ЗАПОЗНАЈ ГИ ИЛУСТРАТОР(K)ИТЕ НА FIERCE WOMEN WOW КАРТИТЕ

Откако ја разви оригиналната Fierce Women игра со карти во 2018, нашата партнерска организација K-Zona од Хрватска едвај дочека да ја прошири истата со дополнителен шпил карти и со тоа да промовира уште повеќе инспиративни жени. Токму тоа е целта на проектот Жени за Жени или Women on Women (WOW), кој K-Zona го имплентира заедно со нас, Tiiiit! Inc. (Северна Македонија), City of Women (Словенија) и Outlandish Theatre Platform (Ирска) - да ја зголеми видливоста на овие жени за пример кои го менуваат нашето општество на подобро.

За таа цел, поканивме уметници од цела Европа да ни помогнат да ги претставиме овие 30 жени од Северна Македонија, Хрватска, Словенија и Ирска. Повеќе од 300 уметници од 27 земји во Европа ни испратија неверојатни илустрации.

Овие креативни илустрации ги добивме во текот на јуни, но потоа следеше и оној тежок дел, да се одберат само 15 уметници чии илустрации ќе бидат вклучени во дополнителниот шпил на Fierce Women WOW Cards. Неколкучасовни Zoom состаноци подоцна, прелистувајќи ги сите апликации неколкупати, избравме тим на уметници кои ќе ја направат секоја карта од дополнителниот шпил вистинско ремек дело.

♥ Им се заблагодаруваме на сите оние кои се одѕваа на нашиот повик и ве покануваме да ги запознаете победниците на конкурсот и нивните дела ♥

 

Ana Lucija Šarić Ana Salopek Chiara Tallarini Eimear McNally Helena Nemac Nazli Karaturna Polona Drašler Rina Barbarić Samira Kentrić Sindy Čolić Tamara Zabaznoska Tea Jurišić Tina Vukasović Đaković Xueh Magrini Troll Zoran Cardula

 

AНА ЛУЦИЈА ШАРИЌ

Ана Луција Шариќ (Ana Lucija Šarić) е млада уметница од Љубљана, Словенија, која се занимава со графички дизајн, илустрација и фотографија. Страста за визуелната уметност ја натерала да ги напушти студиите на Математичкиот факултет и наместо тоа да студира графички дизајн на Академијата за ликовни уметности и дизајн во Љубљана. Таа е љубител на аналогните уметнички медиуми - цртање, графичко печатење и аналогна фотографија, а во секоја техника со која работи се труди да најде хармонија помеѓу формите и боите. Од 2014 год. па наваму, учествувала на бројни изложби и работела како графичка дизајнерка на постери, книги, списанија, брошури, итн. 

На нашиот повик за уметници се пријави со илустрација на Вита Жупанчиќ (Vita Zupančič), наставничка во областа на сурдо-педагогијата, посветена на подучувањето глувонеми деца и млади. „Одбрав да ја претставам токму Вита бидејќи не можев да најдам многу податоци за неа, па наместо тоа почнав да замислувам како изгледала нејзината работа и во какви услови работеле наставничките на крајот на 19тиот и почетокот на 20тиот век. Успеав да најдам само една слика која ми помогна да ја замислам опкружена со деца на кои им го пренесувала своето знаење и вештини за тоа како да ги изградат своите животи во свет кој е приспособен за лица без попречености, во време кога да бидеш глув носело уште поголема стигма отколку денес.”

Fierce Women WOW Cards ќе ја вклучат нејзината Вита Жупанчиќ и Алојзија Штеби (Alojzija Štebi).

Заследете ја на Инстаграм.

 

АНА САЛОПЕК

Ана Салопек (Ana Salopek) е уметница од Огулин, Хрватска, која за свој дом го смета Универзумот. Таа е мајка на петгодишно девојче кое од време на време ѝ го позајмува својот светоглед и ѝ појаснува што е всушност важно. Создава користејќи дигитални техники бидејќи ѝ даваат најголема слобода и верува дека во текот на ноќта нозете ѝ се издолжуваат како вратот на жирафата и тогаш може да ги дофати ѕвездите. 

Ги испрати Дијана Будисављевиќ (Diana Budisavljević), Марта Паулин Шмит-Брина (Marta Paulin Schmidt-Brina) и Нен Џојс (Nan Joyce), а еве и зошто. „Верувам во човечката раса. Верувам во животот. Верувам во човештвото. Верувам дека сите знаеме дека постои само една раса - човечката и дека сите ние го заслужуваме истото - среќа, љубов и право на исполнет и радосен живот. Дијана, Марта и Нен секоја на свој начин и преку своите битки го застапува мојот начин на верување. Секоја од нив ги потресла, барем за момент, оние кои само гледале од страна.”

Fierce Women WOW Cards ќе ја вклучат нејзината Дијана Будисављевиќ и Нен Џојс.

Заследете ја на Инстаграм и Фејсбук и посетете го нејзиниот веб-сајт.

 

КЈАРА ТАЛАРИНИ

Кјара Таларини (Chiara Tallarini) е илустраторка и графичка дизајнерка од Рим, Италија, која во моментов живее во еден град на западниот брег на Ирска. „Сакам јарки бои, едноставни форми и разиграни идеи. Главна тема во моите илустрации се жените кои ги претставувам во нивното секојдневно опкружување, со доза хумор”, вели таа.

Ни испрати илустрација од Нен Џојс која ја освоила „со снагата, страста и достоинството со кое се залагала за потребите на заедницата на Патници во Ирска” и Лајра Меки (Lyra McKee) на која ѝ се воодушевува „за талентот, остроумноста и посветеноста кон борбата за репродуктивни права на жените (за време на референдумот за укинување на осмиот амандман) и ЛГБТК+ заедницата во Ирска.”

Fierce Women WOW Cards ќе ја вклучат нејзината Лајра Меки и Кетлин Лин (Kathleen Lynn).

Заследете ја на Инстаграм и Фејсбук.

 

ИМИР МЕКНЕЛИ 

Имир Мекнели (Eimear McNally) е визуелна посредничка од Дандoлк, Ирска која претпочита да работи на големи површини и илустрира во живо.

На нашиот конкурс за WOW карти испрати илустрација од Кристин Бакли (Christine Buckley). „Ја одбрав Кристин Бакли бидејќи и таа е од Ирска, а и поради мојот став кон тоа како жените биле третирани низ ирската историја. Приказните за жени кои биле угнетувани од режимот на Католичката црква во Ирска имаа големо влијание врз мене, како некој што бил израснат како католик, за потоа да се откаже од таа вера. На естетско ниво, ми се допаѓа ликот на Кристин Бакли - карактерен, со доза гламур.”

Fierce Women WOW Cards ќе ја вклучат нејзината Кристин Бакли и Естела Соломонс (Estella Solomons).

Посетете го нејзиниот веб-сајт и заследете ја на Инстаграм.

 

ХЕЛЕНА НЕМЕЦ

Хелена Немец (Helena Nemec) е млада илустраторка и графичка дизајнерка од Загреб, Хрватска. Дипломирала визуелна комуникација на Школата за дизајн на Архитектонскиот факултет во Загреб, а магистрирала на Колеџот за ликовни уметности и дизајн ЕСАД во Португалија. Сака да црта, ја интересира анимација, графички романи и улична уметност.

На нашиот конкурс се пријави со илустрација од Ангела Пискерник (Angela Piskernik). Словенската ботаничарка ја освоила со својата сестраност, а успеала да се поврзе со неа и на лично ниво како љубител на природа и птици.

Fierce Women WOW Cards ќе ја вклучат нејзината Ангела Пискерник и Нула Офеjлен (Nuala O’Faolain).

Заследете ја на Инстаграм.

 

НАЗЛИ КАРАТУРНА

Назли Каратурна (Nazli Karaturna) е млада уметница од Анталија, Турција. Студира графика на Универзитетот Ескишехир Анадолу во Турција од 2017. „Жените и нивните приказни - нивните стравови, копнежи, бунтовност и во крајна линија моќ, се главни ликови во моите илустрации,” вели таа.

На нашиот повик се пријави со илустрација од Накие Бајрам. „Нејзината животна приказна ми го привлече вниманието не само затоа што ставовите ѝ биле пред времето туку и поради силната поврзаност која веднаш ја почувствував со неа. Родени сме во иста земја и за жал многу добро ми е позната борбата која жените сè уште ја водат за своето образование, економска самостојност, безбедност, иднина и положба во општеството,” ни раскажа Назли, истакнувајќи дека целта ѝ била да ја покаже силата на овие индивидуи и да ги инспирира останатите, токму онака како што Накие го правела тоа.

Fierce Women WOW Cards ќе ја вклучат нејзината Накие Бајрам и Рајна Алексова.

Заследете ја на Инстаграм.

 

ПОЛОНА ДРАШЛЕР

Полона Драшлер (Polona Drašler), млада уметница од Копер, Словенија, студирала графички и интерактивен дизајн во Љубљана и Стокхолм. Последните неколку години, патува и работи во странство како au pair и семеен забавувач за туристи. Враќајќи се назад во Словенија, Полона започнува да гради уметничка кариера.

 

Нашиот повик ја инспира да ги ислустрира Ангела Пискерник, Вита Зупанчиќ и Вида Томшиќ (Vida Tomšič). Полона ни раскажа зошто Томшиќ е една од жените кои одлучи да ги илустрира: „Мислам дека нејзиниот удел во програмата за еманципација на жените бил многу важен и неопходен за тие денес да имаат подобри можности.”

Fierce Women WOW Cards ќе ја вклучат нејзината Вида Томшиќ и Мара Бештер (Mara Bešter).

Заследете ја на Инстаграм и Behance.

 

РИНА БАРБАРИЌ 

Рина Барбариќ (Rina Barbarić) е млада графичка дизајнерка и илустраторка која работи на релација Загреб, Љубљана, Ријека. Во текот на студиите, учествувала на разни проекти, но нејзиниот уметнички стил посериозно се развил додека работела за студиото „Aitor Throup” во Лондон и студиото „Куна Златица” и додека соработувала нa проекти со тимот на Vox Feminae. Во моментов е фриленсер и работи на нови идеи во областа на визуелните уметности. Илустрациите на Рина ги има и во оригиналниот Fierce Women шпил, но за дополнителното издание таа одбира сосема различен стил со кој нè воодушеви.

Се пријави со илустрација од Едита Шуберт (Edita Schubert) и изјави дека концептот позади нејзиното портретирање за Fierce Women е да ги истакне карактеристиките и симболите на нивниот успех, наместо да се фокусира на нивната убавина. „Во случајот на Едита, го употребив нејзиниот карактеристичен графички елемент и четката како главна алатка во нејзините дела.”

Fierce Women WOW Cards ќе ја вклучат нејзината Едита Шуберт и Вера Весковиќ Вангели (Vera Vesković Vangeli).

Заследете ја на Инстаграм.

 

САМИРА КЕНТРИЌ

Самира Кентриќ (Samira Kentrić) работи како уметница од 1999 год., прави илустрации за врвни словенски весници, дизајнира корици за книги и ги илустрира. Нејзината специјалност е визуелна уметност која ги критикува општествените и интимните драми на своето време. Најмногу ја интересираат приказни за луѓе кои се во неволја поради глобалните политики и смешните традиции кои се уште раководат со нашите современи животи. Има издадено три графички романи: Балканалии (Balkanalije, 2015), Писмо до Адна (Pismo Adni, 2016) и Адна (Adna, 2020), а нејзините уметнички дела биле прикажани на самостојни и групни изложби во Словенија и во странство.

Се пријави со илустрација на Зофка Кведер (Zofka Kveder) извикувајќи „Смелоста пред стравот!”.

Fierce Women WOW Cards ќе ја вклучат нејзината Душана Шантел Канони (Dušana Šantel Kanoni) и Марта Паулин Шмит - Брина.

Посетете го нејзиниот веб-сајт и заследете ја на Инстаграм.

 

СИНДИ ЧОЛИЌ

Синди Чолиќ (Sindy Čolić) е млада уметница од Хрватска која во моментов живее и работи во Берлин, Германија. Дипломирала политички науки, ама уметноста ѝ се видела по кул од политиката па решила да ја развие својата креативна страна како самоука уметница.

Како права вага во подзнак, ни кажа дека не можела да одлучи која од 30те страшни жени да ја илустрира за нашиот конкурс па одлуката ја препуштила на некој рандом генератор. Ни прати илустрации од Драгоља Јарневиќ (Dragojla Jarnević), Едита Шуберт и Зофка Кведер.

Fierce Women WOW Cards ќе ја вклучат нејзината Драгоља Јарневиќ и Зофка Кведер.

Заследете ја на Инстаграм.

 

ТАМАРА ЗАБАЗНОСКА

Архитектка и интердисциплинарна уметница која живее и работи во Скопје, Тамара Забазноска работи на повеќе полиња, од креирање уметнички дела со клинци и жици до правење илустрации за различни потреби. Нејзините дела се темелат на минималистичка, но јасна визуелна презентација, а истите биле изложени на самостојни и групни изложби.

Како архитектка, таа се воодушевила од силниот, но чист приказ на форми во делата на двете страшни жени кои реши да ги претстави. Портретот на Мимоза Несторова-Томиќ (Mimoza Nestorova-Tomić) е „изработен од правоаголните форми кои преовладуваат во едно од нејзините најпознати дела - стоковната куќа „Беко“, а портретот на Искра Грабул е направен од форми кои се присутни во проектот „Македониум“.

Fierce Women WOW Cards ќе ја вклучат нејзината Мимоза Несторова-Томиќ и Искра Грабул.

Заследете ја на Инстаграм.

 

ТЕА ЈУРИШИЌ

Теа Јуришиќ (Tea Jurišić) е родена во Минхен, Германија, но се преселила во Хрватска на рана возраст. Таа е илустраторка, сликарка и визуелна уметница, заљубена во мастило, водени бои и Френк Запа (Frank Zappa). Дипломирала визуелна уметност на Академијата за ликовни уметности во Загреб. Авторка е на низа мурали во Хрватска, Италија и Норвешка, а од 2017 год. наваму, имала осум самостојни изложби во Хрватска и во странство. Нејзините дела се објавени во списанијата Booooooom, Komikaze и Fressh. Многу сака да истражува нови начини на изразување на комичен и надреален начин.

Теа испрати три илустрации од страшни жени со кои најмногу се поврзала - Едита Шуберт, Мод Делап (Maude Delap) и Наста Ројц (Nasta Rojc). Од нив, нагласи дека најмногу се пронаоѓа во Наста Ројц, „силна жена која им пркосела на владеачките норми на своето време. Како дете бев фасцинирана од коњи, нивната анатомија и движења, па заради тоа низ детството и адолесценцијата постојано ги прикажував во илјада пози, форми и ситуации. Наста исто така ги обожавала коњите и често ги прикажувала во нејзините дела. Го ценам нејзиниот традиционален начин на сликање и сакав да се држам до тој приказ во мојата илустрација бидејќи сметам дека традиционалниот начин е опиплив, миризлив и неповторлив, наспроти дигиталниот кој секогаш ми се чини дека е тука само привидно и како да лебди помеѓу мене и уредот.”

Fierce Women WOW Cards ќе ја вклучат нејзината Наста Ројц и Џузепинa Мартинуци (Giuseppina Martinuzzi).

Заследете ја на Инстаграм и Фејсбук.

 

ТИНА ВУКАСОВИЌ ЏАКОВИЌ

Тина Вукасовиќ Џаковиќ (Tina Vukasović Đaković) е визуелна уметница и кураторка од Сплит, Хрватска. Во 2013 год. магистрирала сликарство на Ликовната академија во Сплит. Учествувала на бројни групни и самостојни изложби во Хрватска и во странство.

На нашиот WOW Cards конкурс се пријави со Eдита Шуберт, Дијана Будисављевиќ и Мод Делап. Не била запознаена со морскиот биолог од Ирска, но приказната на Делап и нејзината посветеност ја освоиле.

Fierce Women WOW Cards ќе ја вклучат нејзината Мод Делап и Винка Булиќ (Vinka Bulić).

Заследете ја на Инстаграм.

 

XUEH MAGRINI TROLL

Ше Магрини Трол ѝ припаѓа на третата генерација женски уметници во нејзината фамилија. Студирала ликовна уметност на Универзитетот Колумбија во Богота, илустрација на Школата за уметност во Мадрид и визуелна комуникација во Берлин. Од 2009 год. наваму живее во Берлин каде редовно прави илустрации за германски весници како Die Taz, Junge Welt и Missy. Цртењето е нејзиниот начин да го разбере светот околу неа и притоа случајно да се открие себеси. Феминизмот, разноликоста, културните судири, миграционата криза и состојбата на човештвото се дел од темите кои преовладуваат во нејзините дела, пропратени со доза хумор.

Конкурираше со илустрации од Мод Делап и Роса Плавева. „Фотографијата на Роса Плавева веднаш ме привлече и ме натера да си помислам: Колку кул жена! Се сметам за феминистка и имам огромна почит кон борбата за еднаквост и еманципација низ која жените во минатото морале да поминат за да ни го отворат патот. Мислам дека преку нејзината естетика испраќала силна порака и сакав да прикажам колку моќно изгледала во тие панталони, но како истовремено претставувала и дом, прибежиште за жените”, вели таа. 

Fierce Women WOW Cards ќе ја вклучат нејзината Роса Плавева и Лилјана Дирјан (Ljiljana Dirjan).

Заследете ја на Инстаграм.

 

ЗОРАН КАРДУЛА

Електроинженер со повеќе од 25-годишно искуство како уметник и графички дизајнер, Зоран Кардула живее и работи во Скопје како фриленсер и ментор за дизајнирање постери во два едукативни центри. Во неговите дела се гледа влијанието на рускиот конструктивизам и југословенскиот дизајн. Меѓу неговите најзначајни проекти се вбројуваат: 300+ редизајни на познати југословенски постери, илустрации од југословенски бруталистички споменици од Втората светска војна, стрип јунаци во советски стил, женски портрети во дигитална графика и графичкиот роман „Гуш и Бац” со илустрации на зборовите на неговата ќерка која има аутизам.

Во неговиот препознатлив стил, Зоран илустрираше 7 страшни жени чиј живот и работа му се добро познати - Ката Пејновиќ (Kata Pejnović), Дијана Будисављевиќ, Роса Плавева, Лидија Склевицки (Lydia Sklevicky), Накие Бајрам, Искра Грабул и Mимоза Несторова-Томиќ.

Fierce Women WOW Cards ќе ја вклучат неговата Ката Пејновиќ и Лидија Склевицки.

Заследете го на Инстаграм.

 

Проектот Жени за жени – Women on Women е кофинансиран од Програмата на Креативна Европа на Европската Комисија. 

 

#fiercewomen #womenonwomen #wowcards