Зошто лекарите не им веруваат на жените? Зашто не нè познаваат доволно.

Габриел Џексон 

Медицината со векови знае дека жените живеат во непрестајна болка. И ништо не се презема  во врска со тоа.

Фрустрирачки е да имате прашања за кои немате одговори. Уште повознемирувачки е кога ќе дознаете дека тие прашања досега никој не ги ни поставил.

Кога на 23 години ми дијагностицираа ендометриоза, не бев доволно запознаена за да можам да ги поставам вистинските прашања. Претпоставив дека мојот гинеколог ги има сите одговори и внимателно ги слушав неговите промислени објаснувања. Мислев дека знам сè. Или барем дека тој знае сè. Но не бев во право.

После цели десет години чувствувајќи се слабо, неважно, инфериорно, плашливо, убедувајќи се дека само сум хипохондрична, почнав да ги формулирам прашањата кои требаше да бидат поставени. Овој пат тие не се однесуваа на тоа што се случува со моето тело. Се однесуваа на тоа како е возможно да има толкав недостаток од знаење за болест која во медицинските книги постои повеќе од еден век.

После цел еден век дијагностиката и медицинската наука сè уште немаат никаква идеја за тоа што точно ја предизвикува или како се развива ендометриозата, а не се ни блиску до откривање на лек. Како е ова возможно? И додека многу лекари работат на ова поле и придонесуваат за подобрување на животот на пациентките кои страдаат од ендометриоза, има и многу лекари кои се игнорантни и ги сметаат за хистерични жените заболени од оваа болест, раскажувајќи им стари митови за лек. 

За кратко време откако почнав да истражувам за ова открив дека овој проблем е позастрашувачки отколку што мислев. Како што имам напишано во мојата книга “Болка и Предрасуда”, жените чекаат подолго од мажите за лекови против болки, чекаат подолго време за да бидат дијагностицирани од рак, постои поголема веројатност дека симптомите кои ги чувствуваат ќе им ги препишат како нарушено ментално здравје, поголема е и веројатноста да им бидат погрешно дијагностицирани срцевите болести, да останат неподвижни после преживеан мозочен удар, како и да страдаат од болест која медицината ја игнорира или порекнува. 

Најшокантно е што многу жени живеат со константни болки и не се свесни дека тоа не е нормално или воопшто не помислуваат дека не треба да живеат така.

Открив дека постојат 10 состојби на хронична болка кај жените кои имаат многу слични симптоми. Откако ќе се појави еден, голема е веројатноста наредните други да се игнорираат. Од ендометриозата, фибромијалгијата, синдромот на хроничен заморсиндромот на иритирани црева(IBS), циститисот, мигрената, хроничната главоболка со чувство на напнатост, пореметувањето на темпоромандибуларниот зглоб (TMD), хроничната болка во долниот дел на ’рбетот и вулводинијата страдаат најмалку 50 милиони жени само во САД.

Открив дека некои од овие на хронични болки често коинцидираат со автоимуни состојби какви што се ревматоидниот артритис, кожните воспалувања, Сјогреновиот синдром и пореметувањата на тироидната жлезда.

Знаете што уште открив? Дека сите овие состојби најчесто доцна се дијагностицираат, дека на жените и лицата од друг род кои страдаат од нив, прво ќе им се каже дека имаат проблеми со менталното здравје или дека едноставно се премногу загрижени за нивното здравје. 

Знаете што уште открив? Дека најголем дел од овие состојби можат да се подобрат доколку се дијагностицираат на време. 

Зошто жените сè уште се сметаат за хистерични, премногу емотивни, анксиозни и некадарни да се грижат за својата добросостојба?

Зошто доктор(к)ите сè уште ги третираат жените, луѓето од различна раса или лицата од друг род полошо од пациентите кои се бели мажи? 

Зошто не ни веруваат? 

Се чини дека одговорот е многу едноставен. Тие всушност не знаат доволно за нас. 

Докторката Џенин Остин Клејтон (Janine Austin Clayton) од Американската истражувачка канцеларија за женско здравје (US Office of Research on Women’s Health) за Њу Јорк Тајмс вели: “Ние знаеме помалку за буквално секој аспект од женската биологија отколку за  машката.” 

За да дознаам зошто е тоа така, морав да се вратам векови наназад. Од самите почетоци на медицината, различноста на жената од мажот ја направила инфериорна. Во антиката, се сметало дека матката - најочигледната разлика помеѓу женското и машкото тело -  има разоружувачка моќ и дека таа ги предизвикува сите болести кај жените. Платон ја опишувал матката како ѓаволесто животно кое се движи низ телото на жената и ја цица нејзината животна сила. Во почетоците на модерната ера, медицината го пренасочува своето внимание кон нервниот систем и за сите болести кај жените ги обвинуваа нивните “слаби нерви”. На почетокот на 20ти век, кога е откриен ендокриниот систем, главен виновник стануваат споулавените хормони на кои им се придружуваат нашите пореметени ментални состојби. Сите биолошки теории се обидуваат да ја докажат потчинетоста на жената во однос на мажот. Во суштината на поголемиот дел од овие теории стои идејата дека женските репродуктивни процеси - менструацијата, бременоста, доењето и менопаузата, трошат толку многу енергија што доколку жените би се насочиле кон  некој друг процес, тоа едноставно ќе ги лиши од нивната женственост и од исполнувањето на нивната улитимативна цел - да бидат добри сопруги и мајки.

Во минатото премногу често препишаните лекови за болестите од кои жените страдале биле всушност сурови казнувања, кои требало “проблематичните жени” да ги претворат во “добри жени”. Им се сечеле клиторисите, им се отстранувале матките и јајниците, насила ги хранеле и им препишувале “одмор”. Им ставале пијавици на усните на вулвите и на грлата на матките, а психолошкото измачување се оправдувало како чин на враќање на здравјето и честа.

Но ниту еден од овие лекови не се покажал како целисходен и најголем дел од причинителите останале само претпоставка – затоа што медицината ретко ги проучувала жените детално и продлабочено. Доволно е да отворите една медицинска книга за да увидите дека пример за човек е строен бел маж и секое отстапување од тоа се смета за недостаток и не е интересно, ниту вредно за научно истражување.

Сè до 1990тите години жените не беа вклучени во клиничките истражувања. Иако сме 70% од пациентите кои страдаат од хронична болка, 80% од лекарствата против болка се тестираат на мажи. Дури и во предклиничките истражувања со клеточни култури и глодари, се претпочитаат мажјаците. Истражувачите ја оправдуваат оваа пристрасност со тврдењето дека биолошките промени од репродуктивниот циклус кај женките глодари - како и менструалниот циклус на жените - потенцијално можат да ги загрозат наодите. Доколку тоа е точно, зарем не е важно да се имаат сознанија пред лековите да им се препишуват на жени?

8 од 10 лекови на рецепт се повлечени од пазарот помеѓу 1997 и 2000 година од Американската агенција за храна и лекови поради тоа што нивните штетни влијанија повеќе ги погодувале жените отколку мажите. Една студија од 2018 година укажува дека ова е резултат на “сериозна машка пристрасност во основните, предкличничките и клиничките истражувања”.

За да нештата бидат уште полоши, студентите по медицина никогаш не се подучуваат дека овие знаења се пристрасни. Едноставно, во медицинските школи не се размислува за тоа дека речиси сè што знаеме за човековата биологија се потпира на проучувањето мажи. И дека можеби, само можеби, сите тие жени кои се туткаат во чекалниците пред нивните ординации - жените на кои тие не знаат да им помогнат, се тука, не зашто се хистерични или си замислуваат дека се болни или се болни по внимание, туку затоа што се навистина болни и живеат со болка, а медицинската наука нема лек за нив.

Запрепастувачкиот недостаток од интерес за болестите од кои страдаат жените е затскриен од големите достигнувања во полето на акушеството и справувањето со ракот на дојка. Иако и овие сфери на медицината имаат свои недостатоци, несомнено е дека достигнувањата во нив имаат спасено милиони животи.

Но жените се многу повеќе од репродуктивни машини.

И неоспорно е дека, иако жените кои живеат со хронична болка не умираат во зенитот на својот живот од ужасна смрт како илјадниците кои умираат при породување или од рак на дојка, животот со болка води до анксиозност, депресија и самоубиство. Остатокот од нив остануваат врзани за кревет, не можат да работат, ниту да ги живеат своите животи во целост.

Ја напишав оваа книга бидејќи премногу жени живеат во болка, а таа болка никој не ја сфаќа сериозно. Истовремено се смета за очекувана, но и се негира дека постои. Нормализирање на болката се коси со човковата природа. Заслужуваме подобро.

 

објавено на 01.09.2019 на The Guardian 
Фотографија: Alamy Stock Photo