ДОАЃАМЕ СО ПОКЛОН - самостојна изложба на Шејла Камериќ
27. 09. 2022 (вторник) Чифте Амам
19:00 часот
Затворање на изложбата 23.10.2022
 
Во пријателска соработка помеѓу КРИК – фестивал за критичка култура и Фестивалот за феминистичка култура и акција – ПРВО ПА ЖЕНСКО, за првпат во Северна Македонија имаме чест и радост да ја претставиме Шејла Камериќ, една од најзначајните уметници со огромен број меѓународни референци, со изложбата насловена „Доаѓаме со поклон“. Изложбата е во соработка со Националната галерија „Чифте Амам“, кои како и секогаш го промовираат современиот концепт на отворени јавни институции. Кураторка на изложбата е Наталија Пауниќ.
 
Воедно, во рамки на изложбата ќе имаме ретка можност да го проследиме разговорот и претставувањето на Шејла Камериќ, низ кој ќе имаме привилегија да ги слушнеме мноштвото родови, политички, уметнички, естетски и социо-културни перспективи на уметницата. Низ разговорот ќе нѐ води кураторот, историчар и теоретичар на уметност и култура од Белград, Бранислав Димитријевиќ, но секако Камериќ ќе биде отворена и за прашања и коментари од посетителите на изложбата.
 
КРИК – фестивал за критичка култура и Фестивалот за феминистичка култура и акција – ПРВО ПА ЖЕНСКО, со оваа изложба имаат цел да отворат критичка дебата за влијанијата, дијалогот и полемичките перспективи на современата уметност и нејзината одговорност во преиспитувањето на важните општествени прашања кои ги засегаат плуралните идентитетски стереотипи преку кои културата има опресивна и маргинализирачка улога, особено кога станува збор за читањето на родовиот, женски наратив.
 
ЗА КОНЦЕПТОТ НА ИЗЛОЖБАТА „ДОАЃАМЕ СО ПОКЛОН“
Претставувањето на делото на Шејла Камериќ во Скопје го разгледува долгогодишното портретирање на жените како вештерки и/или предмети. Алудирајќи на добро познатите тематски интереси на радикалниот феминизам, социјалистичкиот феминизам и пост-структуралистичките гледишта, изложбата исто така има за цел да расветли обични, домашни и познати секојденвни елементи и да им даде нагласок на проблемите на кои обично не им обрнуваме многу внимание. Оваа намера е внимателно внесена во новата измена на централното дело на изложбата „Доаѓаме со поклон“, коешто прикажува необично долга, тенка црвена ткаенина што почнува како типичен украс-панделка од женската долна облека и завршува така што ја заплеткува публиката со својата сопствена материјалност. Овој гест – претераното издолжување на панделката – си поигрува со идејата за предмет што и не е веќе предмет, туку има свој сопствен живот, своја сопствена волја и моќ.
 
 
Метафоричката вредност што ја содржи ова дело постои и во многу други, на различни начини. Многу од делата нè потсетуваат на предмети од домаќинството и на типично „женски“ рутини: плетење, ткаење, работа низ градината; да се биде мајка; па дури и „да се биде“ подарок, подарен некому (затоа, доаѓаме со поклон). Шејла Камериќ ги употребува овие процеси и состојби за да ги истражи и доведува во прашање (де)конструкцијата на родот, идентитетот, интимноста и сексуалноста, како и општествената, политичката и економска потчинетост на жените и нивните претстави во рамки на патријархалните општества и неолибералниот капитализам. Во таа смисла, зборот поклон, со англискиот спелинг bow, би можел различно да се прочита и протолкува: тоа bow се однесува и на наведнување, свивање, покажување дека се предаваме, покоруваме, прифаќаме, што исто така вообичаено може да се види пред или по перформансот. Да се прочита зборот различно и да се согледа и со оваа конотација исто така е поврзано со тоа како живееле жените во општествата што ни се познати досега.
 
 
Изложбата ќе вклучува и дела пренесени од нејзината последна соло изложба во Белград, „Мајката е кучка“, други фотографски дела „Емабаразада“ и „Непознато“) како и дела од сериите „Мажена “, „Исчезната“ и „Дигитални актови“. Исто така ќе содржи и едно ново дело, „Градина со рози“, коешто продолжува со истражувањето на формалната линија што ни е веќе позната од „Мажена“, истовремено носејќи ја заробеноста на женското тело во различна насока. Плетените цвеќиња, или поточно рози (цветови исполнети со симболичното значење на љубовта, моќта, убавината, сексуалноста, мистицизмот и жртвувањето) веднаш нè потсетуваат на Hortus conclusus, мотив од христијанската иконографија, популарен во доцниот среден век и раната ренесанса. Како што тврди Лиз Херберт Мекевој од Универзитетот Свонзи: „Идејата „да се заштитат жените од грев“ е неискрена, иако сеприсутна. Во повеќето култури, на женската сексуалност се гледа како на опасна од страна на мажите. Со нејзиното затворање, тие ја „спречуваат“ таа закана, а истовремено се преправаат дека ги заштитуваат жените од мажите.“
 
ЗА ШЕЈЛА КАМЕРИЌ
 
Фото Едвин Калиќ
 
Шејла Камериќ (Сараево, 1976) живее и работи во Берлин, Истра и Сараево. Студирала на Уметничката Академја во Сараево. Се занимава со теми што произлегуваат од нелинеарни историски наративи и лични приказни. Камериќ се фокусира на политиката на сеќавањето, облиците на отпор во човековиот живот и на особеностите со кои резултира борбата на жените. Некои од нејзините скорешни соло изложби се следниве: 2022: Kunsthaus Дрезден Robotron Kantine, Дрезден; 2021:КРАК Центар за современа култура, Бихаќ; Здружение Realstage, Сараево; 2018: Fondazione Adolfo Pini, Милано; Кибла, Mарибор и GAK Gesellschaft für Aktuelle Kunst, Бремен; 2015: ARTER Простор за уметност, Истанбул; Национална галерија на Косово, Приштина; 2014: Воен Театар, Сараево; 2012: Центар за современа уметност, Вилнус; Музеј за современа уметност, Белград; MSUM Mузеј за современа уметност, Љубљана; Sharjah Art Foundation, Sharjah Art Museum – мартовска средба, Шарџа; 2010: MACBA, Барселона; Röda Sten, Гетеборг; Prospectif Cinema, Центар Помпиду, Париз.
 
Групни изложби (избор): 2022: Manifesta 14, Косово; TATE Modern, Лондон; Kunstmuseum Волфсберг; Kühlhaus Берлин, MOCAK Mузеј за современа уметност, Краков; 2021: Национална галерија – Палатата, Софија; Нова Третјаковска галерија, Moсква; Mузеј на современа уметност, Sкопје; Уралско биенале, Eкатеринбург; 2020: Museum Kunstpalast, Дизелдорф; Boros Foundation, Берлин; Музеј Лудвиг, Будимпешта, Будимпешта; Museum für moderne Kunst, Бремен; 2019: The Phillips Collection, Вашингтон; Carré d’Art – Mузеј на современа уметност, Ним; Музеј на совемена уметност Вроцлав, Вроцлав; Kunsthalle Дармштат; Weserburg | Mузеј за модерна уметност, Бремен; Второ Биенале на современата уметност Ковентри; 2018: Haus der Geschichte Австрија, Виена; Belvedere 21,
Виена; Mузеј на современа уметност Загреб; 2017: Fondazione Nicola Trussardi, Милано; 2016: Hannah Ryggen Triennal, Tрондхајм; Times Museum, Гуангжу, Кина; Национален музеј на современа уметност, Букурешт; 2015: P21, Лондон; Wellcome Collection, Лондон; 2014: Kunstverein Hamburg, Хамбург; Aвстриски културен форум Њујорк (ACFNY), Њујорк; 2013: Tokyo Metropolitan Museum of Photography, Токио; 2012: Квангџу Биенале, Квангџу; Музеј на модерна уметност на Истанбул, Истанбул; Moderna Museet, Стокхолм; Биенале во Маракеш, Maракеш.
 
ЗА НАТАЛИЈА ПАУНИЌ
 
фото Богдан Брдар
 
Наталија Пауниќ е кураторка на современа уметност и писателка од Белград, Србија. Дипломирала уметност на Голдсмитс, Универзитетот на Лондон, 2017, откако магистрирала на архитектонскиот факултет на Универзитетот во Белград во 2015. Работи како директор во галеријата Eugster II Belgrade, а исто така води и номадски простор за проекти, наречен Вождовачка Галерија, којашто оперира респонзивно на архитектурата на различни места.
Наталија ја интересираат неканонските приоди кон пишувањето, кураторството и архитектурата, како и тоа како критичното мислење, уметност и теорија влијаат врз нашите лични животи. Со нејзината кураторска група Вождовачка Галерија, како и независно и во соработка со Eugster II Belgrade, таа поддржува и развива проекти што се занимаваат со екологијата, луксузот, отпадот, капитализмот, акцелерационизмот, феминизмот и љубовта.
Соработувала со организации како Британскиот Совет, documenta 14, Гете Институтот во Белград, LUX Moving Image foundation, Вишеградскиот фонд, Q21 во MuseumsQuartier Виена, Enclave Projects во Лондон, Европското собрание на студенти по архитектура (EASA) во Данска, Public School for Architecture Брисел, ICA во Лондон (како дел од ICA Young). Пауниќ има постдипломска квалификација за кураторство од Голдсмитс, Универзитет на Лондон, како и диплома и магистратура по архитектура – Архитектонски факултет при Универзитетот во Белград.
 
ЗА БРАНИСЛАВ ДИМИТРИЈЕВИЌ
 
фото Томислав Милетиќ/PIXSELL
 
Бранислав Димитријевиќ е професор по историја и теорија на уметноста на Колеџот за уметност и дизајн во Белград, Србија. Тој предава и пишува на меѓународно ниво за уметноста, филмот и политиката во социјалистичка Југославија, како и за авангардната уметност, современата уметност и изложбените истории. Дел од неговите објавени книги ги вклучуваат: „Потрошениот социјализам - културата, конзумеризмот и социјалната имагинација во Југославија, 1950-1974“ (2016), „Слаткиот филм на Душан Макавејев“ (2017), „Против уметноста - Горан Ѓорѓевиќ“ (2014), „За нормалноста: уметноста во Србија 1989 – 2001“ (2005) и други. Од средината на 1990-тите тој курирал изложбени проекти кои ги истражуваат просторната и контекстуалната специфичнот. Меѓу неговите кураторски проекти се вклучуваат и „Добар живот“ (Геозавод, Белград, 2012, со М. Ханула) и „Нема мрежа“ (2011), првото издание на Биеналето на Time Machine во нуклеарниот бункер во Коњиќ. Димитријевиќ е активен и како координатор за културна политика во политичката организација „Не давимо Београд“.
----
Партнери на изложбата: Националната Галерија на Северна Македонија.
Особена благодарност до КОМА студио за графички дизајн и изложбен простор Чифте Амам.
 
Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од: Гете-институт Скопје, Министерство за култура на Република Македонија, Allianz Kulturstiftung, Креативна Европа, Фондација Култура Нова.
Партнерски организации на Контрапункт се: Мултимедијален институт - МаМа, Загреб, Култрутрегер - Загреб, Културпункт - Загреб, Киоск - Белград, Центар Мултимедиа - Приштина, ДокуФест - Призрен, Тииит! Инк. - Скопје SEEEcult - Белград, kuda.org - Нови Сад, SCCA - Љубљана, Маска - Љубљана, EIPCP - Виена.
*
Прво па женско // Години будни // е поддржано од: Шведска и The Kvinna till Kvinna Foundation, ФРИДА | Фондот за млади феминистки, Зигрид Раусинг Траст и Министерство за култура.
 
Партнери и соработници на десеттото издание на ПРВО ПА ЖЕНСКО: Медуза, ПичПрич, Младински Културен Центар, Коалиција Маргини (Skopje Pride Weekend), Контрапункт (КРИК - фестивал за критичка култура), Helsinki Citizens' Assembly (HCA), Приватен Принт и ЦИНИК - Центар за истражување на национализмот и културата.
*
Тимот на КРИК - фестивал за критичка култура се: Искра Гешоска, Артан Садику, Петар Милат (Хрватска), Тијана Ана, Станимир Панајотов (Бугарија), Ѓорѓе Јовановиќ, Бранимир Јовановиќ, Наташа Гелева.
Односи со јавност: Александра Бубевска.
Тимот на ПРВО ПА ЖЕНСКО се: Јана Коцевска, Јана Старделова, Кристина Леловац, Кумјана Новакова, Славица Ќурчинска, Јулијана Младеновска, Џемилиана Абдулова, Георги Старделов и Дино Милосављевиќ.