Промени во перцепцијата за менструалната сиромаштија во Северна Македонија и Хрватска
Во очи на 28 мај - Денот на менструалната хигиена, ПаРитер и Тииит! Инк. организираат онлајн дискусија за менструалната сиромаштија во Северна Македонија и Хрватска. Дебатата за менструлната сиромаштија и, секако менструалната правда постепено зазема поголеми размери, и е проследена со значајни промени во јавниот дискурс и во достапноста на бесплатни менструални производи во различни образовни институции. Заради ова, со задоволство ве покануваме на нашата отворена дискусија за различни модели за обезбедување пристап до менструални продукти за жените, девојките и генерално лицата коишто користат менструални производи.
 
Домаќини на онлајн дискусијата „Промени во перцепцијата на менструалната сиромаштија во Северна Македонија и Хрватска“ се Tiiiit! Inc. од Скопје, Северна Македонија и Udruga PaRiter од Риека, Хрватска. Дискусијата ќе се одржи на 31 мај во 17.30 часот и ќе може да ја проследите во живо на FB.
 
Панелистки се жени коишто се активни на полето на искоренување на менструалната сиромаштија од двете земји: Теодора Крстевска, советничка во Советот на Град Скопје, Северна Македонија; Сандра Крпан, заменик-градоначалничка на Риека (Хрватска); Јана Коцевска и Елена Петрова од организацијата Tiiiit! Inc., Северна Македонија; д-р Ана Марија Сикириќ Симчиќ, доцент на Факултетот за економија и бизнис на Универзитетот во Риека, Хрватска; Маринела Матејчиќ, Програмски координатор за женски права и репродуктивна правда во ПаРитер Теодора и Милеска од Period. The Menstrual Movement, од Скопје, Северна Македонија.
 
Дискусијата ќе биде на англиски јазик, без превод.