Мара Нацева Миланова-Анка, наша партизанка!

Во рамките на проектот „Жени за жени“ (WoW – Women on women) се публикува книга со 25 женски приказни од историјата кои претставуваат нови наративи и патеки што ги истакнуваат женските (авто) биографии и приказни се истражуваат преку мапирање на градови и научни истражувања, преиспитувајќи го феминистичкото културно наследство во областа. Нашиот пат е водич по културната, политичката и географската траекторија на Северна Македонија, во чијшто тек учествувале овие 25 жени. Една од нив е приказната за Мара Нацева. По повод нејзиниот роденден 28.09.1920 година, ја објавуваме нејзината приказна.

Наслов на записот: Мара Нацева Миланова-Анка

Локација: Куманово, плоштад „Маршал Тито“

Адреса: Плоштад „Маршал Тито“, Куманово

Опис на локацијата: „Mакедонка, споменик на Револуцијата“, плоштад „Маршал Тито“, улица „Маршал Тито“ и улица „Моша Пијаде“, на зелената површина пред НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“

 

Партизанката Мара Нацева е родена во Куманово на 28 септември 1920 година. Во родниот град работела како текстилна работничка. На 16 години се приклучила кон СКОЈ и така учествувала во активностите на работничкото движење. Во тој период во 1936 година, текстилните работници организирале штрајкови за подобрување на условите за работа и Мара Нацева всушност го организирала штрајкот на работничките во текстилната работилница „Шуменовиќ“ во Куманово. Оваа пожртвуваност за правда резултирала со нејзино отпуштање од фабриката, но таа уште поинтензивно се активирала во активностите на УРС-овите синдикати и СКОЈ. По ова, во 1939 година, таа станала членка на КПЈ и се преселила во Ниш, каде што се вработила во текстилната индустрија. Таму се активирала во синдикалното движење и во културно-уметничкото друштво „Коста Абрашевиќ“. Следната година била избрана за членка на Месниот комитет и на Окружниот комитет на КПЈ во Ниш. Додека престојувала во овој град, двапати била уапсена во истражниот затвор поради нејзината активност. Во изворите е истакнато нејзиното „храбро држење“ во затворот, па поради тоа, по излегувањето на слобода, била избрана за секретар на МК на КПЈ – Ниш. Била српска делегатка на Петтата земска конференција во Загреб.

Откако се вратила во родното Куманово во 1941 година, избрана е за членка на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија и дејствувала илегално – затоа често го менувала името и местото на живеење. Во 1942 активно дејствува во Велес, каде што дошла да изврши ревизија на партиската организација. Летото 1942 година дошла до Скопје на велосипед, заедно со нејзин другар, избегнувајќи го железничкиот превоз. По нејзиното апсење во Скопје, таа е интернирана во концентрациониот логор за жени „Свети Николе“ кај Асеновград, Бугарија. Работела на ризични активности како одржување состаноци со партиските организации и раководства, организирање вооружено востание. Нејзиното партизанско име е Анка, но често го менувала, па затоа во еден од документите – обвинителен акт на Скопскиот воен суд од 1943 година, е наведена како Мара Кирова Андреева, сопруга на Киро Андреев-Фетак – активен комунистички функционер во Кумановско. Во истиот овој документ е наведено дека таа пројавила „забележителна, за женската природа, доследност во комунистичките погледи“ – интересна формулација што ни кажува за перцепцијата на жените активни во револуционерното движење. Додека била во овој логор, на 19 март 1943 е избрана за членка на Централниот комитет на КПМ. Документите сведочат бројни обиди за нејзино ослободување од страна на сопартијците – што ни кажува дека таа имала навистина значајна улога во движењето.

Конечно, кон крајот на 1943 година ја пуштаат на слобода од овој логор, каде што поминала година и неколку месеци. Во овој период таа сѐ уште е со функција во КПМ и продолжува да биде активна во движењето. Избрана е за делегат на АВНОЈ и АСНОМ и по ослободувањето е многу активна на политичката сцена во Југославија, каде што вршела високи политички функции. Прогласена е за Народен херој на 29 ноември 1953 година. За неа не може да се најдат повеќе информации за тоа каква била точно нејзината заложба во политиката на Југославија подоцна, ниту пак какви биле нејзините политички интереси или интимниот живот. Како и за другите жени кои ја преживеале војната, ни за неа не е напишана онаа романизирана биографија за животот и делото. Во обид да дознае повеќе информации за нејзиниот живот, еден новинар остварува телефонски повик со неа, при што таа одговара дека не е заинтересирана да зборува за случувањата поврзани со НОБ и дека повеќе од 20 години нема никаков контакт со борците од НОБ. Она што се знае е дека подоцна се преселува во Белград, каде што склучува брак со генералот и револуционер Саво Дрљевиќ, со кого немале деца. Во длабоката старост, во осмата деценија од животот, се враќа во Куманово. Умира на 1 јули 2013 – последна од сите седум жени од Македонија кои биле прогласени за Народни херои. Нејзиното почивалиште е во Куманово и затоа, како место кое ја одбележува вклученоста на жените во Револуцијата, го одбираме споменикот „Mакедонка, споменик на Револуцијата“ на плоштадот „Маршал Тито“ во Куманово.

 

Користени извори:

Весковиќ-Вангели, Вера и Марија Јовановиќ, ур. Зборник на документи за учеството на жените од Македонија во народноослободителната војна и револуцијата: 1941-1945. Скопје: Институт за национална историја, 1976. 199-200, 1168.

Тренчевски, Стојан. „Фељтон „Херои“: Мара Нацева - Самува во Белград и мисли на Македонија“. Утрински весник, 23 август 2010 https://web.archive.org/web/20100823061539/http://217.16.70.245/?pBroj=1900&stID=44995&pR=24

Дарудова, Светлана. „Страшо Пинџур во писмо открива чувства спрема Мара Нацева“, Дневник XVIII, 5433, 4 април 2014, 13.

„Почина народниот херој Мара Нацева“. Од 7 јули 2013 https://www.kumanovonews.mk/vesti/pocina-narodniot-heroj-mara-naceva

Весковиќ-Вангели, Вера и Марија Јовановиќ, ур. Зборник на документи за учеството на жените од Македонија во народноослободителната војна и револуцијата: 1941-1945. Скопје: Институт за национална историја, 1976. 199-200, 1168

Тренчевски, Стојан. „Фељтон „Херои“: Мара Нацева - Самува во Белград и мисли на Македонија“. Утрински весник, 23 август 2010 https://web.archive.org/web/20100823061539/http://217.16.70.245/?pBroj=1900&stID=44995&pR=24

https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%9C%D0%B0%D1%80%D0%B0_%D0%9D%D0%B0%D1%86%D0%B5%D0%B2%D0%B0

Дарудова, Светлана. „Страшо Пинџур во писмо открива чувства спрема Мара Нацева“, Дневник XVIII, 5433, 4 април 2014, 13

Извор фотографија млада: http://www.znaci.net/arhiv/fotografija/3863

Извор фотографија возрасна: https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%9C%D0%B0%D1%80%D0%B0_%D0%9D%D0%B0%D1%86%D0%B5%D0%B2%D0%B0#/media/%D0%9F%D0%BE%D0%B4%D0%B0%D1%82%D0%BE%D1%82%D0%B5%D0%BA%D0%B0:Mara_Naceva,_foto.jpg

Извор на фотографија - споменик на револуцијата: https://marh.mk/makedonka-spomenik-na-revolucija/

Мара Нацева заедно со жени-народни херои кај претседателот Јосип Броз Тито, 1955

 

Проектот е поддржан од: Програмата Креативна Европа на Европска Комисија, Фрида – фонд за млади феминистки (FRIDA | The Young Feminist Fund), Министерство за култура / Ministria e Kulturës и фондацијата Квина тил квина ( The Kvinna till Kvinna Foundation).
Tiiiit! Inc. го спроведува проектот во партнерство со Mesto žensk од Љубљана, VoxFeminae од Загреб и Outlandish Theatre Platform од Даблин.