Верувам дека во 21 век, Ромите се водечки, општествени, еколошки и технолошки футуристи на Земјата

Ве покануваме да го прочитате интервјуто што Мања Величковска го водеше со Селма Селман, една од уметниците кои годинава се дел од програмата на фестивалот Прво па женско. Разговорот го инициравме по повод претстојната изложба „Без простор“ на Селма Селман во Музејот на современа уметност на 23ти август, во 20часот. Селман (р.1991) е млада уметница од Бихаќ, Босна и Херцеговина. Дипломирала на Факултетот за сликарство во Бања Лука на отсекот за Ликовни уметности (2014), и магистрирала на Универзитетот во Сиракуза (Syracuse University) на отсекот Ликовни уметности – Трансмедијалност, визуелни и изведувачки уметности во Њујорк, САД (2018).

Селма има ромско потекло. Таа живее во БиХ, во САД и низ Европа. Нејзините дела биле изложени во Kunsthalle во Виена, Австрија (2020); L'Onde Center for Art, во Париз, Франција (2020); на 58то Венециско биенале на уметноста, Италија (2019); во музејот Queens во Њујорк, САД(2019); во Villa Romana во Фиренца, Италија (2019); на Creative Time Summit во Мајами, САД (2018); на 3тиот Берлински есенски салон во театарот Maxim Gorki, Германија (2017); во acb Gallery во Будимпешта, Унгарија (2017); agnès b. Galerie Boutique во Њујорк, САД (2017); New Children Gallery во Њу Орлеанс, САД (2016); Kunstquartier Bethanien во Берлин, Германија (2016); во Музејот на современа уметност на Република Српска во Бања Лука, БиХ (2014). „Без Простор“ е нејзина прва изложба во Скопје.

 

М.В.: Селма, твојата уметност ја надминува идејата за мапирање или дефинирање на уметничкото дело. Првично, затоа што стои наспроти моделот за национална (или европска) уметност, но и затоа што претставува мрежа на процеси кои го одолговлекуваат нашето искуство на повеќе основи. Со тоа ја држиш публиката во постојано исчекување и способноста да се успее во тоа е херојска. Дали пронаоѓањето на специфичната тенка линија помеѓу (припаѓањето и неприпаѓањето / прифаќањето и негацијата / набљудувањето и станувањето на објект на перцепција) за време на перформансите ти е емоционално истошувачко или се чувствуваш ослободено штом влезеш во моќно патешествие од овој вид?

С.С: Преку перформансите ја изложувам универзалноста на сите суштествувања преку особеностите на моите лични искуства. Токму поради овој аспект на сестраност – битно ми е мојата уметност да комуницира со различни публики; и со оние кои се дел од светот на уметноста и оние кои не се. Ова можеби ги објаснува осцилациите на искуствата на публиката, но исто така резултира и со тоа да бидам истовремено истоштена и олеснета.

 

Како се чувствуваш секојпат кога ја изведуваш „Вие си немате појма“? Што се има сменето од твојата прва изведба?

Секој перформанс е посебен поради времето, просторот и публиката од кои сум опкружена. Чувствувам дека овој перформанс секогаш силно влијае врз луѓето и постојано добивам неверојатни повратни реакции од нив. Но, овој перформанс го немам изведено од 2017 година, па љубопитна сум да дознаам како ќе се чувствувам за време на претстониот перформанс идната година.

 

Изложбата „Без простор“ која ќе имаме прилика да ја погледнеме за време на фестивалот Прво па женско 8 е видео инсталација која ги осветлува можностите за визуелизација на физичката работа како конструкција на невозможности. Ова е еден тип на нагласување на работничкото тело во капиталистичкиот свет преку преиспитување на физичката стварност и на сопственоста. Но, ова не е првпат да го претставиш концептот на ГОЛЕМОТО ТЕЛО преку свртување на вниманието кон него или делови од него. Сличен ефект користиш и во триделната видео инсталација „Dance“, „Belly“ и „The“, каде го изведуваш стомачниот танц прикажувајќи ги другите, периферни елементи од танцот. Како зголемувањето на одредени аспекти во релацијата со стварните димензии на просторот придонесуваат во промена на видното поле и зошто е тоа толку значајно во контекст на променувањето на границите на возможното?

Во мојата уметничка практика сакам да ги направам видливи и достапни процесите кои ги користиме за да воочиме што ни е заедничко со екологијата, општеството и технологијата. Ставајќи ги луѓето во позиција каде ќе можат симултано да почувствуваат различни типови на емоции и на мисли преку едноставни перформанси, уметноста станува корисна алатка за реобмислување на општеството и на неговите процеси.

Она што им е заедничко на двете дела е тоа што и во обете го користам своето тело, како парадокс и како провокација, за да ги предизвикам перцептивните процеси кои ги конструираат дефинициите на физичките, општествените, технолошките и уметничките веројатности.

 

Сите твои перформанси се извојуваат едни од други, но „Солена вода после 47“ ти се разликува како миграционен патопис. Овде ја раскажуваш приказната за првиот контакт на твојата мајка со морето, 47 години по нејзината миграција од Косово во Босна, за време на што таа не можела да се стекне со државјанство. Просто фасцинантно е што мајка ти ти предложува да го снимиш овој момент. Таа дури и ја вкусува водата, како да проверува дали тоа што ѝ се случува е вистина. Ова е слично како кога се штипнуваме за да провериме дали сонуваме или не, нели? Како има влијаено нејзината приказна врз твојата перцепција на идентитетот и раселеноста?

Цитирајќи ja непотполноста на концептот „биополитика“ на Фуко, а кој е во врска со растечкото управување со „живите тела“ (live bodies), Гржиниќ го користи концептот „умртвување“ (deading) како носечка рамка за теоретизирање на системската продукција на раселеноста, која вклучува небезбедна имиграција, осиромашување и концентрациони кампови кои впрочем не создаваат мртви тела. Во однос на ова, дојдов до сестрински концепт кој го нареков „живуркање“ (life-ing). Тој реферира на активностите на телата, чиишто краткорочен фокус е преживувањето на сеприсутните опасности кои му се закануваат на нивното физичко истребување, за време на што тие тактизираат, ги предвидуваат и ги избегнуваат нив за да го прошират делокругот на своето живеење. Овие тела вообичаено се создаваат преку ситуции на незаштитена имиграција, осиромашување и концентрациони кампови кои те фаќаат во стапица.

Во „Солена вода после 47“ „живуркањето“ ги опишува активностите коишто го обликувале животот на мајка ми 47 години, пред таа да добие државјанство. Делото зборува за тоа на кои сѐ начини апстрактите граници креирани од апстракции, како државите, можат да се реформулираат на ниво на лични соништа и двете да влијаат врз нашата врска со физичките простори.

 

И претходно имаш зборувано за колекцијата „Слики на метал“ (кои ќе имаме шанса да ги видиме за време на осмото издание на фестивалот Прво па женско), како и за двата перформанса „Авто-портрет – AEG Vampyr“ и „Авто-портрет“ и тематската употреба на металите како елементи за преживување. Во последниве два перформанса го реплицираш процесот на уништување на една машина за перење и неколку правосмукалки, издвојувајќи ги нивните пластични и метални делови. Можеш ли да ѝ кажеш на нашата публика повеќе за тоа што оваа пракса претставува за тебе?

Мојата фамилија зависеше на пренаменувањето на отпадот од метал во ресурс за издржување на својата благосостојба. Јас ја употребувам оваа работна пракса преку изложување на работничките тела кои заработуваат за живот преку реалмот на современата уметност.

Ова има свои корени во серијата на перформанси која ја развивам веќе 4 години, каде ги интегрирам перформативната уметност и физичките вештини, кои јас и мојата фамилија ги користиме при деконструирање на машини, за рециклирање на нивниот отпаден метал.

Раните дела го визуелизираат уништувањето на машината за домашна работа која беше асоцирана со потчинувањето на домаќинките повеќе од еден век, но и достигнуваат катарзичен момент кога ги смирувам внатрешните тензии што ме уништуваат и ме создаваат. Суштината на мојот процес тежнее кон синтетизирање на импровизирачките материјални практики кои го одржуваат моето семејство со уметничките практики и концепти.

Кога, пак, првпат учев традиционално портретирање, ги применив своите сликарски вештини за да сликам на парчиња старо железо кои мојата фамилија ги користи за преживување.

 

Бидејќи една од проблематиките во фокус на овогодишното издание на Прво па женско е и реализирањето на фестивалото со нула пластичен отпад, се прашувам, дали луѓето ги асоцираат твоите перформанси со значењето на трудот и опстанокот или со различните перцепции за она што се смета за вредно, земајќи предвид дека живееме во општество коешто е зависно од консумација на пластика?

Верувам дека во 21 век, Ромите се водечки, општествени, еколошки и технолошки футуристи на Земјата. Веќе од прилика 100 години, како угнетено малцинство на модерниот Запад, ние рециклираме отпад да се себе-одржиме, што дури сега како морална, општествено-економска и еколошка пракса почнува да се вреднува. Посакувам повеќе луѓе да ја разбираат мојата работа и како начин за реобмислување на материјалната уметност, која истовремено го задржува своето овластување врз автономијата.

 

Со твојата иницијатива „Неучилиште за уметност“ средствата од купопродажбата на твои уметнички дела коишто се пренаменуваат во стипендии за непривилигирани девојчиња, додека со проектот „Марш у школо!“ (Marš u školu/Get the Heck Back to School) се обезбедува поддршка на девојчињата Ромки кои се во основно и средно училиште преку, нивно стипендирање и дневна ужина. Преку овие две движења избираш да зборуваш за децата кои се постојано изложени на дискриминација во образованието и овој тип на активизам го нарекуваш „АвтоФеминизам“. Можеш ли да го објасниш значењето на овој термин и неговата улога во твојата борба против неправдата?

Проектот „Марш во школо“ (Marš u školu/Get the Heck Back to School) има за цел да обезбеди стипендии и училишни оброци на децата Роми, претежно девојчиња, од Бихаќ. Преку настани за собирање на средства и продажба на моите уметнички дела, проектот до сега има поддржано повеќе од 50 ученици/чки. Проектот таргетира посебно девојчиња, затоа што традиционалните ромски заедници претпочитаат да инвестираат во образованието на машките, но и бидејќи се стремиме да ја елиминираме практиката на склучување на рани бракови коишто честопати го спречуваат понатамошното образование. Проектот е добро прифатен меѓу заедницата, влијае на перцепцијата за значајноста на образованието и има намера да го подобри не само животот на децата, туку и на колективот. Тој го подигна и со декади непроменливиот просек на завршување на основно образование во оваа средина од 20 % на 90 % и е единствен проект од овој тип.

Во своето јадро проектот се заснова на поништување на најзначајниот тип на нееднаквост – онаа врз младите жени. Тоа јасно ја дефинира и крајната цел на проектот, односно – градење на самостојни и креативни жени кои имаат животна урамнотеженост. Ова изискува жените да научат вештини и да се стекнат со знаења кои ќе им овозможат самостојно да ги истражуваат и да оперираат со своите можности.

Терминот „АвтоФеминизам“ (AutoFeminism), пак, го исконструирав од феминизмот на веројатноста заснован на холоморфизмот, како нова гранка на математиката која успешно се користи за обликување и прилагодување на најтешките проблеми од природните науки, оние што се однесуваат на течностите, протокот на воздухот, авионското инженерство и креативните можности на екологијата.

 

Голем дел од твојата работа се заснова на директна и активна интеракција со заедницата, на патување помеѓу два континента, на врските со твојата фамилија и другите луѓе, а уште поважно – со живата публика. Како влијаеше здравствената криза со Ковид-19 на твојата врска со уметноста и наставната дејност?

Како многумина, бев повеќе присутна онлајн и ги користев социјалните медиуми како алатки за да ја прикажам мојата уметност и да ги споделам своите мисли. Ова не е голема промена за мене бидејќи во последните неколку години јас предавам онлајн. Мислам дека безбедното дистанцирање влијае на тоа како ги читаме сликите, телата и просторот. Додека поголемиот дел од претходната култура се состоеше од вокабулар што бараше перформанси во живо, изведени на лице место, верувам дека истражувањето на новите можности на виртуелните комуникациски технологии, ни дозволува да мислиме, да се чувствуваме и да создаваме на различни начини. Не мислам дека е неопходно да ги избришеме старите културни практики со „нова генерација“, туку дека повеќе културни практики можат да имаат соживот и да се мешаат.

 

Како практикувањето на безбедно дистанцирање влијаеше на нашата перцепција на уметноста и што е тоа што хроничната виртуелна комуникација ни го дозволи, а што ни одзеде нам како гледачи, како читачи, како мислители, како уметници итн.?

With crisis comes opportunity.

 

Знам дека соработуваш со особено ценетата и значајна за нашиот контекст Сузана Милевска, која е кураторка на твојата изложба во Марибор и чија што работа Тиииит! Инк. ја следи. Колку ти е важно да соработуваш со други, особено со жени кураторки, критичарки и уметници?

Возбудена сум што соработувам со Сузана Милевска на курирањето на мојот настан, чија што подготовка е во тек. Перформансот „Без Простор“, пак, беше куриран од страна на мојата пријателка и одлична уметница Ивана Ивковиќ. Заедничката поддршка и почит што ги имаме една за друга нѐ споија и ни овозможија да направиме значајни работи. Мислам дека соработката меѓу жените кураторки, критичарки и уметници е неверојатно важна за развој. Не можеме апстрактно да зборуваме за нов свет – мора активно да го градиме него! Интеграцијата на нашите верувања во односите со другите, експериментирањето со нив и нивната реформулација се составни делови од создавањето на подобра уметност и подобар свет. Секако, ова е ризично, па затоа мислам дека е битно јавно да се каже дека иако дупки на патот ќе има, сепак треба да останеме фокусирани на поголемата цел.

 

За крај, на што работиш во моментов? Што може да очекуваме да видиме од тебе во иднина?

Пред само неколку денови го отворив моето студио, кое ќе биде простор за изложби и за работилници. Истовремено, просторот ќе служи и како медиумска и уметничка библиотека каде секој од селото, особено децата, ќе можат да изнајмуваат лаптопи и книги. Планирам студиото да стане простор каде луѓето ќе се стекнат со најзначајното знаење за културата и светот. Исто така, треба и да се одморам бидејќи долго работев многу интензивно. Во план ми е да се смирам себеси, да читам и да правам нови дела.

 

Изложбата на Селма Селман е дел од WoW Program кофинансирана од Програмата на Креативна Европа на Европската Комисија.

#ППЖ8 #womenonwomen #wowprogram
Mesto žensk, VoxFeminae, Outlandish Theatre Platform