Од барут до масло на платно - патот на уметницата Ружица Јосифовска

Интервју на Тихана Бертек

Сликарка и професорка од Кавадарци, Ружица Јосифовска (1938) е една од петте добитнички на WoW наградите за жени кои влијаеле кон промени во Македонија. Во текот на своето долгогодишно работење во училиштата и подучување за ликовната уметност, Ружица инспирирала бројни млади уметници, за што примила многу награди и признанија. Иако е веќе во пензија повеќе години, таа и понатаму слика (користејќи еко бои), ги следи културните случувања, активна е на социјалните мрежи и води ликовна група за пензионери. 

 

  • Како започна Вашиот пат како уметница?

Мојот пат кон уметноста почна уште за време на Втората светска војна кога имав 3,5 год. Бевме прогонувани од секаде, немавме ништо. Куќите ни беа срушени, сѐ беше срушено. Првите цртежи ми беа направени од барут, вадевме барут од куршумите и цртавме на бетон. Брат ми го палеше барутот и тие беа моите први цртежи врежани на бетонот.

Главни играчки ни беа куршуми, пушки, сѐ останато на полето после војната. Тоа е почетокот. После војната во школо цртавме крижајка (крстозбор) на таблици. Како се школував учителот моите цртежи ги испраќаше во Белград и на разни конкурси каде постојано бев наградувана и тоа беше мојот поттик  за сѐ повеќе ликовно да се изразувам. 

 

Фото Драгица Николовска

 

  • Кои се Вашите омилени теми во сликарството и дали се менувале низ кариерата?

Во моите детски години темата беше моето опкружување. Постојано набљудував и тоа го пренесував на хартија. Моето средно образование во Лазар Личеновски, училиште за ликовна и применета уменост во Скопје, ги работев зададените задачи каде учев за ликовноста. Потоа во моите творби се изразував на современ начин, но бидејќи публиката немаше интерес за тие теми, продолжив со реализам на класичен начин масло на платно. Истражував разни правци, техники во уметноста, но се задржав на реализам. Имав силна инспирација од страна на македонската архитектура и фолклор. Во моите дела во тој период сликав народни обичаи како свадби и др. Постојано во текот на мојот живот сликав и портрети на моите најблиски. Во тоа време политичкото уредување на Југославија диктираше во нашите творби да се содржат и теми од НОБ (народно ослободителна борба) и за изградбата на земјата. Во тој период секоја втора година отварав големи изложби со над 40 дела и сите дела се продаваа.

 

  • Што мислите за програмите за ликовно образование и култура во денешните средни училишта?

Последните години во основното и средното образование предметот ликовно во наставната програма како да ја губи својата вредност. Порано имаше два часа неделно, блок часови и ликовни секции, додека денес сето тоа е сведено на минимум. Часовите се намалени, а со тоа и ликовните секции ја изгубија својата вредност.

 

  • Неодамна имавте ретроспективна изложба во Кавадарци. Што е тоа што особено Ве инспирира во тој крај?

На ретроспективната изложба беа прикажани мои дела од сите временски периоди. Од секогаш ме инспирирала старата македонска архитектура, обичаите и народниот фолклор. Во Македонија има многу природни убавини кои исто така ме инспирираат. Имам голем број дела на таа тема. Покрај природните убавини заедно со архитектурата и обичаите ги прикажувам и црквите и манастирите каде се гледа македонското богатство, а исто така работам и портрети на православните светци.

Фото Драгица Николовска

 

  • Добитничка сте на Орден за труд во социјализмот, врачен од страна на Јосип Броз Тито. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за тоа?

Јас како наставник  ликовните творби на моите ученици ги испраќав на сите конкурси и натпревари низ цела СФРЈ и надвор од неа. На секој конкурс моите ученици добиваа разни сертификати како: Златни медаљи, сребрени, бронзени медаљи, разни плакети, разни дипломи и др. За наградата Златна медаља од Ј.Б. Тито кога ме поканија во Белград, не знаев зошто ме викаат. Кога отидов таму во Белград ми кажаа дека добивам награда затоа што насекаде низ светот ја претставувам Југославија. Тоа беше свечен, богат настан кој пријатно ме изненади. Покрај наградите што ги добиваа моите ученици и јас бев наградувана.

Покрај наградата Златна медаља за трудот сум добивала и многу други високи, значајни сертификати како златна плакета за постигнати високи резултати во наставно-воспитната и општествена педагошка дејност, плакетата која ми е доста драга за истакнат педагошки работник во остварување на целите и задачите на воспитанието и образованието од републичкиот педагошки совет.

  • Во 1980-тите сте биле членка на парламетот во СФРЈ. Како дојде до тоа и какво е тоа Ваше животно искуство?

Во тој период кога беа бирани лица за во парламентот, ни тие самите не знаеја дека ќе добијат таква понуда. Јас сум била предложена од повеќе организации и луѓе и така се најдов таму. Таму бев член на одбор за образование, наука и култура, во физичка култура, и во комисија за меѓународни односи и односи со странство. Тоа беше искуство премногу богато за соработка со организации и установи. Како активна членка на АФЖ, многу дејствував за социјалните потреби на Кавадарци. Така, со помош на драгата другарка Вера Ацева, издејствував во Кавадарци да се отвори првата градинка за деца, со што жените ќе можат да се развиваат професионално и да одат на работа, што е многу важно за нивната економска самостојност.

 

Фото Драгица Николовска

 

  • Секогаш сте работеле со младите, а денес водите уметничка група за пензионерите во Кавадарци. Што е тоа што најмногу го сакате во работата со младите, а што со повозрасните?

Во градот во кој живеам, Кавадарци, младите се многу надарени за ликовно изразување и за музика. Со такви млади со такви ученици е огромно задоволство да се работи. Тие покрај талентот имаат голема креативност и интелигенција. Јас сѐ уште држам приватни часови бесплатни за млади со што ги усмерувам на правилно ликовно изразување и им помагам за нивното понатамошно образование. Постарите веќе се усмерени во својата работа, јас само го збогатувам нивното знаење со ликовните елементи и принципи.

Јас работев 40 години како ликовен педагог и многу сум задоволна што моите ученици за своите награди што ги освојувале во основното образование како средношколци и студенти добиле стипендија благодарение на тие награди. Исто така сум среќна и задоволна од моите 5 внуци, од кои тројца се високо образовани на ликовните факултети. Едниот од нив Игор Јосифов се школуваше во Сан Франциско и денес е познат светски уметник.

 

 

Доделувањето на наградите за Страшни жени на годината - Fierce Women WoW Awards е дел од активностите на проектот Women on Women кој заеднички во спроведуваат Mesto žensk во Словенија, Prostor rodne i medijske kulture K-zona во Хрватска, Тиииит! Инк. во Северна Македонија и Outlandish Theatre Platform во Ирска. Активностите ги ко-финансира Европската комисија во рамки на програмата Креативна Европа.