WoW Group членки!

 Запознајте ги жените кои се дел од WoW (Women on Women) групата од С. Македонија! Семра Бајрам е студентка на Институтот за педагогија, на Филозофскиот факултет во Скопје. Волонтира во Здружението за развој на ромската заедница – Сумнал, кадешто организира активности и работи со наставници/чки и деца на предучилишна возраст. Тања Мицков е истакната актерка во земјава и надвор, но нејзината креативност успева да ја канализира и преку сликарството. Во нејзините кругови позната е и како гласна борка за правата на културните работници и дел од бројни еко-акции. Јасмина е волонтерка во Здружението за развој на ромската заедница – Сумнал. Овде организира и активно учествува во јазични активности и работилници наменети за деца. Јасмина ужива да црта и слика. Во слободно време работи на усовршување на својот талент. Ангела Витановска е историчарка на уметност и кураторка, со примарни интереси насочени кон критичкото промислување и интердисциплинарното проучување на уметноста како алатка за визуелна комуникација и преиспитување на проблемите во современото општество. Моментално работи како проектен координатор и автор на неколку тековни проекти. Јоксана Сали покрај успешната работа со деца, танцот и модниот дизајн е и одлична слаткарка. Кога сме кај успешното усогласување на различни интереси, мора да ја спомнеме и Фетија Зендел. Таа е професионална фудбалерка која има време и за хип-хоп и за сценски перформанс. Го владее знаковниот јазик и заедно со Јоксана организираат креативни работилници за деца, чиј фокус е детското физичко здравје. Ако некогаш сте биле во Кино Култура во Скопје, сигурно сте ја виделе и Зорица Зафировска. Кога не е таму на работа, може да ја видите оваа активистка на Марш за женски права. Таа е уметница која особен фокус во своите дела им дава на родовите прашања и еднаквоста.

Асибе Усеиновска е прва година на Медицинскиот факултет на УКИМ. Кога оваа идна докторка не е на факултет, чита книги и гледа серии. Смета дека грижата за себе не само што е потребна, туку е и најважна. Драгана Гунин е режисерка со извонреден опус на претстави и сценски перформанси зад себе, а бројни се и нејзините драми кои донеле силна женска перспектива на македонската сцена. Работи со деца и тинејџери како дел од актерска школа во Центарот за култура ,,Трајко Прокопиев’’, во Куманово.  Изабела Јакимова е актерка и моментално студентка на Факлутетот за драмски уметности во Скопје. Многумина би ја препознале и од јутјуб, TikTok и улогите кои ги играла во извесни македонски серии и кратки филмови. Инес Ристовиќ се издвојува со нејзините разноврсни интереси. Покрај тоа што е полиглот, таа се занимава со фотографија, дизајн, глума и превод. Марина Атанаскоска е докторка по стоматологија и е моментално професорка во две средни училишта во Скопје. Ако не ве импресионира ова и нејзиното познавање на германскиот јазик, може да ја замолите да засвири на виолина – и тоа умее. Александра Данаиловска дипломира на Институтот за безбедност и мир, на Филозофскиот факултет во Скопје и моментално изучува меѓународни односи на Универзитетот во Љубљана. Работи во невладин сектор и се залага за унапредување на сексуалното и репродуктивното здравје на жената во Македонија. Елена Петрова предава англиски, преведува и пишува. Секојдневно опкружена со млади во својата работа, се залага за пошироко освестување за важноста и критичко читање на јазикот кој го користиме, исчекорување надвор од сопствените привилегии и солидаризирање со исклучените и изолираните.