Прво па женско #9

Фестивал за феминистичка култура и акција

ПРВО ПА ЖЕНСКО #9
10 - 16.6.2021

Во старите митови светот ги проголтува жените. На пример, Персефона. Земјата ја вшмукува додека шета по ливадата. Или Дафне. Престорена во ловорово дрво за да му избега на упорниот додворувач. Или во филмовите со  автостоперки во кој жените задолжително умираат.

Во сказните, како „Алиса во Земјата на чудата“, или „Волшебникот од Оз“, девојчињата по грешка влетуваат во авантура, и до крајот на приказната бараат начин да се вратат назад, следејќи ги волшебните зборови „Само дома си е дома“.

Што им нуди истражувачкиот наратив на жените? 

Кортни Стивенс, Terra Femme, HD видео, САД, 2017–21, HD видео.

* * *

Годинешната програма на фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО е реализирана како дел од Women on Women (WoW) проектот. Проектот е кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Комисија, што Тиииит! Инк. го спроведува заедно со Mesto Žensk од Љубљана, К-Zona од Загреб и Outlandish Theatre Platform од Даблин. Проектот се фокусира народовата еднаквост низ феминистичка перспектива, трасирајќи го наследството на жените*, особено низ интерсекциска перспектива, како и перспектива на различностите.
Идентично на 8то издание од фестивалот, и оваа година фестивалскиот тим е засилен со членките на локалната WoW група - жени од различни социјални, економски, културни, етнички и генерациски позадини, кои се дел од подготовките и реализацијата на проектните активности и уметничките програми. Заедно со нив правиме Фестивал која ќе ве инспирира и воодушеви до степен да кажете wow!

*жени, трансродови и интерсекс луѓе кои се идентификуваат како жени

 

ЗЕЛЕНО ИЗДАНИЕ

Годинава, ПРВО ПА ЖЕНСКО повторно ве мотивира да смените по некоја навика на подобро – така што ви нуди алтернативни решенија како да фрлате помалку отпад и како да не ја загадувате околината, со една цел - иднина со помалку (накај нула) отпад. Во соработка со иницијативата Од нула до нула, ја адаптиравме нашата програма и се потрудивме реализацијата на ПРВО ПА ЖЕНСКО да има што е можно помал еко-отпечаток и помалку отпадоци.

За да успееме во намерата, еве неколку предлози како би можеле сите поодговорно да се однесуваме кон животната средина. Без изговори!

- Дојди на ПРВО ПА ЖЕНСКО со точак. Или пешки. Не е важно колку брзо ќе стигнеш, важно е што помалку да го загадуваш воздухот;

- Пред да тргнеш накај ППЖ, не заборавај да си понесеш термос или чаша за повеќекратна употреба. Така нема да мора да купуваш вода во пластично шише или да пиеш пиво од пластична чаша. Без гајле, шанкерите нема да те погледнат накриво кога ќе им го подадеш термосот;

- Ако доцниш на ППЖ и во брзање заборавиш на термосот или чашата, потруди се да користиш една иста пластична чаша за сите пијалоци до крајот на вечерта;

- Стакленото шише од пијалокот фрли го во кантата за стакло, пластичната чаша и лименката во кантата за пластика. Ќе бидат јасно обележани, па те молиме фрли ги таму каде што им е местото;

- Ако го засладуваш кафето, осмели се и побарај метална лажичка наместо пластична;

- Годинава, повторно внимававме при изборот на промотивните материјали. Ќе имаме само платнени торби бидејќи користењето на ресурсите има смисла само кога крајниот продукт се користи пак и пак и пак;

- За жал, немаме сите пристап до безбедни и достапни менструални производи ниту, пак, до едукација за репродуктивно здравје. Но, тоа не значи дека не можеш да се информираш за опциите. Имаш ли слушнато за менструална чашка или за реупотребливи влошки? Или за менструални гаќички? Сите овие значат помалку отпад;

Први на удар од климатската криза и загадувањето се маргинализираните и ранливите групи на граѓани. Малцинствата. Па, ќе ни помогнеш да имаме што помал еко-отпечаток годинава?

 

ИЗВЕДУВАЧКА ПРОГРАМА
Јас сме

Денес, по 15 месеци живеење во/со/покрај/од... глобалната пандемија, клучниот предизвик веќе не е како да се изолираме, ами кои форми на поврзување мораме да ги сочуваме, а кои да ги отфрлиме засекогаш. Заедништвото и заедничкото - хоризонталните облици на социјалност, градењето и негувањето заедници кои се темелат на взаемна поврзаност, соработка и грижа - едни за други и за Земјата, се потврдуваат како единствен начин да ја преживееме оваа, но и да ја спречиме следната глобална пандемија.

Изведувачката програма на дветтото ПРВО ПА ЖЕНСКО се согласува со Силвија Федеричи дека заедничкото е возможно само ако одбиеме да се гледаме себеси одвоено од ониe што страдаат и дека ако заедништвото има било какво значење, тоа е создавањето на нас самите како субјект на заедничкото. 

Годинава на ПРВО ПА ЖЕНСКО се враќаме на сцената за да ја претвораме во женски простор, но не приватен, ами јавен, политички! Ги пропрашуваме официјалните истории, рефлектираме на формите на политичка имагинација, се конфронтираме со доминантните наративи. Личните приказни, најинтимните спомени, најдлабоко потиснатите и одамна премолчувани свои тајни ги раскажуваме за да постанат наши, заеднички. 

За да конечно се видиме, не едни со други, ами едни во други. 

За да се спасиме.

Кристина Леловац

* * * 

ФИЛМСКА ПРОГРАМА
Ова не е сон за заеднички јазик, туку за моќна и неверна хетероглосија  

Ова не е фиксна фестивалска филмска програма, туку критички феминистички филмски гест.
Критичкиот феминизам е интерсекционална политичка филозофија посветена на рушењето на хетеронормативниот, расистичкиот, капиталистичкиот патријархат. 

Од почетната точка - преку насловот на програмата - со Дона Харавеј, ја следиме екофеминистичка политичка позиција, во овој гест којшто се фокусира на различното толкување на заедничкото и на она што го делиме низ историјата, во архивските слики и феминистичките истографии. Екофеминистичкото во историското ни овозможува користење на шпекулативна фабулација како метод, со цел креирање на нови форми на раскажување и имагинативна артикулација, на парцијални наративи и контра-наративи, на контрадикторното, на трансгресивни граници, на радикално поврзување, на “ризично читање”.

Пандемијата е општествена и телесна реалност во која и со која живееме, и која претставува уште поцврст аргумент дека е потребно да креираме пракси на релациско читање на минатото, сегашноста и иднината. Оттаму материјализира и потрагата за политики и наративи кои ги прифаќаат новите и здружените сродства помеѓу човечкото и нечовечкото, луѓето и животните, растенијата и технологијата, минатото, сегашноста и иднината, делумното и контрадикторното.
Токму поради ова, овој филмски гест ја одбива идејата за именување на совршено вистински женски јазик како уште една тотализирачка и империјалистичка идеја, прифаќајќи го реструктурирањето и пречитувањето на делумното како нова заедничка активност која “ние” би можеле да ја практикуваме. Бидејќи градењето сродство значи практикување. Градењето на имагинарно сродство значи останување со заедничкото, и играње низ, и со заедничкото. 
Нашето “ние” не е целосно, нашето “ние” не е природна мешавина на заедништво, нашето “ние” не е ниту невино, ниту линеарно. Нашето “ние” е неверно. Нашето “ние” произлегува од нашите контрадикторни искуства, од наше(и)то(е) делумно(и) знаење(а).
Нашето “ние” ги доловува сите наши незатворени конструкции на личното и колективното.

Нашето „ние“ е „не-ние“. 

Кумјана Новакова

* * *

МУЗИЧКА ПРОГРАМА
Натежнаа тишини меѓу нас

Позади нас е долга пандемиска и популистичка година која ги продлабочи социјалните нееднаквости. Што се случуваше со културата – музичари/ки, филмски и театарски работници/чки и низа други културни уметници кои беа парализирани во текот на целата година? Видовме трејлер – како би било без култура. Многу артисти/тки беа соочени со предизвикот да создаваат/свират сами, а не во бенд. Да настапат дома, а не на бина. Пред камера, а не пред публика.

Да заборавиме на сè што мислиме дека знаеме за глобалната пандемија. Не станува збор за Ковид-19 - туку за капитализам. Јасно е дека тоа е системски проблем, но исто така е јасно и дека се потребни радикални промени, што секако не можеме да ги очекуваме преку ноќ. Тоа ќе биде маратон, но крајно време е да започнеме да трчаме. И тоа заедно.

Овогодинешната музичка програма ја редефинира својата ера. Инспирирани од хардкор панк и хип хоп сцената кои секогаш биле општествено критични, на деветтото издание на ПРВО ПА ЖЕНСКО ќе настапат Мартина Баракоска, YӦU, Димитра, NastasyaKish и Мариго Антов. Каде има простор за крик, ќе има простор и за растење. Без маски, без контакт: звукот може да патува таму каде што нашите тела не можат - звук како моќ, звук како скулптор на општествени промени, звук како закана што ги поврзува нашите најочајни крици.

Елена Пелјхан

* * *

ДИСКУРЗИВНА ПРОГРАМА
Бескраен попис на екофеминистичка мисла и практика

Единствената промена која може да го спаси светот е “голем пресврт” на машката моќ која е претставена преку смртната индустриска експанзија и хиперпроизводството во земјоделието. Ниту “матријархат”, да потенцирам, ниту “предавање на моќта на жените”, туку уништување на моќта од страна на жените. И конечно, крајот на тунелот: егалитарно уредување на новородениот свет (а не “заштитен” како што сè уште веруваат срамежливите екологисти од првиот бран).

попис
бројна именка
“детална листа на сите расположливи поими”

Иако врската помеѓу фалоцентризмот и антропоцентризмот се чини, дури и помеѓу различните феминизами, јасна и едноставна, врската помеѓу жените и природата е, и делотворна и проблематична, но исто така и спорна, па дури и разединувачка за феминистичката теорија. Тргнувајќи од сознанието дека сите жени не се добри, трпеливи, духовни, мајчинствени или немоќни, ниту пак гржливи, емпатични и отворени за соработка, го предлагаме овој експериментален програмски гест како иницијатива за проширување на екофеминистичката мисла и практика. Градиме врз едноставното разбирање на еколошкиот феминизам, и како политичко движење и како оживотворена теоретска позиција во одговор на “збирот клучни проблеми што ги фрлија двете големи социјални струи од подоцнежниот дел на овој век - феминизмот и движењето за животната средина - и се осврнуваат на низа заеднички проблеми.” Оттаму го делиме екофеминистичкото мислење дека постојат есенцијални врски помеѓу третирањето на жените, или не-бинарните, не-белите, не-привилегираните луѓе и најниските социјални слоеви, и третирањето на природата. Силно веруваме дека не е во ред овие врски да не се земаат предвид како дел од политичките и филозофските гледишта.

Формата на бесконечен попис произлезе како одговор на неправилностите и предодредените простори и категории во курирањето затворени програми. Потекнувајќи од современата меѓународна соработка помеѓу различни групи на жени, ова е феминистички микро-гест на соработка во форма на отворен повик за големи наративи и космолошки истории преплетени во рамките на еко-феминистичката уметничка, теоретска и практична работа.

Го отвораме бескрајниот попис со три интервенции: перформативно предавање на Адриана Куена за феминистичкото заедништво, феминистичката политичка екологија и феминистичкото градинарство, практична работилница од Андријана Папиќ Манчева за нула отпад, поедноставено живеење и еколошки практики за секојдневниот живот во градовите, и кураторски филмски гест на Кумјана Новакова.

Оттука ја предаваме сцената за други гестови.
Со тек на време и по потреба.
Тука, и насекаде.

Искрено се надеваме дека овие гестови на соработка ќе иницираат и материјализираат врски помеѓу чувствителната мрежа на соодноси што го сочинуваат природниот свет, искуствата на жените и феминистичко(и)то(е) знаење(а).

Кумјана Новакова

* * *

МЛАДИНСКА ПРОГРАМА

Во контекст на овогодинешниот централен концепт на фестивалот  - преиспитување на ‘јавно’ - младинската програма се фокусира на заземање, или уште потточно речено, креирање на сопствен дискурс во етерот. За време на пандемијата младите можеби беа тие кои се најдоа во најпарализирана позиција на сите фронтови. Наеднаш, нивната мобилност стана опасна, па мораше да биде ограничена; образованието им претрпе една дискутабилно успешна адаптација, па мораа да изнаоѓаат алтернативни начини на учење. Јавниот дискурс одеднаш се осиромаши од теми кои ги засегаат нив и се слеа во еден прилично фокусиран тек, коj на извесен начин ги овластуваше јавните теми по проценета тежина.

Ова принудено отсуство е и рефенрентната точка на младинската програма ова деветто издание на фестивалот. Најпрво, Прво па женско тргна со одлуката да поттикнува градење на мрежи со обезбедување на простор за младинско поврзување. Понатаму, младинската програма зазема свесен став дека менторирањето и неформалната едукација оснажуваат и градат информирани интереси кај младите, кои пак се основите на идни здружувања. Заради ова, овогодинешните соработки и програмски единици се пред сè, насочени кон продукција на аргументирани текстови кои ги напуштаат трендовите на честопати укочените академски средини. Со ова, тие упатено и образовано учествуваат во креирање на нови начини на поимање и критичка анализа на современите трендови. На овој начин, младата публика освен што е активен набљудувач на општеството, таа е и чинител во јавниот дискурс.

Перспективата на младите, особено сега, е клучна во креирањето на нови пракси и системи на функционирање за иднината. Младинското гледиште нема да биде изоставено затоа што тие за среќа не нудат, туку наметнуваат нивни перспективи и огледи. 

Елена Петрова

 

 

Четврток 10 06

22:00 концерт
МКЦ плато

Петок 11 06

19:30 претстава
МКЦ денсинг сала
21:00 концерт
МКЦ плато
21:30 филмска програма
МКЦ плато
22:00 диџеј сет
МКЦ плато

Сабота 12 06

13:00 разговор
МКЦ, џебно кино
20:00 филмска програма
МСУ - Скопје
20:10 филмска програма
МСУ - Скопје
20:30 филмска програма
МСУ - Скопје
21:00 филмски перформанс
МСУ - Скопје

Среда 16 06

14:00 дискусија
кафе книжарница Буква
16:00 диџеј сет
кафе книжарница Буква

Волонтери

Top