а многу продукции и потреба за нивно претставување. Ова секаде представува проблем особено после скоро три години
од Ковид пандемијата. Можам да забележам некои промени кај нас, но сепак мислам дека институциите треба да обезбедат повеќе простори на независната сцена. На тоа поле треба уште да се води борба и да се наоѓаат начини за соработка.

Од друга страна, во Германија работите функционираат поинаку кога имате продукциска куќа, која е специјално замислена, направена и програмирана да биде за независни уметници. Не знам колку сцената овде треба да се промени во таа насока, но дефинитивно мислам дека во Македонија недостига уште една институција која би била посветена на изведувачките уметности. Кога работите на продукција овде, исто така треба да изградите сцена и контекст за тоа, додека таму не мораат затоа што веќе е создадена, а многу од театрите работат како продукциски куќи преку обезбедување на сервис. Понекогаш чувствувам дека нашата заедница овде е многу посилна од она што го доживувам таму точно поради потребата за самоорганизација и самоконтекстуализација. И токму тоа е она што ми недостига... локалитет, затоа реков вкоренетост и заземјување, градење нешто во континуитет. На крајот, она што се обидувам да го направам е да го премостам празнината помеѓу губењето и добивката. Да се ​​создаде размена, да се обезбеди поголема комуникација меѓу Македонија и Германија, да се носат уметници од
таму, да се носат уметници од овде таму, што е малку потешко.

Сврзувачко ткиво. Фото: Александра Јанева Имфелд 


Хана Арент пишуваше дека некои пријателства се она што животот го прави вреден за живеење. ПРВО ПА ЖЕНСКО потврдува дека женското другарство е единствената причина што ги преживеавме десетте години зад нас и заговара дека тоа е единствениот начин да ги преживееме десетиците години пред нас, па и крајот на светот. Колку ти се тебе важни разговорите, соработките, пријателството во креативниот процес?

Би рекла, разговорите, соработките, пријателствата во креативниот процес се најважни! Преку размена на идеи, обработка, предизвикување, заедничко размислување, и на крајот поминување време во создавање на нешто заедничко и нематеријално - е есенцијалното во секој креативен процес. Мислам дека ние, како уметници и творци, растеме преку разговори и соработки, а со тоа исто така понудуваме различни форми на работа и преобликуваме начини на тоа како (можеме да) живееме заедно.

Од друга страна, поконкретно во мојата работа, создавањето движење и слики бара одреден вид на артикулации, а тие ми се најинтересни кога сум во релација со некој друг. Мислам дека генерално е интересена појава тоа да се обидеш да му објасниш на друг нешто што е многу јасно во твојата глава, а уште покомплексно постанува кога треба да објаснеш движење и состојба. Многу е лесно да се има наплив на идеи, мисли и слики, но
штом ќе треба да го пренесете сето тоа на друго тело - тогаш работата започнува и занаетот треба да се вклучи. Тоа е предизвикот. Не само што е потребно да креирате различни методи на работа, во исто време треба и да пренесете композиција, драматургија, идеја. Генерално, сметам дека кореографијата е медиум кој постои само во однос и сооднос со некоја/нешто. На крајот и не е важно дали е во релација со човечко или нечовечко тело, предмет, растение, звук…

Јас и Настја почнавме да соработуваме во 2018, за прв пат на моето соло “Figure it out!” каде што Настја се појави во улога на драматуршка подршка, а после тоа работевме и на многу различни дела во различни позиции. Не знам дали „Ми треба ново тело“ некогаш требаше да биде соло, таквата одлука беше донесена воглавно од околностите, малиот буџет и краткото време.. Но еве, благодарение на повеќе фактори и агенти како Локомотива, ППЖ и МОТ стигнавме до дует. Всушност, јас му посакувам на ова дело да расте и би сакала еден ден да биде поголемо од дует. Мојот план е да продолжам со работа и следната година - да има најмалку четири жени на сцената.

 

*Танцовиот перформанс „Ми треба ново тело“ е реализиран во копродукција помеѓу ЛОКОМОТИВА - Центар за нова иницијатива во уметноста и културата Скопје/програм Кореографирани тела, Life Long Burning (LLB)/Програм Performance Situation Room, Номад Танц Академија Словенија и Викторија Илиоска, а премиерата е дел од програмата „Кореографирани тела“ на ЛОКОМОТИВА. Иведувачката програма на ППЖ10 се реализира во соработка со
ЛОКОМОТИВА - Центар за нови иницијативи во уметноста и културата и Меѓународниот театарски фестивал МЛАД ОТВОРЕН ТЕАТАР (МОТ). Десетото издание на Фестивалот е поддржано од Шведска и The Kvinna till Kvinna Foundation, FRIDA | The Young Feminist Fund, Зигрид Раусинг Траст и Министерство за култура на РС Македонија.