ТОТЕМ БЕЗ ТАБУ

Стигмата, срамот и табуата за репродуктивното здравје на младите тврдоглаво ги шират пипците низ јавниот простор и создаваат една генерална непристапност до информации и алатки околу овој дел од јавното здравје. Заради ваквата општествена атмосфера, оваа иницијатива има за цел да одговори на предизвиците со кои се соочуваат младите во пристапот до менструални продукти и контрацепција, вклучително и недостатокот на лесен и доверлив пристап до производи за одржување менструална хигиена и контрацепција.

Владата на РСМ го скрати буџетот за превенција од ХИВ за 40%, а според најновата студија за менструална правда која што Тиииит! Инк. jа изработи заедно со Реактор - истражување во акција, во државата 67% од испитаниците пораснале со ставот дека менструацијата и менструалната крв е срамна. Истражувањето покажа дека 32% од испитаниците одговориле дека барем еднаш во животот се нашле во ситуација да немаат пари да купат влошки и да мораат да импровизираат со крпи или тоалетна хартија.

Затоа, на Здружението за промоција на женската активност Тиииит! Инк. и Младинскиот културен центар им треба вашата поддршка за собирање на средства за поставување на автомат со менструални продукти и кондоми, каде овие продукти ќе можат да се купат по набавна цена. Автоматот би се поставил во фоајето во МКЦ и со тоa менструалните продукти и презервативи ќе бидат достапни за гостите и публиката којашто ги следи настаните во Младинскиот културен центар.

Санитарните и контрацептивните автомати не се ништо ново, напротив, ваквата достапност за одредени ранливи групи има докажан здравствени придобивки. Идејата е да се превенира ширењето на сексуално преносливите инфекции (СПИ) и да се намали менструалната сиромаштија, како и да се нормализира дијалогот околу менструирањето и практикувањето безбеден секс. Градењето здрав однос кон репродуктивното здравје и сексуалноста е клучно во создавањето на здрав однос кон сопственото тело.

Донации на овој ЛИНК.