ПРВО ПА ЖЕНСКО платформа за изведувачки уметности: ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ

Одговарајќи на обврската што ја налага општествената релевантност на Фестивалот и потпирајќи се на речиси десетгодишната постојана соработка со локални и интернационални независни уметници, културни работнички и работници и нивни иницијативи, Фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО се определи за развивање продукција во полето на изведувачките уметности. Со поддршка на Kvinna till Kvinna Foundation и FRIDA Young Feminist Fund, ја трансформиравме изведувачката програма на овогодинешното фестивалско издание во уметничка платформа, темелена на солидарност, поддршка, заедничко учење и соработка, за да укажеме на: 

*недостатокот на претставувањето на женското искуство и на деконструкцијата на родовото претставување на локалната уметничка сцена, но и на генералниот недостаток на политички театар кој заговара општествени промени,

*ограничените можности за жените уметници активни во полето на изведувачките уметности да ја развиваат, остваруваат и презентираат својата работа пред пошироката и разновидна публика,

*недостатокот на родова перспектива во формалното образование во областа на уметностите,

*непостоењето на отворена платформа за континуирано образование и професионален развој на жените уметници активни во полето на изведувачките уметности,

*длабокиот удар што КОВИД пандемијата го нанесе на и онака прекаријатната положба на независни жени уметници активни во полето на изведувачките уметности и

*потценувањето на општествената значајност и потребите на локалната независна културна сцена и недоволната и несоодветна поддршка што ја обезбедувaaт релевантните институции.

Во рамки на ПРВО ПА ЖЕНСКО платформата за изведувачки уметности: ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ, од јуни до октомври 2021, ќе бидат развиени 2 авторски проекта во полето на современиот танц, перформанс и/или театар на 2 жени уметници кои работат на локалната независната културна сцена во полето на изведувачките уметности, кои не се вработени, ниту пак имаат редовен хонорарен однос со некоја јавна институција од областа на културата.

Програмата на платформата вклучува:

Избор на жени уметници преку отворен повик. Родовата перспектива и истражувачкиот пристап во уметничките пракси на кандидатките ќе се смета за предност.

Систем на постојана поддршка - секоја уметница ќе добие постојана поддршка од уметница со богато меѓународно искуство во областа на танцот, перофрмансот и/или театарот, која, почитувајќи ја нејзината уметничка слобода и специфичен израз, ќе ѝ пружи креативна поддршка во текот на сите фази и аспекти од процесот на развојот на делото,

Предавања - уметниците ќе бидат вклучени во серија предавања за интерпретацијата на родот во уметностите, реалзириани од домашни и интернационални предавач(к)и. Предавањата ќе бидат отворени и за пошироката (професионална) публика, со цел да се надомести недостатокот на родова перспектива во формалното образование во областа на уметностите,

Креативен процес - секоја уметница ќе добива постојана поддршка - креативна, логистичка и финансиска, за да може да работи на развивање на авторски или соработнички перформанс. Уменичките хонорари, продукциските (простор за проби, опрема, реквизити, костими, договори со соработници и сл.) и промотивните трошоци ќе бидат покриени во целост,

Продукција - продукцијата на двата перформанса ќе ја реализира професионална продуцентка, со специфично работно искуство во полето на изведувачките уметности и организацијата на настани.   Двете продукции ќе имаат премиера во рамки на Меѓународниот театарски фестивал МЛАД ОТВОРЕН ТЕАТАР, инаку официјаен партнер на Фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО од 2017 година, со што ќе се обезбеди претставување пред поширока публика.

Феминистичкиот театар, за мене е театар кој преку интервенција во  претпоставките за идентитетот во културата,  напуштање на бинарностите и инсистирање на еднаквост, не обезбедува алтернатива само на машкиот поглед (male gaze), туку и на нормативниот поглед воопшто. 

Холи Л. Дир, феминистка, театарска режисерка и писателка

Со позиционирање на креативниот процес во полето на феминистичкиот перформанс и театар се создава основа за развивање нови пристапи во уметничките пракси. Избраните уметници ќе бидат охрабрувани да изнаоѓаат нови пристапи во предизвикувањето на конструираниот женски идентитет, во интерпретирањето на интимното/личното како политичко и во заговарањето општествени и политички промени со своите дела. Ќе бидат инспирирани, одново да ги откријат класичните дела од феминистичка позиција и да се запознаат со текстови, материјали и уметнички дела кои се занимаваат со родот како историски конструкт под притисок (Reinelt, 2012) Претставувањето на женските чувства и искуства без сентиментализирање ами од политичка позиција, специфично за феминистичкит перформанс и театар, има силен потенцијал силно да го дестабилизира политичкиот и уметнички status quo, кој е толку длабоко вкоренет во локалната иведувачка сцена, како што е за жал вкоренет и во нашето општество воопшто. 

Временска рамка на програмата

Април Објавување на отворениот повик за локални независни жени уметници

Мај Процес на селекција

Јуни Предавање и Јавно претставување на платформата

Јуни - Октомври Креативен процес: истражување, развој на проектите, предавање, финализирање на процесот, продукција

Октомври - Ноември Премиера на МОТ

Упатства за пријавување

28.04.2021 Објавување на отворениот повик

Потребни документи за пријава:

  • Кратка биографија (200 - 350 зборови)
  • Преглед на вашите најзначајни проекти. Ве молиме вклучете релевантни фотографии, линкови до видеа, рецензии, медиумски објави.
  • Мотивациско писмо во кое ќе ја претставите (1) афилираноста со локалната независна културна сцена, (2) родовата перспектива во вашата уметничка пракса и (3) начините на кои КОВИД-19 пандемијата влијаеше на вашите животни и работни услови.

 

03.05. - 10.05.2021 Прашања и одговори

Во овој период ви стоиме на располагање за сите дополнителни информации на tiiiit.inc@gmail.com 

15.05.2021 Краен рок за аплицирање

Ве молиме како наслов на e-mail пораката наведете “ППЖплатформа_ВАШЕТО ИМЕ_апликација”, вклучете ги во прилог потребните документи и испратете ни ја на tiiiit.inc@gmail.com 

16 - 31.05.2021 Селекција

Пред конечниот избор, кандидатките би можеле да бидат повикани на online средба.

31.05.2021 Објавување на избраните уметници


Платформата се реализира со финансиска поддршка од Kvinna till Kvinna Foundation и FRIDA Young Feminist Fund и во соработка со Меѓународниот театарски фестивал МЛАД ОТВОРЕН ТЕАТАР (MOT). Активностите на платформата се поврзани со програмата на проектот Жени за жени (WowProject) и проектот Пич Прич кои ги реализира Тиииит! Инк. и кои имаат за цел да придонесат кон унапредување на јавниот интерес за родовите прашања и поголемо присуство на жените во јавната сфера.

Фотографија на Irena Mila од танцовиот перформанс „Жени на раб на нервен слом“ на Ивана Коцевска, Викторија Илиоска и Бојана Додевска, изведен на Фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО во 2015 година.