Oва мое тело не е едно и се менува: Интервју со Верица Недеска

Верица Недеска и режисерката Билјана Радиноска работеа на подготoвките на перформансот за македонската публика. Благодарение на отвореноста и поддршката од Место Женск и МОТ+, Прво па женско конечно може да се пофали со својата прва копродукција во областа на изведувачките уметности. Со Верица поразговаравме за враќањето на македонската сцена, врската со Прво па женско, како и нејзиното толкување на овогодинешната фестивалска тема. Перформансот ќе можете да го проследите на 11 мај (сабота) во 20:00 часот во Кино Фросина.

Драга Верица, за почеток да ти кажеме дека особено сме среќни што по втор пат ќе ни бидеш гостинка на Прво па женско! На ППЖ тројката гледавме твој краток филм, а овојпат ќе те гледаме во твојата примарна професија – глумата. Сигурни сме дека македонската публика со нетрение очекува да те види повторно на нашата сцена, но како се чувствуваш ти во врска со враќањето на театарската сцена после неколку активни години во филмските води?

Ви благодарам ППЖ на поканата и искажаната доверба. Бескрајно се радувам на соработката. Навистина го ценам тоа што го правите во изминативе години и ви благодарам за шансата да бидам дел од тоа. Ќе ве молам да ми олеснете и да се ослободите од очекувањата и вие и публиката и искрено да го примите мојот придонес во пренесувањето на пораката која Симона Семениќ ја испраќа со овој текст. Морам да признаам дека чувствувам огромна возбуда и одговорност, посебно што се работи за перформанс кој е изведуван од самата авторка и е исклучително личен и интимен.

На Прво па Женско ќе те гледаме на сцената на Фросина, каде ќе го изведуваш перформансот „Јас, жртвата“, првото самостојно театарско дело на словенечката драмска писателка и изведувачка Симона Семениќ. Без да откиеме премногу би можеле да кажеме дека перфомансот се занимава со искуството на авторката со “темните сили“, односно телото кое заболува наспроти здравствениот систем. Каков однос изгради ти со овој текст со оглед на интимната приказна која авторката сака да ја пренесе на публиката?

Мислам дека покрај самата авторка, текстот е изведуван-читан и од словенечката актерка Маруша Мајер, па сега редот ми се падна мене. Едноставноста и силината на истиот е нешто што возбудува, но исто така и обврзува. Ќе пробам достојно да го прочитам, непретенциозно, без обид да го бркам резултатот од изведбата на авторката кој е неповторлив и да дадам едно наше-мое читање на истиот. Ќе пробам да ја најдам врската со себе како жртва, воедно врската со жртвата Симона Семениќ и останатите жртви во системот кој не произведува. Се надевам ќе покренеме некои важни прашања како што е перцепцијата на телото, болестите, срамот од истите, живеењето во сооднос со нив и прашањето како општеството, поточно ние, се носиме со сето ова. Текстот е едно ослободување каде авторката преку себе-иронија ги убива табуата кои ги создаваме. Што се една жена, треба да жртвува во текот на својот живот за да може да ги исполни предодреденостите, туѓите очекувања, потреби и се што е очекувано од неа во едно општество.

За ова дело се пренесе на македонската публика, освен со Симона Семениќ, работеше заедно со режисерката Билјана Радиноска. Како беше искуството да се работи со “all female crew”?

Најголемото достигнување е себе-прифаќањето и удобноста во својата кожа. А уште поубаво е кога не си сам, туку си во друштво на себе-спознаени и себе-прифатени, освестени луѓе. Жената е во мојот фокус, бидејќи и самата сум жена, тоа е она што најдобро го познавам, она што највеќе ме интересира и она кое сметам дека е неверојатно енигматично и инспиративно. Сакам да работам со жени, верувам во женската солидарност, сакам да ја откривам и ослободувам. Неизмерно ја сакам и почитувам заради истрајноста, силата, способноста за обновување и рестартирање толку многу и толку често. Како поминуваат годините, така оваа врска станува се посилна. Многу сум среќна што ги запознав овие силни жени од нашиот тим и беше задоволство да се соработува со ваква екипа. Нивната природа, нивните моќи, способност за емпатија, е нешто што секогаш ме инспирира и поместува.

Овогодинешната тема на фестивалот е Тело, односно, Ова тело кое не е едно. Како ти ја толкуваш оваа фестивалска тема, како личност која во голема мера го користи потенцијалот на телото за трансформација за својата професија/ии?

Телото е нашиот пасош, она што прво се скенира, разгледува, она според кое најчесто се носат заклучоци и се суди. Тоа е неопходно, како и водата. Телото е вода. Без телото не постоиш. Но ова мое тело не е едно и се менува. Ја менува формата, обликот, структурата. Секој ден е ново и никогаш не е истото од вчера. Искуството кое се потпишува на него е пресудно. Телото има меморија, како и водата. Во него се запишани сите лузни на минатото и сите радости воедно. Во мојата професија телото е една од пресудните средства за изразување. Некогаш тоа знае повеќе од мојот мозок. Му верувам, го следам и се обидувам да не го силувам. Со годините го почитувам се повеќе и се повеќе му се радувам на секоја трага запишана на него.

На таа линија, иако својата кариера ја имаш започнато како актерка, подоцна почнуваш да се занимаваш со филмска глума, режија и пишување... На кој начин компензираш за театарот? Дали ти недостасува директниот контакт со публиката?

Играта во театар и филм ги развивав речиси паралелно уште во студентските денови. Но, во еден момент престанав да се занимавам со театар, бидејќи се отселив. Беа тоа други времиња, без вајбер, скајп и слично, па некако далечината од дома ја изгради и далечината со театарот.
Во животот мора нешто да дадеш за нешто друго да добиеш. Така што за жал раскинав со театарот, но се заљубив во многу други професии и средства на изразување. А глумата е мајка на сите нив. Режијата и пишувањето дојдоа некако природно. А контактот со публиката го компензирав преку музиката. Пеејќи успевам да го нахранам гладот на сега и овде. Па и покрај тоа што знам да кажам, не сум јас пејачка, често пеам и уживам во тоа. Пеењето го доживувам како неопходен израз и бескрајно ме возбудува. Музиката е едно толку искрено и благородно чувство, кое ја надополни таа празнина што се појави кога го изгубив театарот. Тука беше музичкиот проект Старовски кој беше еден вид на повторно губење невиност на сцената и прекрасно патување во мојот живот. Последниов период задно со Диџеј Димитри фром Чаир крчкаме еден старо-нов материјал со наслов Кабаре Зрцадло кој е мојата нова љубов што ме носи поблиску до публиката.

Како што спомнав, веќе еднаш имаш гостувано на Прво па женско, а летово го имавме и тоа задоволство тотално да нé шармираш со твојата приказна на Пич Прич Оревче. Што за тебе лично значат овие (локални) иницијативи кои во фокус го ставаат женскиот наратив и искуство?

Морам да признаам дека со задоволство ги следам сите Пич Прич изданија и ги доживувам како еден вид на колективна терапија, едно колективно ослободување кое ни е толку потребно. Среќна сум дека бев дел од истото. После летниот Пич Прич на Оревче и моето раскажување, како ужасно да ми олесна. Како да се ослободив од некое бреме кое сум си го носела од дете. Драго ми е дека таа приказна остана забележана и неизмерно сум среќна за секоја повратна реакција која ја добивам од луѓе што ги познавам, но и од луѓе што не ги познавам. Ненаметливото отворање на важни прашања за зголемување на видливоста на жената и женските теми, женското писмо и нарација добиваат поголем замав, женскиот израз го добива заслуженото внимание. Се радувам дека некои прашања се отворени. Овие иницијативи кои во фокусот го ставаат женскиот наратив и искуство, кршат табуа, нормализираат, го зголемуваат прагот на прифаќање и себе-прифаќање, себе-освестување, ставаат прст на проблемите, мелем на раните, лечат и ослободуваат од фрустрациите. Тоа е рамно на победа. Има нешто многу надежно и ослободувачко во овие пич причовски приказни. Женскиот наратив и искуство се од непроценливо значење ако сакаме да раѓаме здрави поколенија.

Дали можеби реши да влезеш во режирските чевли со цел да имаш повеќе контрола и/или слобода во својот креативен израз?

Не, или подобро речено, не знам. Не беше ништо однапред планирано или посакувано, ништо за што сум сонувала. Режијата и сценаристиката дојдоа природно како потреба да се изразам. Во перидот кога активно бев присутна на сцената и глумев, немав време за барање други изразни средства. Но, приказните кои ме среќаваа, искуството кое се таложеше, со цел да не премине во фрустрација мораше да биде споделено. Така некако стигнав до сценаристиката, а подоцна и режијата.

Ти благодарам за времето и се гледаме на ППЖ 7!
Благодарам и јас и се гледаме наскоро.
--
Интервјуто е дел од соработката помеѓу Медуза и Tiiiit! Inc. за Прво па женско #7

Билети за перформансот на следниот линк https://bileti.mkc.mk/index.php?id=514