5 начина за справување со „оние денови“ без никој да знае

Постои јасна разлика помеѓу погрешен и правилен начин на справување со „оние денови“ во месецот. Необична е нашата реалност во која одеднаш почнаа да се развиваат збунувачки дискусии околу оваа едноставна и незначајна тема, почнавме да се давиме во менструални небулози и релативизации, за разлика од мирната пловидба на старите обичаи. Уметноста на достоинствено справување со менструацијата е тоа да ваквата несреќна појава се сведе на имплицитна реалност. Ценете си ја вашата приватност затоа што никој не мора да знае. Оваа неколкудневна реалност останува во удобниот и тесен круг на вашиот новчаник, продавачката во маалското дуќанче и секако, вас. 

Постои мноштво од елегантни и практични вештини измислени токму за женските проблеми. За оваа цел, се зафативме сериозно со оваа проблематика со надеж дека ќе се пробиеме низ дискурзивната бура на новокомпонираната реторика за месечниот циклус. Во прилог имате неколку разумни, средно-комплексни, но остварливи начини со кои ќе заблескате во сиот сјај на една префинета и ненаметлива менструална икона.

 

1. Времето е на ваша страна - искористете го! Имате од 21 до 35 дена секој циклус да го сработите потребното планирање за сите друштвени активности и настани. Продуктивноста е клучна, па оттука и способноста на вашето тело за оптимална ефикасност ја ставаме на прво место. Сите ваши креативни и деловни подвизи гледајте да ги сместите во фоликуларната фаза. Сработете толку многу, што и покрај забелешките на колегата дека сте во ПМС откако го опоменавте за стадото неизмиени филџани на бирото, ќе се посомневате во сопствените способности само трипати. Ако случајно чувствувате изнемоштувачка болка откако тетка ви конечно ќе пристигне, едноставно повикајте се на вашата интровертна природа. Нема никаква потреба да се расфрлате со детали за реалната причина зошто останувате дома. Плус, ваквото објаснување сугерира скромност, интелектуалност и сталоженост, а тоа е секогаш соодветно.

 

2. Ако се случи да сепак сте приморани некаде да присуствувате - не паничете! Имаме неколку елементи коишто може да ги инкорпорирате во оваа социјална дисциплина и да триумфирате во ваквиот предизвик. Се разбира, од дома ќе си ги понесете сите продукти кои би ви биле потребни во текот на средбата затоа што нели, никој не е должен да мисли на вашите потреби. Штом ќе стигнете на локацијата, веднаш лоцирајте го тоалетот. Идеално, би седнале поволно позиционирано за да може во секое време неприметно да појдете до тоалетот, без другите да бидат приморани да се поместуваат. Но, внимавајте! Морате прецизно да ги пресметате временските интервали кога би се упатиле кон тоалетот за да не фрлите сомнеж на вашите намери. Ако сепак се случи некој да ве праша дали е сѐ во ред откако петпати во еден час отидовте во тоалет, оправдајте се дека сте почнале конечно да пиете два литра вода секој ден и дека вашето тело се аклиматизира за здравиот животен стил.

 

3. Несреќните случајности се насекаде, па затоа е и разбирливо доколку некогаш ви се случи да ви остане дамка на панталоните во текот на оние денови. Но, наместо да ги нормализираме ваквите случаи, ние се ангажиравме и дојдовме до неколку привремени решенија. Доколку сте на улица и сфатите дека ви се случила ваква незгода, најдете си ѕид на кој би се потпреле и со фокусирана гримаса зјапајте во телефонот. Искористете го ова време да повторно ја процесирате траумата од средно кога ова ви се имаше случено, а соучениците наивно и детски ви се изнасмеаја. Откако ќе завршите, јавете се на такси или заврзете си го палтото околу половината и така испешачете до дестинацијата. Потсетуваме, никој не е должен да ги гледа овие појави на јавен простор. Тротоарите, улиците и сите други јавни места се строго резервирани за плукање во далечина и дување нос со слободна рака.

 

4. Ако се најдете во ситуација да не сте дома и да и да ги немате потребните продукти со справување со тетката којашто стигнала ненајавено порано, знајте дека и за ова има решение. Прво, регулирајте си го испаничениот израз. Потоа, пробајте органски да ја спомнете вашата итна потреба од влошка или тампон - никако исфорсирано! Ако по некоја случајност се погодите баш во тие 90% од јавните тоалети во земјава, интервенирајте со тоалетна хартија. Ваквата умешна замена скоро и да не прави разлика. Е сега, ако на местото каде што се наоѓате нема ни тоалетна хартија, тогаш прво воздржете се од секакви коментари. Наместете си аларм, чекајте да ви ѕвони и елегантно соопштете дека мора да си одите. Ем изгледате зафатено, ем мистериозно и одмерено. 

 

5. Доколку имате неподносливи болки, а морате да одите на работа, кажете дека имате грип, настинка или евентуално сте имале контакт со лице позитивно на ковид. Ова не само што ќе ве поштеди од понатамошни прашања, туку и ќе ви отвори можност за неколкудневно боледување. Недостатокот на ова оправдување е тоа што можете да го искористите еднаш до двапати, а вас ви требаат околу тринаесет вакви изговори. Никогаш ќе морате да стиснете заби и да појдете на работа. Но, тоа е само заради тоа што вие сте важен член од тимот на работа, а фактот што имате ваква биолошка појава не смее да ви застане на патот до успешна кариера. Само сетете се на мантрата од задолжителниот вебинар за прегорување што го гледавте после работно време: Mind over matter. 

Се разбира оваа листа не е комплетна; секогаш сме во потрага по некој нов и креативен начин на справување со оние денови. Клучно е да знаете дека секогаш постои можноста да бидете гласни и директни во незадоволството заради условите во кои менструираме. Умешноста е во тоа да ги препознаете непрометните обиколниците кои постојат во ваквата дискусија и да тргнете по нив - сепак сѐ зависи од вас. 


Напишано од: Елена Петрова