Ајде да зборуваме за менструација на ППЖ со Period Skopje

Дискусијата за сексуално и репродуктивно здравје би била нецелосна доколку ја изоставува темата за менструација и процесот на менструирање. Во ситуација каде темата за менструација е сѐ уште разговор кој се води во затворени кругови, во поделени групи на ученици, а оданочувањето на менструалните продукти има огромен удел во веќе дискриминирачкиот розов данок (pink tax), резултатот е едно финансиски прескапо табу. Патот кон менструалната еднаквост и правото на секое лице кое менструира достоинствено да се справува со своите потреби за време на менструација, значи дека достапноста и пристапноста до хигиенски продукти не смее додатно финансиски да ги обременува.

Потребата од едукација, системско решение и сојузништво против менструалната сиромаштија е одамна присутна, но за среќа, од неодамна се присутни и девојките од Period. The Menstrual Movement Skopje. Оваа година тие како дел од програмата на Прво па женско спремија проекција на филм и форум дискусија. Преку дискусијата со Ангела Јаневска, Наталија Крстевска и Ана Маркова Динева темелно ќе се разгледаат сите аспекти на менструацијата, вклучувајќи но не и ограничувајќи се на менструалното здравје, менструалната стигма како и менструалната еднаквост. Рушењето на табуата започнува од нас!

Се гледаме во четврток со почеток од 20:30 часот кај Монтажната галерија во Паркот на Франкофонијата.

Запознајте ги подобро говорничките на овогодинешната панел дискусија:

д-р. Ана Данева Маркова

Ана Данева Маркова е раководителка на оддел за патологија на рана бременост и рана гестоза. Во 2015 докторира на Медицинскиот факултет во Ниш, а истата година е избрана за асистент - докторанд на Катедрата за гинекологија и акушерство. Од 2018 таа влегува во новиот состав на на  Комитетот за безбедно мајчинство како претседателка. Главниот фокус на работата на д-р. Ана Маркова Данева е сексуалното и репродуктивното здравје кај жените и унапредување на материналното здравје. Авторка е на бројни научни трудови од областа на гинекологијата и акушерството и активно се залага за еднаквост во пристапот до здравствена заштита на жените во Северна Македонија.

д-р. Ангела Јаневска a.k.a @rumshtangla

Ангела Јаневска е специјализантка по гинекологија и акушерство. Како медицинско лице, има особен интерес кон здравјето на жените, но со еден поинаков, холистички пристап кој на еднакво рамниште ги става менталното здравје, нутрицијата, физичката активност, хигиенските продукти, козметиката, но го третира репродуктивното здравје како најважно. Заради природата на нејзината работат, Ангела е секој ден во најблизок контакт со последиците од отсуството на сеопфатно сексуално образование; но тоа го гледа и како можност за директна едукација. Смета дека нашата примарна задача, како членови на едно општество, е да се подобруваме себе но и другите во секоја можна прилика, без разлика на моментално опкружување. Во слободно време вежба јога, се инспирира од совршено склопени инстаграм профили и истражува корејска козметика.

Наталија Крстевска

Наталија Крстевска е студентка на Институтот за Специјална едукација и рехабилитација, четири години е врснички едукатор за Сеопфатно сексуално образование при ХЕРА и е финансиски координатор на Period @ Skopje. Има 20 години и доаѓа од Штип. Од 13 години има интерес за сите теми поврзани со феминизмот и СРЗП, а во слободно време ужива во шминка, видео игри и читање цели Википедии за сѐ што ќе помисли во 2 часот наутро.