Низ креативниот процес со Ангела Стојановска и Јована Зајкова

Трансформацијата на изведувачката програма на Фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО во платформата за изведувачки уметности ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ*, произлезе од определбата за развивање феминистички изведувачки форми низ практикување солидарност, поддршка, заедничко учење и соработка, но и пропрашување на динамиките и отфрлање на хиерархиите втемелени во конвенционалниот театар. Разговаравме со Јована Зајкова и Ангела Стојановска за нивното учество во платформата ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ и искуствата коишто ќе си ги понесат по премиерите на нивните авторски перформанси СРАМ и ЈОВАНО, ЈОВАНКЕ коишто ќе може да ги видите на трети и седми декември, на Меѓународниот театарски фестивал MOT.

За прашањата поврзани со авторството, поддршката низ креативниот процес и што всушност им е потребно на уметниците (овде) прочитајте во продолжение. Разговорот го водеше Елена Петрова. Фотографиите направени на пробите се на Драгица Николовска.


1. Перформансот во рамките на платформата за изведувачки уметности на Фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО - ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ е вашиот прв авторски проект. Како оваа улога на самостојни авторки  влијаеше врз процесот на создавање и обмислување на перформансот?

J:Целиот овој процес на пронаоѓање, дефинирање, развивање и претставување на моите идеи и замисли на сцената несомнено би го нарекла предизвик, но од оние убавите кои со себе носат голем бенефит, па навистина сум многу среќна што ми беше дадена шанса да бидам дел од оваа платформа. Се чувствувам дека ваквите предизвици кои ме втурнуваат во нешто ново и непознато ми дозволуваат да пораснам и како уметник и како човек. 

А: Уште кога аплицирав на повикот, ми беше јасно што сакам да работам и начинот на којшто сакам да работам. Но, на почетокот не можев во целост да ја сфатам слободата која ми е дадена, па откако ја сфатив мислам дека започнав да се кочам. Почнав да чувствувам преголем притисок од зборот „автор“, верувам, затоа што досега не сум се нашла во таква позиција. Ова не беше лошо, напротив, ми дозволи да сфатам колку ваквиот начин на функционирање недостасувал во мојот театарски свет и се надевам дека ќе успеам да задржам делови од истиот во мојата иднина. 

 

2. Бидувањето дел од овој проект подразбира и поддршка од лица за фидбек коишто се дел од платформата. Оваа динамика е намерно осмислена да отстапува од вообичаените театарски хиерархии, а да го задржи вашиот креативен курс. Каде присуството на ваква поддршка и идејата за самостојност и автономија во креативниот процес се поклопуваат за вас?

J:Морам да признаам дека почетокот беше малку чуден за мене, особено со оглед на тоа дека целата комуникација помеѓу мене, Ангела и менторките Билјана Радиновска и Викторија Илиоска одеше онлајн, а беа споделувани доста лични идеи и размисли, меѓутоа со тек на време успеавме да најдеме многу убава и продуктивна размена која ми помогна многу во целиот работен процес. Не се чувствувам дека автономијата на креативниот процес беше ставена под прашалник, напротив ваквата комуникација ми овозможи да ја погледнам сликата од поинакви агли, да си одговорам на прашања на кои воопшто не бев свесна дека постојат и да разгледам многу нови принципи на работа, а сепак финалните одлуки во врска со претставата беа оставени на мене. Од друга страна во целиот практичен работен процес беше вклучен и мојот соработник и партнер на сцената, Бобан Русески, со кој голем дел од кореографските решенија ги носевме во меѓусебна комуникација. Верувам дека доколку наместо Бобан некој друг беше дел од претставата, таа ќе изгледаше сосема поинаку, па можам да кажам дека во моментов е скроена баш по наша мерка.

Ми беше задоволство да работам со целиот овој тим и се надевам дека и понатаму ќе останеме во соработка и комуникација и ќе твориме заедно.

 

А: Ми требаше време да научам да ги користам знаењата и искуствата на Вики и Бици. Мислам дека се’ уште не успевам до крај да го направам тоа. На едно национално ниво, барем во театар, не сме научени да отвораме процеси и да работиме со луѓе надвор од установените пракси. Јас знаев дека нема да можам да работам сама, кога веќе одбрав да бидам сама на сцена. Од сите досегашни искуства знаев дека ми треба директна поддршка на пробите која ја побарав и добив од Ева Камчевска и Милош Андоновски. Знам дека сите се тука за да ми дадат можност, на најдобар можен начин да го направам она што сакам. И сето тоа е една толку привилегирана позиција, која им посакувам на моите колешки да ја почувствуваат. 

 

3. Меѓудругото, платформата има за цел да ослободи простор за уметниците да си ги креираат своите перформанси без да размислуваат на неодложното прашање за логистика, коешто пак често ги обременува независните продукции и знае да повлијае на квалитетот. Како отсуството на овој момент се покажа врз вашиот креативен процес?

J:Логистичката поддршка во работниот процес е нешто што не е толку карактеристично за уметничката работа на нашиве простори, па колку и да звучи смешно на почетокот дефинитивно ми требаше време да се навикнам на фактот дека постои некој кој има задача да го следи и да ми помогне во работниот процес. Откако сфатив дека всушност овој пат не морам да правам се сама и да бидам на две места истовремено и првобитниот шок помина, почувствував едно огромно ослободување да се посветам целосно на креативниот процес и тоа беше едно од најубавите искуства за мене. Се надевам дека ваквиот тип на работа ќе стане дел од нормалата при развивањето на независни продукции и дека на уметниците ќе им се овозможи да бидат уметници.

А: До сега никогаш не сум ја имала можноста до овој степен, креативно, да можам да се посветам на создавање на нешто. Ваков треба да биде секој процес, секаде. Јас секогаш сум имала некои технички аспекти кои паралелно ги водам, некакви ресурси кои ги барам, а сега, сега имам луѓе кои се тука токму за тој тип на поддршка. Ја паметам првата средба со Кика, Јана и Јована, кога ни објаснија во детали како ќе се одвива целиот логистички дел и тогаш кажав, ама еве и во оваа прилика ќе повторам - „ми падна камен од срце“. 

4. За Ангела: Твојот перформанс, би рекла културолошки прецизно гаѓа по и се наметнува на дебатата за физичкиот изглед и женското тело - неодделиви аспекти од сликата за себе. Каде го гледаш уделот на твојот перформанс во рамките на оваа јавна дебата?

 

А: Мислам дека театарската фела, на еден затскриен и индиректен начин зборува за тоа како треба да изгледа тело на една беспрекорна актерка. Тоа некако започнува од процесот на приемните, трае во текот на нашите студии и се разбира, продолжува... засекогаш. Чудно е да се чувствуваш помала ради твојата големина, сум била таму, верувам дека сите во својот живот биле таму. Јас би била среќна, ако создадам простор, во кој ќе може да дискутираме за тоа дека начинот на кој изгледаме не не прави „помалку“. 

 

5. За Јована: Гледајќи го твојот перформанс, неизбежно ми се отворија прашања за женскиот идентитет и како општествените и родовите норми го вајаат, наградуваат, па казнуваат. Како гледаш ти на ова преку твојот перформанс?

J: На самиот почеток на развивање на идејата случајно налетав на книгата на Виктор Франкл со наслов “Човековата потрага по значење”. Ова е безвременска, многу опширна и длабока тема и не е возможно да се прикаже во една претстава. Затоа се обидов да истражам само еден мал дел и фокусот го ставив на позицијата на жената во денешницата. Си го поставив прашањето - Што значи да бидеш доволно? Доволно убава, доволно паметна, доволно успешна, доволно секси? Сфатив дека голем дел од овие параметри се дефинираат според мислењето на општеството кое не опкружува, а во денешно време огромно влијание на оваа слика имаат социјалните медиуми и целата динамика која се одвива таму. Сметам дека во денешницата сме подложени на многу притисок кој свесно или не свесно не моделира во она што сме или го претставуваме и дека оваа состојба често доведува до едно мртвило и исклучување од самите себе, нешто што Франкл го нарекува ‘емотивна правосмукалка’. Во оваа претстава повикувам да се запрашаме колку сликата за нас и она што го претставуваме е вистинска и колку се чувствуваме (не)удобно во неа.


6.Каде ја гледате иднината и местото на ваквите независни платформи како оваа и што тие значат за уметниците и учесниците во перформативните уметности?

J: Независната танцова сцена во земјава едвај опстојува, финансии за вакви проекти ретко се издвојуваат, а особено за млади уметници кои допрва треба да се докажат. Сведоци сме на бројни случаи каде наши колеги - талентирани, способни, млади, уметници се приморани да најдат друга професија со цел да имаат некаква финансиска стабилност. Затоа сметам дека вакви платформи се од клучно значење за развојот на независната сцена и поддршка на младите уметници и сум многу благодарна на Тиииит Инк. и Прво па женско за приликата да бидам дел од истата. Би сакала ова да биде само почеток и да прерасне во сцена која ќе функционира со постојан репертоар и ќе овозможи можности за уметниците, како и една нова, свежа енергија за публиката. 

 

А: Ваквите платформи мора да опстојат. Ги гледам како ретката искра на надеж на независната сцена. Тешко е да работиш креативна работа ако ги немаш ресурсите за истата. Оваа Платформа за изведувачки уметности го овозможува токму тоа - целосно препуштање на креативната работа - и искрено се надевам дека ова е само почетокот.

 


*Платформата ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ е поддржана од фондацијата Квина тил Квина и Фрида - Фондацијата за млади феминистки и се реализира во соработка со Меѓународниот театарски фестивал MOT, а активностите се поврзани со програмата на проектот „Жени за жени“ #wowprogram и проектот Пич Прич кои ги реализира Тиииит! Инк.

**
Елена Петрова има дипломирано на Катедрата за анлиски јазик и книжевност во Скопје, а моментално е студентка на магистерски студии за англиска книжевност и културолошки студии. Преведувачка е и авторка на текстови поврзани со феминизмот, а моментално работи како дел од тимот на Тиииит!.Инк.